Во вториот круг од Претседателските избори на гласачкото место број 5.003 во Амбасадата на Македонија во Брисел до 17 часот гласаа 36 од вкупно 93-та македонски државјани кои се регистрирале за гласање, што претставува излезност од речиси 39 отсто.
Како што изјави за МИА претседателот на Избирачкиот одбор на ова гласачко место, Леонард Марку, гласањето започна на време во 7 часот и во текот на денот не се забележани никакви неправилности и нерегуларности.
– Се очекува по 17 часот, кога завршува работното време на повеќето вработени во Белгија, да има и поголема излезност на регистрираните гласачи – додаде Марку.
Инаку, со излезност од речиси 39 отсто, Амбасадата во Брисел е едно од дипломатско-конзуларните мисии со најголем одѕив на гласачите во вториот круг на Претседателските избори.
На избирачкото место во Амбасадата во Брисел гласаат македонски државјани кои живеат и работат во Белгија и Луксембург. Тие гласаат само на Претседателските, но не и на Парламентраните избори поради малиот број на граѓани кои пројавија интерес за гласање.
Согласно изборниот закон, гласачите пред пристапувањето на гласањето се проверуваат со УВ-лампа, по што се идентификуваат со документи за лична идентификација и гласаат, по што се обележуваат со УВ спреј.