Целиот процес на уставни измени, на кој практично Македонија е принудена со условот од францускиот предлог на преговарачката рамка за ЕУ за внесување на Бугарите во Уставот, предизвикува негодување кај голем дел од македонската јавност, но и повторно продлабочување на општествената и политичка поделеност околу потребата тие воопшто да се случат под притисок на непринципиелни условувања од меѓународната заедница. Во таков контекст на постојано прекршување на принципите на меѓународното право, како и излегување надвор од рамката на критериумите и стандардите на ЕУ за проширување, менувањето на Уставот на Македонија во голема мера наведува на мешање во внатрешните работи на државата, па дури и на надворешен притисок за внатрешно прекршување на регулативата и процедурите за уставни измени

Работните групи за уставни измени – пополнети, процедурата – дискутабилна

Министерството за правда испрати известување до јавноста дека до истекот на рокот (10.4.2023), од повеќе политичките партии застапени во Собранието, како и од неколку државни институции, биле пристигнати предлози за членови во работната група за уставни измени. Имињата на членовите – експерти што ќе бидат вклучени во работата на ова тело на Министерството за правда, кое треба да го изготви текстот на уставните измени, ќе бидат соопштени кон крајот на неделава. Во списокот на партиски претставници се наведени: Цветанка Иванова – СДСМ, Арбр Адеми – ДУИ, Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците, Соња Мираковска – НСДП, Нано Ружин – ЛДП, Христа Најданов – ДОМ, Темелко Ристески – Партија на пензионери, Раметула Куќи – ДПА, Еран Куртиш – Партија за движење на Турците, Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците. Во пристигнатите предлози од институциите, како претставник од кабинетот на претседателот на Република Македонија е наведен Александар Спасов, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Работното тело е формирано од Министерството за правда и е задолжено од Владата да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови. Претходно, пет опозициски партии (ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива, Социјалистичката партија на Македонија и Демократскиот сојуз) одбија да кооптираат свои членови во оваа работна група, а како една од причините за таквиот став го наведоа прекршувањето на процедурите за спроведување уставни измени.

Пропишана е процедурата во врска со ваквите иницијативи

Според повеќе професори со кои се направени консултации, во врска со уставноправната материја за промена на Уставот, токму во овој случај Уставот е јасен.
Имено, според соговорниците професори, „најпрвин треба да се има одлука на Собранието со квалификувано мнозинство од две третини за промена на Уставот. Потоа, во рамките на Собранието се формира уставна комисија“, велат тие.
Вонпроцедурално, па и неуставно е формирање некаква работна група, која подготвува нацрт-промени, кои, пак, поминуваат со 61 пратеник и тој текст потоа оди на јавна дебата, за на крајот да помине со две третини?!
Повеќе од очигледно е дека целиот процес на уставни измени (на кој практично Македонија е принудена со условот од францускиот предлог на преговарачката рамка за ЕУ за внесување на Бугарите во Уставот) предизвикува негодување кај голем дел од македонската јавност, но и повторно продлабочување на општествената и политичка поделеност околу потребата тие воопшто да се случат „под притисок на непринципиелни условувања од меѓународната заедница“! Во таков контекст на постојано прекршување на принципите на меѓународното право, како и излегување надвор од рамката на критериумите и стандардите на ЕУ за проширување, менувањето на Уставот на Македонија во голема мера наведува на мешање во внатрешните работи на државата и дури, како што нагласуваат нашите соговорници – професорите, тоа е „надворешен притисок за внатрешно прекршување на регулативата и процедурите за уставни измени“.

Софија сака да бидат направени консултации со неа за текот на измените!?

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија, Јован Донев, смета дека со формирањето работни групи и кооптирање членови од државни институции во нив, освен што се прекршуваат процедурите, се овозможува начин од македонска страна, токму Бугарија да биде информирана за текот на целиот процес на уставните измени.
– Имате кршење на уставната процедура. Се знае како почнува промена на Уставот: 81 пратеник треба да дигнат рака и да речат – „да, ние сметаме дека треба да се смени Уставот на Република Македонија и да се внесат Бугарите во него“. Оттука натаму заседава уставноправна комисија на Собранието и доколку требаат експерти, таа ќе си ги повика експертите. Потоа, процедурата си трае… Но не може Владата да формира експертска комисија. Што е работна група? Тоа е чиста лага.
Втора работа. Намерно избегнуваат некои работи. Слушам дека во работната група ќе има претставник од Министерството за надворешни работи. Што бара претставник од МНР во таква група?
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Милков, е искусен дипломат. Тој рече „сакаме да бидат направени консултации со нас за текот на измените“. Не кажа како, што подоцна беше интерпретиран од Пендаровски, Ковачевски и Османи, за тие да кажат дека не дозволуваат мешање во внатрешните работи на Македонија. Значи Бујар (Османи) го прифатил тоа. Затоа МНР делегира член во работната група. Од каде МНР да има човек во работна група за уставни измени? Или Секретаријатот за европски прашања? Тоа се намерно ставени луѓе во работната група за да можат да ги информираат Бугарите – беше дециден за јавноста професорот Јован Донев.