Најновата афера што ја разоткрива европското издание на порталот „Политико“, која беше пренесена во нашиот медиум во вчерашниот број, е врзана за компанијата „Еурофи“, која нуди услуги за „пристап до релевантни политичари од ЕУ, вклучувајќи и носители на високи функции во Унијата“, при што се споменуваат и феноменот „тргување со влијание“ и нетранспарентни состаноци „зад затворени врати“, по што многу од работите „брзо и полесно се завршуваат под одредени услови“. Денес, во сличен контекст, повторно за македонската јавност, пренесуваме нови моменти од истражувањето на „Политико“, поврзано со поведенијата на претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола. Токму постапките на претседателката на европарламентот отвори прашања за моралната (и друга) одговорност. И не само за нејзината туку и за одговорноста на другите носители на високи европски функции во бриселската администрација. Низа појави во срцето на ЕУ идентификуваат поведенија на водечките функционери на ЕУ што ги игнорираат утврдените процедури, прописи и транспарентност
Феноменот на „продавање влијание“ и „овозможување специјален пристап“ до политичарите и регулаторите во ЕУ (2)
Корупциските скандали поврзани со „продавање влијание“ што, наводно, опфаќаат водечки институции и функционери на Европската Унија редум се нижат, предизвикувајќи потреси во Брисел. Нова афера разоткрива европското издание на порталот „Политико“, кој објави дека етичкиот кодекс за зајакнување на транспарентноста во Европскиот парламент, воведен од претседателката на институцијата Роберта Мецола, по скандалот „Катаргејт“ во 2022 година, не важи токму за неа!?
Ваквата објава следуваше ден по написот за активностите на аналитичкиот центар „Еурофи“, кој нуди пристап до релевантни политичари, регулатори и носители на високи функции во Европската Унија, поттикнувајќи сомнежи за таканаречено „продавање влијание“.
Мецола се залагаше за етничкиот кодекс од кој е „изземена“
Претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, по избивањето на „Катаргејт“ (афера поврзана со истрагата за корупција и лобирање во корист на Катар во Европскиот парламент), одлучи дека најдобриот начин за борба против корупцијата е да ја изложи ваквата негативна појава на виделина!
Токму таа протурка нов етички кодекс, кој бараше, меѓу другото, високите членови на европарламентот да пријават конфликт на интереси, поврзан со „нивното семејство, емотивниот живот или економскиот интерес“. Но „Политико“ наведува дека Мецола се иззела себеси од новите прописи.
– Доколку од неа се бараше да даде таква изјава, таа можеби ќе размислеше да ја извести јавноста дека нејзиниот сопруг, Уко Мецола, е главниот лобист на ЕУ за „Ројал карибијан груп“ со седиште во Мајами, втората по големина компанија за крстосување во светот и голем корпоративен загадувач на животната средина – пишува „Политико“.
Ангажманот на сопругот на претседателката на Европскиот парламен поминал незабележано?
Наместо тоа, ангажманот на Уко поминал во голема мера незабележано, дури и додека тој работел за да влијае на значајни легислативи поврзани со климатски прашања. Тој лобирал во Брисел во име на компанијата „Ројал карибијан груп“ и се обидел да влијае на климатската легислатива на ЕУ што, пак, има влијание на индустријата за крстосувања.
Бизнисот на Уко претставува еден од најштетните облици на патување по животната средина, со деловни практики што ја загрозуваат климата, како и јавното здравје на крајбрежните заедници и морските екосистеми.
Уко бил цитиран од „Политико“, велејќи дека двојката не ги меша бизнисот со личниот живот, додавајќи дека од назначувањето на неговата сопруга за претседателка на ЕП, компанијата „Ројал карибијан“ ангажирала друго лице да лобира во европарламентот. Уко во изјава за „Политико“ тврди и дека тој и сопругата меѓу себе имаат кинески ѕид кога станува збор за нивната работа.
Засега нема основи на сомневање за прикривање, но секако се отворија прашања за етичноста
Треба да се истакне оти нема назнаки дека Мецола била вклучена во некакви дејанија за „прикривање на случајот“. Нејзиниот сопруг ги пополнил соодветните регистрации за неговата дејност за лобирање, кои биле јавно достапни. Ниту, пак, има индикации дека Роберта ги прекршила правилата на европарламентот, кои не важеле за неа во овој случај. А не се забележани ниту докази дека ги искористила своите официјални овластувања за несоодветно да влијае на законодавството во име на сопругот. Портпаролот на Мецола исто така негираше дека постоел потенцијален конфликт на интереси.
Сепак, не може да се негира дека отсуството на формално обелоденување ги заштитило односите меѓу претседателката на европарламентот и на лобистот од јавен надзор, дури и кога Уко ја придружувал својата сопруга на официјални посети, а Роберта зборувала барем во два наврата во корист на ставот што го споделуваат европарламентот и бродската индустрија.
– Нема причина зошто претседателката Мецола или кој било претседател на европарламентот да биде изземен од поднесување таква изјава. Сметам дека ако имате брачен другар што е вклучен во каква било активност, платена или неплатена, и кој сака да влијае на креирањето политики на ЕУ, дека тој европратеник треба да го пријави тоа – вели Николас Ајоса, директор на „Транспаренси интернешнл ЕУ“.
Според „Политико“, односот на брачната двојка Мецола бил непознат за голем број европратеници и претставници на ЕУ и покрај тоа што Уко бил регистриран лобист. Р.С.