Посетата на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на Индија како повод
Македонската дипломатија мора да има глобална димензија, а Индија е неодминлив дел од новата глобална геополитичка архитектура, оценуваат дипломатите и политичките аналитичари за „ненадејната“ посета на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на оваа земја, која сѐ повеќе прераснува во економска велесила
Пошироката македонска јавност, во одредена смисла беше изненадена од соопштението на Министерството за надворешни работи за дводневната официјална посета на министерот Бујар Османи на Република Индија. Соопштението беше пласирано кога министерот Османи практично веќе беше пристигнат во Индија и ги имаше остварено првите средби со своите домаќини.
– Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка. И покрај нашите надворешнополитички приоритети, од особена важност се интензивирањето на соработката и искористувањето на потенцијалите со земјите од Централна и Јужна Азија, особено со Индија, со која нè поврзува Мајка Тереза. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе бидат дел од нашите истории и ќе останат во колективната меморија на нашите земји – кажал Османи за време на средбата со потпретседателот на државата, Џагдееп Дханкар.
На средбата, како што информираа од МНР, биле поздравени пријателските односи меѓу Македонија и Индија и биле реафирмирани заемните заложби за зајакнување на соработката, главно во економијата и бизнис-вмрежувањето. Османи и неговиот домаќин Дханкар изразиле и подготвеност за јакнење на парламентарната соработка, унапредувањето на договорната рамка и интензивирањето на културната размена меѓу двете земји. Во таа пригода, Османи го поздравил и го честитал последното високо достигнување на Индија во светски рамки, „со првото успешно слетување на јужниот пол на Месечината како сериозен исчекор и голем успех не само за индискиот народ туку и за целокупното човештвото“.
Намерно или случајно временско совпаѓање на индиското патување на Османи со самитот на БРИКС?
Во доменот на анализи на современите геополитички групирања и формирање економско-политички сојузи, на постоењето на БРИКС (во кој Индија е една од основачите), во т.н. западни, евроатлантски сојузи, кон кои се стреми Македонија, се гледа со сомничава воздржаност, па дури и непријателска конкуренција, поради улогата на Русија во тоа друштво. Во таков контекст, тесната временска дистанца на посетата на македонскиот министер за надворешни работи на Индија, по одржувањето на неодамнешниот самит на БРИКС во Јужна Африка, остава простор за индикативни и по малку контрадикторни дилеми.
Она што е значајно да се издвои во оваа, секако, важна посета на македонскиот министер на Индија, која се случува речиси ненајавено и ненадејно, е што остава впечаток на непредвидливост и неподготвеност, во смисла на тоа дека за неа не се известени (подготвени) стопанските комори во Македонија, македонските аналитички центри, академската заедница…
И покрај стратегиската цел на земјава, полноправно членство во ЕУ (кое по последните изјави на францускиот претседател Макрон се чини станува подалечно и понедофатливо), дали Македонија треба да размислува и за паралелни алтернативи, покрај членството во Европската политичка заедница да отвори и перспективи за членување во БРИКС? На пример, на последниот самит на БРИКС, тоа го направија Саудиска Арабија, Аргентина и Иран. Дали оддалечувањето на перспективите за полноправно членство на Македонија во ЕУ треба да ги насочи македонските погледи кон иднината и на друга страна, па сега да се фати моментот на проширување на БРИКС и да се започне со дипломатски активности на отворање нови можности за економски развој на државата и со овој блок?
Боцевски: Македонската дипломатија треба да има глобална димензија
Поранешниот македонски амбасадор и вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски ги рационализира прашањата што се отвораат во Македонија, по навидум „ненадејната“ посета на Индија на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
– Њу Делхи е еден од глобалните дипломатски центри во подем, а Индија (како и Кина) полека се враќа на традиционалното и старо место, како водечка и неодминлива светска сила. Токму затоа, официјалните посети на вакви земји долго се планираат, имаат прецизни агенди и, конечно, добро е што македонската дипломатија се сети дека Земјата е тркалезна.
Растот на Индија во последниве пет години е причина на неа да се гледа како на влијателен геополитички фактор. Таа е членка на форумот Г20, на БРИКС, водечка земја е на Движењето на неврзаните (кое сѐ уште постои, иако кај нас во Македонија се настојува да се заборави дека како дел од Југославија бевме меѓу основачите на тоа движење)…, а сето тоа е поткрепено што е економска велесила во делот на услужните дејности.
Она што пречи во оваа, секако, важна посета на македонскиот министер на Индија, која се случува речиси ненајавено и ненадејно, што остава впечаток на неподготвеност, во смисла на тоа дека за неа не се подготвени (не се известени) стопанските комори во Македонија, македонските аналитички центри, академската заедница… Таквиот впечаток на неподготвеност на македонското општество за оваа посета го поставува прашањето – колку ќе биде успешна, во смисла на воспоставување соодветна економска, политичка и културна соработка.
Во секој случај, македонската дипломатија мора да има глобална димензија, а Индија е неодминлив дел од новата глобална геополитичка архитектура – вели Ивица Боцевски.