Фото: Игор Бансколиев

Освен Фридом хаус, во последниов период и други меѓународни организации и аналитички групи директно ѝ препорачуваат на ЕУ да се ангажира поконкретно и позасилено за притисок врз Бугарија да не го попречува процесот на проширувањето. Но речиси тригодишното искуство на Македонија со ветото на Бугарија за почеток на преговорите за членство во ЕУ, остава простор за прашањето колкаво е реалното влијание на ваквите аргументирани препораки на адреса на ЕУ, за Унијата да ѝ наметне на Бугарија да се однесува во согласност со европските принципи и стандарди

Колку се задолжителни препораките на меѓународните институции за Софија

Извештаите на меѓународните организации што го оценуваат тековниот демократски статус на земјите во транзиција, вообичаено, се доживуваат како „воспитни инструменти“, пред сѐ за државите што се предмет на континуирана опсервација за нивниот демократски развој. Неодамна беше објавен годишниот извештај на Фридом хаус за 2021 година, според кој Македонија и понатаму е рангирана како хибриден режим, овој пат во друштво со уште десетина држави, како: Унгарија, Црна Гора, Србија, Молдавија, Косово и Ерменија… Генералната оцена за демократски прогрес на Македонија изнесува 3,82 (на скала од 1 до 7), или 47 проценти. Но она што го привлекува вниманието во презентацијата на годинешниот извештај е забелешката на Фридом хаус токму до ЕУ.

Забелешка на адреса на Унијата!

Имено, Фридом хаус вели дека тековната криза обезбедува можност да се направи ревизија на процесот на пристапување во ЕУ и оти „блокот треба конечно да ги почне пристапните преговори со Албанија и С. Македонија, притискајќи ја Бугарија да се откаже од приговорите“. Аргументите на Фридом хаус за ваквиот совет до ЕУ потекнуваат од заклучокот дека предолгиот престој на овие земји во чекалницата на Унијата ги намалува мотивите за нивниот демократски развој. Односно, овие режими може да бидат демократски во минимална смисла, што обично подразбира да имаат редовни, конкурентни избори, но нивните нефункционални институции „не се во состојба да ги испорачаат дефинитивните компоненти на либералната демократија: проверка и баланс, владеење на правото и цврста заштита на правата и слободите на сите“.
Освен Фридом хаус, во последниов период и други меѓународни организации и аналитички групи директно ѝ препорачуваат на ЕУ да се ангажира поконкретно и позасилено за притисок врз Бугарија да не го попречува процесот на проширувањето. Но речиси тригодишното искуство на Македонија со ветото на Бугарија за почеток на преговорите за членство во ЕУ остава простор за прашање колкаво е реалното влијание на ваквите „аргументирани препораки“ до ЕУ да ѝ „препорача“ на Бугарија да се однесува во согласност со европските принципи.

Влијанието на меѓународните институции во однос на нашиот проблем со Бугарија е рамно на нула?!

– Ефектот на извештаите и препораките да се одблокира процесот на проширување на ЕУ поради причини што ѝ се важни на самата Унија зависи пред сѐ од демократскиот капацитет на Бугарија. Ако на политичката елита во Бугарија ѝ значи како ЕУ ја перципира и што ѝ препорачува за постигнување нешто што е од заеднички интерес, критиките и очекувањата можат да имаат влијание. Но освен Бугарија, имаме и примери како Унгарија и Полска, кои ЕУ постојано ги критикува, но овие земји-членки на Унијата не се осврнуваат на тоа. Напротив, уште позасилено си тераат по свое.
Бугарската влада, предводена од Петков, можеби повеќе реагира на влијанието на критиките на ЕУ за нејзиниот однос спрема Македонија, но се покажува дека нема пресуден ефект за повлекување на ветото за почеток на нашите преговори за членство во Унијата. Внатрешната политичка сцена во Бугарија има пресудно влијание како ќе се однесува политичката елита во однос на повлекувањето на ветото за македонските евроинтеграции – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Ниту поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски не е уверен во моќта на влијанието на авторитетот на меѓународните институции во убедувањето на Бугарија да се однесува конструктивно и да не го попречува процесот на проширувањето.
Влијанието на препораките на меѓународните институции (како извештајот на Фридом хаус) во однос на нашиот проблем со Бугарија е рамно на нула. Официјална Софија целосно ќе ја игнорира таа препорака и ќе продолжи со своето нецивилизирано и средновековно однесување спрема Македонија. Сепак, во секој случај, добро е што се јавуваат такви мислења и предлози, кои создаваат одредена слика во светското јавно мислење. Тоа секако нема да ѝ биде пријатно на Бугарија, но тоа нема да води во никаков исчекор корисен за нас. Доколку Македонија имаше власт што се бори за интересите на оваа држава и народ, ќе беше многу поактивна на меѓународен план. Тоа подразбира поголема дипломатска активност пред сѐ во Унијата, во Европскиот парламент, во Советот на Европа… и кај сите членки на ЕУ. Проблемот треба да се подигне и на рамниште на НАТО, бидејќи во прашање ја доведува и безбедноста на регионот. Меѓутоа, такво нешто не се случува и, што е најстрашно, во однос на Бугарија ние се однесуваме понизно, предавнички и како да не сме суверена држава – вели амбасадорот Ристо Никовски.
Без голем оптимизам за кревање на ЕУ-рампата за Македонија од страна на Бугарија, како резултат на препораките на Фридом хаус, амбасадорот Ѓорѓи Филипов препорачува овој институт во иднина, при оцената на правата и слободите во земјите-членки да го додаде и параметарот почитување на соседите.
– Фридом хаус смета дека самиот процес на почнување преговори ќе доведе до покачување на параметрите, имајќи го предвид факторот на постојано набљудување од страна на ЕУ и надомест според напредокот (завршување на одредено поглавје или тапкање во место, а според францускиот предлог можно е дури и враќање на поправен „испит“). Со почнувањето на преговорите се врши двострано позитивно дејствување. Земјата-кандидат се охрабрува, расте самодовербата во сопствените можности и се стекнува со извесни бенефиции во економска смисла. ЕУ, пак, почнува да ја затрупува „црната дупка“, која доколку не биде навреме исполнета, може да предизвика свлечишта и да зафати делови од земјите-членки. Овој совет на Фридом хаус кон ЕУ е пожелен, но недоволен услов за Бугарија да ја крене рампата за Македонија да премине во зоната на земји што почнале преговори за членство со ЕУ. Самата Фридом хаус треба да го има предвид и овој факт при оцената на правата и слободите во земјите-членки, додавајќи параметар: почитување на соседите. Мојот конечен одговор е дека прашањето е во подготвеноста на Бугарија да прифати факти со кои веројатно е тешко да се соочи, но доколку ги прифати, тие ќе им помогнат и нејзе и на Македонија да создадат вистински братски, соседски и пријателски односи достојни на два сродни народа, кои треба да живеат во една поголема заедница, во услови на заемна почит и доверба – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.
Првиот претседател на Собранието од независноста на Македонија, Стојан Андов, пак, смета дека влијанието на меѓународните организации е огромно, доколку сериозно се заложат за некое прашање.
– Притисокот и влијанието што го вршат меѓународните организации може да бидат големи и ефикасни, но само ако сериозно се заложат за решавање на некое проблематично прашање. Да се надеваме дека сите овие извештаи за демократскиот развој на земјите, препораките и укажувањата на меѓународните институции за погрешната политика на Бугарија спрема Македонија се навистина сериозни заложби и дека како конечен ефект ќе имаат набрзо повлекување на ветото за почеток на нашите преговори за членство во ЕУ – порачува Стојан Андов.