Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, изјави дека безбедноста во државата е стабилна и дека нема потреба од страв и паника!
По шестчасовната интензивна оперативна криминалистичко-техничка работа на терен, по добиената прва дојава за поставена темпирана бомба во училиште, Јанев изјави дека безбедноста во државата е стабилна. Иако биле симултано пријавувани лажни дојави за поставени бомби, и тоа имало повеќе од 240 дојави за поставени бомби во училиштата во земјава, директорот на Бирото за јавна безбедност потврди дека „сите дојави биле лажни“!
– Сите проверки укажаа дека се работи за лажни дојави за бомби, а се работи за повеќе од 240 дојави. Сите припадници на македонската полиција реагираа совесно, брзо и сталожено, без да се крева паника. Пристапија во училиштата, разговараа со директорите, извршија проверки таму каде што требаше да се извршат. Имаме соодветен протокол и алгоритам по кој постапуваме. Таму каде што параметрите беа позитивни, односно во зелена зона – наставата продолжи, таму каде што имаше одредени параметри во други зони се извршија дополнителни проверки и секаде се работи за лажни дојави – изјави за јавноста Јанев.
Директорот на БЈБ ни потврди дека се истражуваат „целта и заднината на лажните дојави“, при што додаде дека се вклучени и ресурси и служби од Интерпол и Европол. Според него, МВР ќе ги преземе сите превентивни и репресивни мерки доколку има потреба и ќе го открива мотивот зошто се прават вакви инкриминирани поведенија.
– Сите директори на училиштата во земјава од полицијата веќе добија јасни инструкции што треба да се прави во иднина доколку повторно дојде до вакви појави. Во секој случај, може да потврдам дека имаме одредени траги. Комуницираме и со колегите од Хрватска, кои пред неколку дена се соочија со истото тоа. Имаме контакти и координации и со Унгарија, каде што некаде околу 23 јануари се соочија со оваа појава – изјави Јанев.
На крајот, Јанев акцентираше дека „граѓаните, родителите и наставниците во училиштата треба да бидат спокојни! П.Р.