Фото: Маја Јаневска-Илиева

Крајно време е претставниците на меѓународната заедница, наместо само со еднонасочен притисок спрема Македонија, со потрошени и неправедни аргументи, да се зафатат со разумна дипломатска комуникација и спрема уценувачите во своите редови (земји членки на ЕУ), потсетувајќи ги на принципите на меѓународното право, почнувајќи од еднаквата сувереност и реципрочност во билатералните односи и вредностите на ЕУ, како на правото на самоопределување и самоименување како основни човекови права…

Запаливи недипломатски изјави на странски дипломати: „Македонија забрзано си игра со оган, игра една опасна игра“

Во очекувано тензичниот амбиент на министерскиот совет на ОБСЕ, кој изминатиов период се одржуваше во Скопје, како завршница на претседателството на Македонија со оваа регионално-безбедносна организација, некои од странските дипломати присутни на самитот (но и постојано акредитирани дипломатски претставници во државава) го искористија моментот да упатат уште еднаш „препораки за земјата домаќин“ (Македонија), во контекст на нејзините предизвици поврзани со евроинтеграциите. Во одделни изјави и интервјуа за македонски медиуми, некои од високите дипломати, на пример, холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан де Коп, како и новиот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, повторија дека т.н. француски предлог на преговарачката рамка (која треба да се активира откако Македонија ќе спроведе уставни измени за внесување на Бугарите како „дел од народ“ во својот конститутивен акт) на некој начин е понуда „земи или остави“, пред „вратата на ЕУ во некој момент да се затвори“. (?!)

Далеку од демократски и дипломатски е пристапот – „земи или остави“

– Во интересот на мојата земја е да ја поддржи Македонија на патот кон ЕУ. Сакаме оваа земја да биде во ЕУ. По минатонеделните избори во Холандија гледаме брз пораст на партии што се против проширувањето, или ако сѐ уште се за проширување, тогаш тоа е само ако условите се исполнети и тука се многу строги… Оттука, мојот впечаток е дека Македонија забрзано си игра со оган, игра една опасна игра. Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не можете и понатаму да ја земате здраво за готово таа поддршка. Треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо, или како што стравувам таа можност може да исчезне и во некој момент вратата ќе се затвори – предупреди холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан де Коп, според кого, „нереално е да се очекува и по изборите во Македонија наредната година, да се направи подобар договор со ЕУ за продолжување на преговорите“.
Со сличен предупредувачки тон за македонските евроинтеграции се обрати и помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, не земајќи ги предвид аргументите на македонската јавност за незадоволство од понудената преговарачка рамка, како и претходните неисполнети ветувања на ЕУ при слични условувања на меѓународната заедница.
– Има понуда на масата, треба да ја земете. Ако не ја земете, ѝ вртите грб на историјата, искрено. Тој пат може да изгледа задоволувачки, но тоа ќе ја чини вашата економија, ќе причини повеќе луѓе да сакаат да ја напуштат земјата и, генерално, ќе ја уназади земјата – изјави во интервјуто помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, потсетувајќи дека ЕУ е изградена врз компромиси и ставање настрана на конфликтите за креирање на големиот проект, секако, без да навлезе подлабоко во фактичката состојба дека од Македонија се очекуваат исклучиво еднострани компромиси, практично уцени, на штета на националниот идентитет и постоењето на македонскиот народ.

Целосно идентично на она што ни се случуваше со Преспанскиот договор

Не е толку одамна, за да биде заборавено во македонската јавност дека и пред потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и за време на неговото спроведување во уставноправниот систем на Македонија аргументите на неговите поддржувачи и на меѓународната заедница за „фаќање на моментот“ беа истите: избори во Европскиот парламент, избори во САД, брз раст на партиите во земјите членки на ЕУ што се против проширувањето… Очигледно е дека помина цел еден изборен циклус во ЕУ, кај нејзините земји членки, па и во САД… од четири до пет години, а понудите, ветувањата и заканите од видот „земи или остави“ за Македонија не се остварени. Можеби, конечно е време, наместо само со еднонасочен притисок спрема Македонија, со потрошени и неправедни аргументи, претставниците на меѓународната заедница да се зафатат со разумна дипломатска комуникација и спрема уценувачите во своите редови (земји членки на ЕУ), потсетувајќи ги на принципите на меѓународното право, почнувајќи од еднаквата сувереност и реципрочност во билатералните односи и вредностите на ЕУ, како на правото на самоопределување и самоименување како основни човекови права…

Решавањето билатерален спор се заснова на некаков минимален реципроцитет: Софија да пронајде сили да го препознае македонското малцинство, спроведувајќи ги пресудите од ЕСЧП

Во контекстот на уставните измени како услов за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, на кој бирократски, без навлегување во суштината и последиците, инсистираат и дипломатските претставници од меѓународната заедница, професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правно-политички истражувања наведува дека тоа е условување со решение на билатерален спор за да почнат мултилатерални преговори. А решавањето билатерален спор се заснова на некаков минимален реципроцитет, што во случајов значи во Бугарија да пронајдат сили да го препознаат македонското малцинство и да ги спроведат пресудите од Европскиот суд за човекови права. Наедно тоа е и препорака до странските дипломати каде да го насочат своето влијание кон бугарската страна.
– Јас сум против внесување на Бугарите во македонскиот устав, безусловно, доколку тоа е дел од билатерален однос. А се повторува дека тоа е билатерален однос и не е дел од мултилатералата, не е дел од она што се пристапни односи кон ЕУ. Ако е билатерален спор, тогаш билатералното решение подразбира да се најдат двете страни на некоја заедничка точка. Тоа значи барем некаков минимален реципроцитет, кој би се дал од страна на Бугарија. Немам ништо против Бугарите да влезат во преамбулата на нашиот устав доколку тие најдат сили да го препознаат македонското малцинство и да ги исполнат пресудите на ЕСЧП од Стразбур, кои се поврзани со регистрирање здруженија и политички партии на Македонци во Бугарија. Доколку Бугарија го направи тоа, можеме да го решиме билатералниот спор. Доколку не го направи тоа, ние се доведуваме во ситуација на потчинетост. Тоа ја става Македонија во позиција на земја од втор ред. Тоа не е добра позиција за какво било здружување, а најмалку во ЕУ – вели професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правно-политички истражувања.