Фото: Архива

Во однос на апсолутното совпаѓање на ставовите на власта и на опозицијата за носењето измени на Законот за формирање граѓански здруженија и унисоното гласање по истиот тој, евроамбасадорот Дејвид Гир со „нешто“ предизвикан изјави дека „сето тоа мора да биде усогласено со меѓународните стандарди“, дискретно навестувајќи сомнеж за можноста за неусогласеност на односниот закон со меѓународните стандарди, небаре донесениот закон против величање на фашизмот во нашиот парламент има елементи на неусогласеност со европската регулатива?!

Консензусот во изгласувањето на измените на Законот за граѓански здруженија и фондации во Собранието, и покрај подоцнежното враќање на вообичаената меѓупартиска комуникација со меѓусебни дофрлања, сепак претставува израз на заедничка свесност на политичките чинители во Македонија за општествениот револт предизвикан од изблиците на неофашизам во нашата земја, односно од континуираното отворање т.н. граѓански здруженија со имиња на фашистички соработници. Овие здруженија, наводно, се иницијатива и се регистрирани од македонски граѓани што декларираат дека имаат бугарска самосвест, но со присуството на бугарскиот државен врв при отворањето на клубот „Иван Михајлов“ во Битола не може да се одминат очигледните индикатори на поддршка на бугарската држава за овие проекти, за кои се покажува дека се бугарски политички инструмент за опструкција на македонските евроинтеграции. Правните експерти во оваа појава на наплив на здруженија на самосвени Бугари во Македонија со имиња на историски контроверзни личности препознаваат стратегија на бугарската држава за постигнување „компензација“ пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур (орган на Советот на Европа), кој ѝ има изречено 17 пресуди на Бугарија дека не дозволува здружување на нејзините граѓани што се изјаснуваат како Македонци. Некои од пресудите на ЕСЧП, Бугарија ги нема спроведено речиси 20 години, па постојат основани сомневања дека со отворањето клубови со контроверзни имиња, сака во Македонија да испровоцира ситуации за тужби и пресуди пред Европскиот суд за човекови права, какви што самата не ги почитува и спроведува.

Речиси веднаш по усвојувањето на измените на Законот за граѓански здруженија и фондации во македонското собрание се огласи лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, со порака бугарското собрание да го врати ветото кон преговорите на Македонија со Европската Унија. Трифонов бара Софија да го врати ветото затоа што во Македонија се носи нов закон за здруженија на граѓани, со кој најверојатно ќе бидат дерегистрирани бугарските здруженија „Цар Борис Трети“ во Охрид и „Иван Михајлов“ во Битола, затоа што законот предвидува да не може за имиња на здруженија да се користат личности што биле фашисти или соработувале со фашизмот. За Трифонов, ова е доказ дека во Македонија „се води војна против сè што е бугарско“ и дека прва работа што треба да го стори новиот состав на бугарското собрание е „веднаш да ја замрзне кандидатурата на Северна Македонија за членство во Унијата“. Иако Трифонов веќе не е дел од бугарскиот парламент, искуството во билатералните односи на Македонија и Бугарија има доволно ситуации што укажуваат дека актуелните бугарски „политички маргиналци“ први го пренесуваат гласот за намерите на официјалната политика.
Иако во Македонија беше постигнат консензус за измените на Законот за граѓански здруженија и фондации, за кој се наведува дека е заснован на препораките и општите акти на Советот на Европа, кои стриктно отфрлаат величање на фашизмот, евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, сепак потсетува дека добрососедските односи се клучен елемент во пристапниот процес, и тоа, како што вели, „се однесува на сите земји, а дискусиите за историјата се прашања што билатерално треба да се решат меѓу две земји. Во однос на обединувањето на власта и на опозицијата за носењето измени на Законот за формирање на граѓански здруженија, Гир наведува дека сето тоа мора да биде усогласено со меѓународните стандарди.

– Вообичаено не коментирам предлози за промени во законите и јавно тоа не е моја работа. Она што е важно, е што и да се направи, тоа мора да биде усогласено со меѓународните стандарди – порача Гир, дискретно навестувајќи сомнеж за можноста за неусогласеност на односниот закон со меѓународните стандарди.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, укажува на главните критериуми за квалитет на еден закон, односно неговата усогласеност со меѓународните стандарди што ги цени ЕСЧП, а тоа се: јасност, прецизност и предвидливост.
– Јасноста на законите подразбира нивна разбирливост во практиката, прецизноста се однесува на тоа да не остава простор за различни толкувања, додека предвидливоста укажува на тоа кој е наредниот чекор што го презема државата ако не се постапува според законот. Изменетиот Закон за граѓански здруженија и фондации, иако изгласан во Собранието, сѐ уште не стапил во сила, па нема аргументи од практиката што би укажале на неговата усогласеност со меѓународните стандарди. Од она што е достапно во јавноста за содржината на законот, можам да разберам дека сепак не се задржува само на рестриктивност во однос на именувањето на здруженијата при нивната регистрација (забрана за користење имиња што имплицираат на фашизам), туку ги опфаќа и целите и програмите. Доколку рестриктивноста останеше само на именувањето на здруженијата, секако, ќе беше дискутабилна усогласеноста на законот со меѓународните стандарди. Веќе имаме изгубено еден таков случај пред ЕСЧП, за именувањето на здружението „Радко“, што претставува искуство дека само името на здружението не е доволен доказ пред судот за деструктивноста на намерите на некое здружени, туку тоа треба да се цени според декларираните цели и програми. Сепак, дополнителни дилеми ми остава барањето за ретроактивно дејство на законот, односно да се избрише регистрацијата на веќе регистрираните здруженија. Ќе биде потребно тој момент на ретроактивност прецизно да се аргументира – вели судијката Маргарита Цаца Николовска, која укажува дека за евентуална тужба пред Европскиот суд за човекови права, сепак прво треба да се исцрпат си правни можности во државата.
Имајќи ја предвид можноста здруженијата да поднесуваат програма што е бенигна во својот опис што Централниот регистар мора да ја прифати, одредени аналитичари го отвораат прашањето дали во конкретниот случај во бугарските здруженија во Македонија, одбивањето на нивната регистрација (дури и ретроактивна дерегистрација) од страна на Бугарија ќе биде протолкувано како провокација, што ќе се одрази на опструкции во македонските евроинтеграции.

– Ако Бугарија го врати ветото кон Македонија со образложение дека ние не дозволуваме регистрација на здруженија именувани според докажани соработници на Хитлер и фашизмот, само напред. Целосно ги поддржувам во таа намера – тоа ќе биде најдобар подарок за Македонија пред европската и светската јавност – вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции на Македонија.
Останува уште деновиве да се изјасни повторно евроамбасадорот Гир, откога ќе го разгледа донесениот закон, чиј дух е против рециклирање и величање на фашизмот, дали тој или европските експерти пронашле неусогласености со меѓународните стандарди.