Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани
Фељтон: Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата (1)
Да се зборува за „политика“ како единствен поим не е лесна работа. Распространетоста и честата употреба на изразот „сѐ е политика“ најдобро зборуваат за неразбирањето на вистинската природа на политиката. Овој збор (политика) добива многу различни значења, кои го замаглуваат вистинското. Политиката секако е власт, но истовремено е и принцип на организирање на општествениот поредок. Но повеќе од очигледно е дека политиката е и вештина на владеење со државата од страна на организиран политички субјект. Најчесто тоа е политичка партија или коалиција составена од повеќе политички партии. И на крајот, политиката е и постојана отворена расправа, дебата и дијалог за принципите и вештините на управување и начините на доаѓање до власта и практикување на истата таа. Вака сфатена политиката има тродимензионална природа: таа е работа на владата што владее, истовремено е и задача на луѓето од политиката – политичарите организирани во политички партии, како и работа на избирачкото тело – граѓаните.
Овде нема да предлагаме ниту една цврста и нефлексибилна дефиниција на политиката и политичката сфера. Материјалот пред вас претставува нов современ приод на поимот политика од аспект на субјектите – политичките партии – кои ја практикуваат, принципите на кои се придржуваат и начините на практикувањето, како и ефектите и резултатите што треба да се покажат и постигнат. Значи, најконкретно станува збор за политиката како вештина за освојување власт, политиката како разработка на она што треба да биде остварено додека се практикуваат власта и политиката како начин, т.е. модус за реализирање на сето она што е напишано и содржано во политичките програми.
Слободно може да се заклучи дека политиката истовремено е дефинирање цели, но и трагање по најсоодветните начини за остварување на тие цели. Ваков аналитички, но истовремено и историски приод кон поимот и суштината на политиката имале повеќе познати автори што ја проучувале природата на политиката. Секако прв меѓу нив е Аристотел со својата „Политика“, но тука се и Макијавели со „Владетелот“, Хобс со „Левијатан“, Спиноза со „Политички трактат“ и „Теолошко–политички трактат“, Русо со „Општествениот договор“ и други. Сите тие зборуваат за вештината на воспоставување стабилно општество, човековата слобода, правдата и остварувањето на демократскиот идеал. Тоа значи дека мислителите низ вековите што поминале се обидувале да ја дефинираат политиката и да ја определат политичката сфера, сакајќи да докажат дека политиката има специфични карактеристики и своја автономија. Но, денес, оваа констатација за политиката, од реалноста е доведена во прашање – како фактички така и правно. Во овој контекст граѓаните сѐ повеќе мислат дека денешната политика е повеќе авторитарна, напати и тоталитарна, а помалку демократска. Сѐ повеќе се појавува потребата за повикување на моралот и/или правото во одбрана од политиката. Ваквите критики на политиката се основани и бараат повторно воспоставување на врската помеѓу политиката и човекот, како и помеѓу политиката и општеството.
Сепак, не треба да западнеме во мистиката на политиката. Едно е да се каже дека без политика нема општество на слободни граѓани, а сосема друго е да се верува дека идеалната политика може да ги разреши многубројните кризи присутни во современите општества. Токму затоа политиката е пред сѐ континуирана расправа, не од механички или логички причини, туку затоа што политиката не е ништо друго освен разговор за луѓето и светот во кој живеат. Свет без изненадувања е неинтересен и може да постои само на Марс. Авантурите на политиката отсекогаш биле резултат само на бесконечниот процес на случувања, настани и состојби што сѐ уште траат.
Во уметноста постои една слика наречена „Фудбалери“. Истата таа ќе ја искористиме за нашите размислувања за практикувањето на политиката. Никој на посочената слика не може да ја пронајде фудбалската топка. Но сите форми содржани во истата таа конвергираат кон замислената топка. Невидлива, топката сепак е средиште на сликата. Слично е и со политиката: никој никогаш не ја видел, но без неа ниту човекот може да живее, ниту пак општеството може да функционира и опстојува.
Политиката, според општа согласност, е еден од најопштите поими на целокупната општествена мисла. Како дејност на човекот, политиката е во човековото секојдневие на сите епохи и во сите досегашни заедници. За да се објасни поимот „политика“ треба да се проучи како историската така и проблемската димензија на политиката. Во тој контекст приодот треба да биде современ и актуелен, а одредувањето преку нејзините функции и карактеристики. Една интересна дефиниција за политиката би била дека: таа е дејност на јавно одлучување за сите работи што се однесуваат на опстанокот, функционирањето и развојот на општествената заедница. Политиката има три конститутивни области: владеење, интерес и јавност.
Сите овие три области на современата политика имаат свои структурни специфики и секоја од нив изразува по еден карактеристичен и препознатлив политички феномен. Така, владеењето се препознава во политичката моќ, интересот се остварува преку политичката партиципација, а јавноста е карактеристична за политичката комуникација. Исто така, владеењето се потпира на систем на институции и установи на извршната, управната и судската власт (држава во потесна смисла на зборот), интересот се реализира преку претставничките тела, а јавноста функционира врз основа на непосредната и посредната комуникација на граѓаните. Сите институции и дејности во овие три области еднакво се нарекуваат политички.
Политиката на современиот актуелен момент претпоставува меѓусебна рамнотежа на наведените три области, а секоја област посебно има јаки причини за постоење: владеењето во поредокот, интересот во потребите и јавноста во слободата. Така, кога причините на поредокот ќе надвладеат над причините на потребите и слободата, политиката добива авторитарна арома. Исто така, кога целокупната политика се претвори во посебни интересни застапувања се доведува во опасност одржувањето на целината на општествената заедница. Сепак, во современите општествени заедници, безмалку секогаш постои надмоќ на едната област на политиката над другите две други. Најчесто се случува владеењето да ги потисне и притисне областите на јавноста и интересите. Затоа и современата политика ја карактеризираат политички борби, движења, процеси и судири за подобро претставување и поголема политичка слобода.
Политиката подразбира постоење на политички субјекти. Тоа се државата, граѓаните, политичките партии и преостанатите најразлични општествени и граѓански организации. Политиката има средства на политичко дејствување. Тие се економски, правни, морални, пропагандни, воспитни, образовни и други. Сепак, најспецифично средство на политиката е државата. Посебно социолошко обележје на политиката е идеологијата. Идеологијата е збир на идеи за политиката и општеството, поточно идеи за правецот и насочувањето на општеството. По својата природа, како формулација на одредени цели, политиката делумно е неостварлива – ветување без покритие. Токму затоа водењето на политиката е вештина со многубројни психолошки моменти. Оваа вештина, многу често, вклучува и неморални и брутални средства. Какви средства ќе бидат употребени во остварувањето на политиката зависи од политичката култура.
Сотир Костов
(продолжува)