Потребно е обединување на македонскиот политички супстрат

Македонците без разлика на местото на раѓање, живеење или работење се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како заеднички именител и обединувачки елемент на македонскиот национален супстрат има обврска да се грижи за сите Македонци. И обратно! Македонците од Бугарија, Србија, Грција и од Албанија, како и многубројната македонска дијаспора од Европа, Америка и од Австралија, имаат право и обврска да ги следат, да се грижат и да ги искажат своите ставови за состојбите и случувањата во нивната матична држава и да дадат напори за развојните политики што ја засегаат целата македонска нација. „Нова Македонија“ конципира еден мини-проект за да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава, во врска со нивната информираност за политичките, економските, безбедносните и други состојби внатре во Македонија, и од една пообјективна дистанца однадвор да ги презентира за македонската јавност нивните размислувања и реакции. „Нова Македонија“ во неколку наврати ќе објави интервјуа со претставниците на Македонците надвор од Македонија, во соседството и со македонската дијаспора, во кои ќе бидат опфатени повеќе теми за тоа како тие надвор ги чувствуваат општествените движења во Македонија, но и што може тие да направат за да се унапреди функционалноста на Македонија како матична држава на целиот македонски народ.

Интервју со Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија

Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија, е еден од најангажираните Македонци кај нашиот северен сосед. Тој е активен чинител во унапредувањето на првата на македонската заедница во оваа држава, но и сврзувачко ткиво помеѓу Македонците од Република Србија и нивната матична држава. Покрај тоа што е претседател на Партијата на Македонците во Србија, Илијевски е познат политички аналитичар за состојбите во балканските држави. Со Горан Илијевски разговаравме за проблемите со кои се соочуваат Македонците во соседна Србија, но и за македонската дијаспора, како и за тоа како Македонците од Србија гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија, како македонската заедница размислува за начините за надминување на актуелните предизвици и каква би била нивната поддршка…

Најпрвин, кратко за предизвиците на Македонците од Србија, со што се соочуваат тие и за што може да помогнат македонските институции?

– Македонците се лојални граѓани на Република Србија, но наедно се припадници и неразделен дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како матична држава на сите Македонците без разлика на местото раѓање или живеење треба да го олесни доделувањето државјанства за оние Македонци што имаат желба да се стекнат со него. Процедурата за добивање македонско државјанство е многу бавна и сложена, а честопати документите без основа се одбиваат. Македонец од Република Србија веќе неколку години чека на македонско државјанство. Доколку внимателно анализираме, процесот на доделување и стекнување македонско државјанство е контрадикторно. Да спомнам еден куриозитет… Од една страна, Македонија како држава им додели 12.000 државјанства на припадниците на албанската заедница, што беше потврдено од Демократска унија за интеграција (ДУИ), а од друга страна им беа доделени околу 200 македонски државјанства и пасоши на лица за кои се покажа дека имаат криминално досие. Истовремено на Македонците, кои живеат надвор од матичната држава, им е оневозможено или им се отежнува да се стекнат со државјанство. Крајно време е македонските институции да станат сериозни и да се нафатат со решавање на овој проблем.

Кој е вашиот став за последниот попис?

– Последниот попис, особено податоците што се однесуваат на македонската дијаспора се контрадикторни. Македонските институции не ги зедоа предвид податоците од пописите во другите држави, на сите континенти, каде што сме попишани како Македонци, оттука точната бројка на македонската дијаспора не е точна. Како пример ќе ја посочам Австралија, каде што според македонскиот попис бројот на Македонците изнесува околу 2.000, но според официјалниот попис што беше спроведен од оваа држава, бројот на оние што се изјасниле како Македонци или дека го говорат македонскиот јазик изнесува 111.000 луѓе. Истовремено, Македонија и нејзините институции не ги информираа Македонците за пописот, со што голем дел од македонската дијаспора во Европа, Америка и во Австралија не ни беше запознаена дека се спроведува попис. Ова се нерелевантни податоци и не е јасно зошто е ваков односот кон македонската дијаспора. Не правете лажна демократска слика преку дијаспората.
Дали македонската дијаспора треба да биде чинител во македонските државни политики?
– Краткиот одговор е –да! Македонците без разлика на местото на живеење или работење се составен дел од македонскиот народ, оттука, политиките на Македонија како матична држава се одразуваат и врз сите Македонци, не само на оние што живеат во македонската држава. Многубројната македонска дијаспора од целиот свет има капацитет позитивно да влијае врз општественото и политичкото издигнување на Македонија. Во минатото, македонската дијаспора имаше три пратенички места во македонското собрание, но во овој момент нема ниту еден. Оваа состојба негативно се одразува врз односите помеѓу македонската дијаспора и матичната држава, несериозно е Македонците што живеат надвор од македонската држава да немаат свои претставници. Не смееме да заборавиме дека македонската дијаспора испраќа стотици милиони евра годишно, станува број за околу милијарда евра што директно биле влеани во македонската економија. Македонските државни институции треба да го промислат својот однос кон дијаспората и да отвораат една директна комуникација со неа, комуникација од која може да произлезе полза за сите.

Кои се вашите пораки до политичките чинители во Македонија?

– Македонските политички чинители без разлика на партискиот колоритет, крајно време е да согледаат дека антагонизмот што го создаваат помеѓу Македонците и негативно се одразува врз функционирањето на државата. Потребна е државна стратегија што ќе биде поддржана од сите македонски партии, стратегија што ќе го трансформира македонското општество. Македонските партии мора да се обединат околу принципите на борбата против корупцијата, владеењето на правото и меритократскиот принцип, само на овој начин Македонија ќе стане напредна држава. Потребно е да се стави крај на партизирањето на државата, со што Демократска унија за интеграција ја дуизираше Македонија во полза на партијата, а не во полза на албанската заедница. Од друга страна, во услови кога некој однадвор ги негира македонските национални особености, потребно е сплотување на македонскиот политички фактор, во спротивно тоа може да биде исползувано од надворешните фактори. Неединството помеѓу македонските партии по националните прашање негативно се одразуваат и врз македонската дијаспора. Затоа за националните прашања треба да биде слушнато и мислењето на дијаспората.

Кој е вашиот став по прашањето за признавањето на Косово од страна на Македонија?

Македонија како држава треба да ја преиспита одлуката за признавање на Косово, затоа што таа е спротивна од волјата на македонскиот народ. Затоа распишување референдум е најсоодветно решение за ова прашање. Македонија го призна Косово, иако фактите покажуваат дека во 2001 година имаше упад на КЗК-корпус и напад на воен конвој на АРМ. Истовремено во Македонија има споменици на терористи што се бореа против македонските безбедносни сили и ги нарушуваа суверенитетот и интегритетот на македонската држава. Не смееме да заборавиме дека не постои разлика помеѓу УЧК во Македонија и УЧК во Косово, постои координирање помеѓу нив. Д.Ст.