УТРЕ ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА ЗНМ
Неодамна истече крајниот рок за пријавување кандидати за позициите во органите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Во ЗНМ пристигнале севкупно 47 кандидатури, од кои три за претседател на Здружението, 24 за членови во Управниот одбор, девет за членови во Надзорниот одбор и единаесет за членови во Советот на честа.
За претседател на ЗНМ на овие избори се кандидираа новинарите (по редослед на пријава): Младен Чадиковски, Фиљана Кока и Марјан Николовски.
Во интерес на јавноста и поради значењето на новинарската професија, ги претставуваме клучните поенти од програмите на кандидати за претседател на ЗНМ.
Клучни точки од програмата на Младен Чадиковски
• Основање фонд за медиумски и новинарски продукти за издигнување на квалитетот во новинарството и истовремено кревање на стандардот на новинарите.
• Конечно усвојување на законот со кој нападите врз новинарите се сметаат како напади врз службени лица, рок: јануари 2023. ЗНМ иницира и презеде активна улога во рамките на МАНУ за ревидирање на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
• Инсистирање на побрзи реформи во јавниот сервис, преку избор на нови членови во советот на МРТВ и ново раководство.
• Инсистирање на финансиска независност и одржливост на јавниот сервис.
• Инсистирање на избор на новите членови на советот на АВМУ во Собранието.
• Ограничување на работата на владиниот пиар.
Со оглед на тоа што речиси сите владини министри и директори вработуваат новинари, сниматели и фоторепортери, Владата се наметнува како еден од најсилните медиуми во земјата, што не смее да се дозволи. На овој начин се зема работата на медиумските професионалци и, наместо новинарски извештаи, се сервира владина пропаганда.
• Зголемување на транспарентноста на институциите.
• Се предвидува засилување на улогата на шесте регионални центри на ЗНМ преку: отворање канцеларии на ЗНМ во соработка со МРТВ и МИА, или самостојно, во зависност од потребите на регионалните центри.
• Во однос на улогата на ЗНМ се предвидува јакнење на постојните секции на: сниматели, спортски новинари, млади новинари, фоторепортери, филмски критичари, преку заеднички и поединечни обуки, конференции, семинари, тим-билдинг активности.
• Воведување нов модерен систем на членски картички и подобрување на квалитетот и заштитата на картичките на членовите на ЗНМ.
• Дополнителни бенефиции за членство.
• Во 2023-та организирање меѓународна мисија со професионалци од кредибилни и признаени медиумски организации за скенирање на состојбите во медиумскиот сектор, со посебен акцент на медиумската регулатива.
• Изработка на нов стратегиски план 2023-2026, со вклученост на сите членови на транспарентен начин и експертска помош од стручни лица.
• Формирање ЗНМ-академија, по примерот на холандското здружение на новинари, со постојани обуки за напредно известување.
• Градење на капацитетите преку обука и студиска посета на новоизбраните членови на Советот на честа при ЗНМ.
Клучни точки од програмата на Марјан Николовски
• Визија за ЗНМ: Поставената цел што оваа визија треба да ја постигне во следниот период е Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) да прерасне во одговорна организација што ќе ги обединува новинарите, уредниците, снимателите, фоторепортерите и ќе создаде шанса и простор младите генерации новинари да растат активно учествувајќи во процесите на Здружението.
*Структуралност: 30 отсто млади до 35 години во Управен одбор. Отворени листи за избор на членови на УО, НО, СЧ, како тим-предлози.
*Широк легитимитет, преку избор на собрание, за предлозите од ЗНМ за членови на регулаторни тела.
* Јакнење и развивање на ЗНМ, регионални центри, прес-клуб во Скопје, регионални канцеларии во внатрешноста.
* Основање свој медиум.
* Фестивал на документарен филм.
* Награди и солидарен фонд: Солидарниот фонд е идеја со подолг стаж во ЗНМ. Оваа визија зборува за сериозен фонд, кој може да се полни по разни основи. Една од опциите е со доброволно партиципирање и од бизнис-заедницата, но без никакви обврски. Фондот ќе може да се користи само во исклучителни ситуации, под строго утврдени критериуми.
*Електронско или регионално гласање.
* Електронска членска картичка и бенефиции: Електронската членска картичка на ЗНМ е нешто на што мора итно да се работи. Наедно, таа картичка треба да овозможи олеснет пристап до бенефициите од членството. Паралелно мора да се обезбедат што повеќе и што повредни бенефиции за членовите на ЗНМ, но и за членовите во внатрешноста.
* Центар за обука на новинари и партнерска соработка со Факултетот за новинарство.
* За стратегиско партнерство со ССНМ: НЕ за новинарска плата под државниот просек. ДА за колективни договори. ДА за бенефиции во стажот.
* ЗА одговорен и професионален медиумски бизнис. Новинари и медиуми како партнери, а не спротивставени страни.
• Воспоставување соработка со судовите, процеси на медијација за решавање судски спорови.
* За одговорни интернет- портали. Регистрација, не регулација. Барање до Централниот регистар, со посебна шифра на дејност за интернет-медиуми и исполнување четири критериуми. Правен субјект. МК-домен. Закупен домен од правниот субјект. Јасно видливи транспарентни информации: Сопственик со податоци за правниот субјект, управител, главен уредник, редакција. Македонија на листата на „Гугл“ за рекламирање.
• Закон за МИА.
• Фонд за медиуми.
• Законска регулација за субвенциите за печатените медиуми. Печатените медиуми мора да опстојат и финансиски да зајакнат. Сегашниот принцип на субвенционирање што функционира треба да се дефинира во законско решение. Законското решение мора да предвидува прецизен буџет.
• Медиумска регулатива за послободни и поодговорни медиуми.
Клучни точки од програмата на Фиљана Кока
• Силно, гласно и видливо ЗНМ. Во изминатите четири години, Здружението на новинари на Македонија беше безгласно и речиси невидливо во јавноста во заштитата на правата на новинарите, професионалното новинарство и промоцијата на слободата на медиумите. Ваквата погрешна стратегија придонесе Владата, политичките партии и сопствениците на медиумите да ги исфрлат новинарите од креирањето на медиумските политики и законодавство.
• ЗНМ – релевантен фактор во креирањето на медиумските политики.
• Независен национален јавен сервис. Националниот сервис во секоја демократска европска земја е столб на медиумскиот систем и пример за професионално новинарство. За постигнување на оваа цел е потребно да се исполни обврската на Владата еден отсто од националниот годишен буџет да му биде доделен на националниот јавен сервис, како што предвидува законот.
• Заштита на правата и слободите на новинарите.
• Европски модели за субвенционирање медиумска содржина: Јавни пари за производство на медиумска содржина од јавен интерес според европските практики.
• Субвенционирање малцински, локални и печатени медиуми според докажани европски модели.
• Транспарентност во работата.
• Зајакнување на новинарската солидарност. Поради влијанието на политичките партии во работата на медиумите има обиди за предизвикување поделби меѓу новинарите. За надминување на ваквите појави, ќе се заложам за зајакнување на новинарската солидарност. Kако жена новинар, ќе ја уверувам јавноста дека ние жените знаеме да менаџираме, секогаш сме биле во првите редови во сите кризи и предизвици, како мајки го обединуваме семејството и можеме да бидеме обединувачки фактор и во новинарството.
• Професионално новинарство. Р.Н.М.