Фото: Игор Бансколиев

Најновото истражување спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“, во рамките на публикацијата „30 години надворешна политика и одбрана“, покажува дека вкупно 57,1 отсто од граѓаните се изјасниле дека се против „францускиот предлог“, што беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, наспроти 27,2 отсто што сметаат дека овој предлог бил добар, што претставува разлика од приближно 30 отсто во корист на противниците на овој документ.
Според истражувањето, македонско-бугарските односи се на едно долно рамниште, што може да има негативен одраз и врз квалитетот на елементарната комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави.
На прашањето кој е најголемиот непријател на Македонија, 44 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Бугарија, додека 12,1 отсто мислат дека тоа е Русија.
Во однос на поддршката кон НАТО и ЕУ, 64,2 отсто од испитаниците го поддржуваат членството на Македонија во НАТО, додека 62,8 проценти од испитаниците се за членство на Македонија во ЕУ.
Анкетата е спроведена на 1.111 испитаници, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики, a маргиналната грешка се движи помеѓу +/- 2,9 отсто, со 95 отсто интервал на веродостојност.