Конкретно современата македонска армија беше оформена во текот на 1992 година, кога беа донесени неколку историски одлуки и беа преземени неколку конкретни чекори. Најпрво, на 14 февруари 1992 година Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија, кој следниот ден беше објавен во „Службен весник на РМ“. Веќе на 11 март истата година, постариот водник Сонко Ангеловски за првпат на македонски јазик ја прими должноста командир на караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница, во близината на Крива Паланка. Истиот ден беа преземени и караулите „Рамна нива“ и „Коприва“
ОСУМНАЕСЕТТИ АВГУСТ – ДЕНОТ НА АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (АРМ)
Современата македонска армија се потпира врз традициите, искуствата и поуките на револуционерните борби за македонска држава, односно врз принципите на Разловечкото (Кресненско) и Илинденското востание, како и Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ од Втората светска војна преку која беа поставени темелите на современата македонска држава. Во оваа конотација, на 3 јуни 1992 година македонската влада донесе одлука со која 18 август го прогласи за Ден на армијата на Република Македонија.
Изборот на 18 август не беше случаен, тоа е всушност денот кога беше формиран партизански баталјон „Мирче Ацев“ во 1943 година, првата регуларна воена единица на народноослободителна војска на Македонија (НОВМ) во Втората светска војна. На овој начин се укажува на континуитетот на македонската армија, особено на слободарските и антифашистичките традиции од минатото.
Конкретно современата македонска армија беше оформена во текот на 1992 година, кога беа донесени неколку историски одлуки и беа преземени неколку конкретни чекори. Најпрво, на 14 февруари 1992 година Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија, кој следниот ден беше објавен во „Службен весник на РМ“. Веќе на 11 март истата година, постариот водник Сонко Ангеловски за првпат на македонски јазик ја прими должноста командир на караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница во близината на Крива Паланка. Истиот ден беа преземени и караулите „Рамна нива“ и „Коприва“.
Неколку дена подоцна, поточно на 17 март, при пречекот на делегацијата на Република Словенија, на чело со претседателот Кучан, за првпат при пречек на висок гостин беше интонирана македонската државна химна „Денес над Македонија се раѓа“, првпат беше построена Почесната единица на АРМ со македонското државно знаме и првпат командантот на почесната единица, полковникот Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на еден претседател што допатувал во официјална посета на Република Македонија.
Во следните денови, односно на 20 март заврши примопредавањето на граничните објекти караули на Република Македонија со соседните држави: Бугарија, Албанија и Грција, а на 26 март во Скопје беше преземен последниот и најголем воен објект на Македонија, касарната „Маршал Тито“, денес „Илинден“. Веќе на 27 март македонската војска ја презеде контролата над сета територија на Република Македонија.
На 14 април во охридскиот гарнизон пристигна првиот регрут припадник на армијата на Република Македонија, велешанецот Панче Јамандиев, роден во 1970 година. Наредниот ден, 15 април, во касарните во Скопје, во Штип и во Битола пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на армијата на Република Македонија. Веќе на 17 април, Киро Глигоров, првиот претседател на Република Македонија, ја откри новата натпис-плоча на Домот на армијата, на кој пишува: „Република Македонија, Дом на армијата – Скопје“. Со овој чин, на симболичен начин беше одбележано доаѓањето на првите регрути на армијата на Република Македонија и на нејзиното воено осамостојување.
Следниот месец, поточно на 9 мај, во касарната „Илинден“, првата класа регрути од регрутниот состав на армијата на Република Македонија ја дадоа својата свечена обврска, а во наредниот период македонските регрути свечена обврска дадоа и во другите касарни. На 19 мај 1992 година, на граничниот премин Меџитлија, кај Битола, на границата со соседна Грција, беше извршено менување на дотогашните државни ознаки со македонски, а следниот ден и на граничните премини Богородица и Дојран.
Во текот на изминативе три децении македонската армија ужива најголема доверба помеѓу македонските граѓани, а на меѓународен план достоинствено ја претставуваат Република Македонија, потврдено од многубројните пофалби од меѓународните сојузници. Низ годините македонските војници преку многубројните мисии покажаа дека се контрибутор за светскиот мир и безбедност.