Основниот суд во Охрид не најде основа за одговорност на познатиот адвокат што го разви знамето од Кутлеш

Основниот суд во Охрид вчера и писмено го извести познатиот скопски адвокат Тони Менкиноски дека се ослободува од одговорност во врска со поднесено обвинение за нарушување на јавниот ред и мир, за поставување знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид за празникот Богојавление. Со тоа заврши судењето во Охрид, а незадоволните странки сега имаат рок од осум дена да ја обжалат пресудата во Апелацискиот суд во Битола.
Адвокатот Менкиноски не сакаше многу да ја коментира пресудата, иако беше видно задоволен од ваквиот исход, бидејќи и на неколкуте рочишта тој остана цврсто на својот став дека не сторил никаков прекршок и на никој начин не ги повредил законите на Република Македонија.
– Можам само да кажам дека сега слободно ќе го веам македонското знаме – ни изјави Менкиноски.
Треба да се каже дека на одржаните рочишта не се појавија уредно поканетите четворица претставници на МВР, односно четворица раководители на полицијата, од каде што беше поднесена и прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело според кое се истакнува „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“. Од тие причини, судијата Милчо Клишески, кој го води предметот, реши да се заокружи рочиштето со изнесување на доказниот материјал и со завршна изјава на обвинетиот.
– Не се чувствувам за виновен и сакам пред судот да изјавам дека наведеното дејствие, кое ми се става на товар, не е забрането со ниту еден закон, ниту со еден акт во Македонија, дотолку повеќе се чувствувам горд што го истакнав симболот што е културно и национално обележје на Македонците. Без разлика на одлуката на судот јас ќе продолжам да го истакнувам македонското знаме од Кутлеш и во иднина ќе работам ова знаме да се врати како државно знаме на државата Македонија – истакна адвокатот Тони Менкиноски во завршните зборови.
Инаку, Менкиноски ја презеде одговорноста за поставувањето на големо 40-метарско знаме со македонското сонце на првиот ред од Самуиловата тврдина во центарот на Охрид, за верскиот празник Водици.
Претходно, Основниот суд во Охрид на 29 јануари оваа година донесе ослободителна пресуда по предметот што за истото дело беше поведен против Александар Ѓурчев од Охрид, кој го истакна знамето со сонцето од Кутлеш на ѕидот на Самуиловата тврдина во Охрид, на протестот за поддршка на осудените за настаните од 27 април 2017 година во македонското собрание. П.Р.