Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во моментов нема разговори за влез на друга партија во владејачката коалиција.

– Такви разговори нема во моментов, меѓутоа јас и во моето експозе при изборот на новите министри и заменици, кажав дека оваа Влада останува отворена за сите политички партии и поединци и организации кои сакаат да се приклучат на „Европскиот сојуз“, а кои сакаат да учествуваат во носење одлуки кои значат побрзо зачленување во ЕУ и носење побрзо и поефикасно на реформските закони за сите значајни области во Собранието – рече Ковачевски.

Доколку која било партија оцени врз основа на своите определби и визија и одлуки дека сака да биде дел од оваа Влада, тогаш вратата и е отворена.

Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека има партии кои декларативно се „за“ влез во Европската Унија или НАТО, но не поддржале ниту една одлука поврзана со нашето зачленување во нив.

Во моментов не е предвидена лидерска средба и нема да има во најскоро време, а уставните измени ќе се носат преку јавните дискусии со вклучување на сите засегнати страни со еден изграден широк општествен консензус, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Дебатата за уставни измени, според него, мора да почне на експертско ниво, бидејќи треба прво да се напишат уставните амандмани за да можат граѓаните и сите други да видат како изгледаат тие.

– Тоа ќе го направат експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и сигурно претставници на политички партии. Во однос на вклучување на сите политички партии, нормално дека тие ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи процесот на уставни измени предвидува вклучување на сите во Собранието, бидејќи тој се одвива во Собранието во неколку фази – рече Ковачевски.

Премиерот најави дека во јавните дискусии ќе бидат вклучени академската и деловната заедница, граѓанските организации, медиумите…

– Се со цел тоа биде изградено со еден општествен широк консензус – рече Ковачевски по увидот на изградба на градинка во општина Центар.