Што се случуваше во Македонија во последните триесетина години? Настаните во Македонија од независноста до денес неодоливо потсетуваат на заплетот во филмот „Денот на мрмотот“, разликата е во тоа што денот што се повторува во филмот се пресликува во изборниот ден што се повторува, додека, пак, во главниот лик се политичките партии и нивните верни сенки, изгубените души кои сè уште не нашле мир – интелектуалци, професори, аналитичари и новинари. Тие препуштени на дивеења, грабежи и лудувања, го користат своето знаење за настаните поврзани со состојбата во Македонија и нејзините жители за да манипулираат во своја полза. На крајот, тие се фокусираат на ЕУ, трудејќи се да ги заведат граѓаните на Македонија со сонот ЕУ, притоа користејќи неуки и неправедни средства, бескрупулозно лажат и манипулираат
Временската јамка во која се наоѓа главниот лик на филмот „Денот на мрмотот“ – инаку, мрмот е глодач од семејството верверици, е предмет на сеопфатна анализа од различни аспекти, додека, пак, временската јамка во која се наоѓа Македонија повеќе од триесетина години, без разлика на повремените обиди, сепак, остана надвор од тековните интереси за анализа на идеолозите на досегашните доминантни македонски политички структури. Денешниов есеј е едно видување на случувањата во Македонија.
Филмот „Денот на мрмотот“ (Groundhog Day) е научнофантастична комедија од 1993 година. Накусо, ова е заплетот на филмот: арогантниот и користољубив метеоролог Фил Конорс и неговата продуцентка Рита Хансон одат во помало гратче во Пенсилванија за да известуваат за годишната прослава организирана по повод Денот на мрмотот. По првото известување, соочен дека следните известувања се повторуваат, Фил сфаќа дека, всушност, тој е заробен во временска јамка за која никој друг не знае, што значи дека треба да известува за прославата во недоглед. Во прв момент изненаден, меѓутоа, сфаќајќи дека нема никакви последици за неговите постапки, Фил почнува да ги троши деновите што се повторуваат, препуштајќи се на дивеење, грабежи и лудувања, користејќи го своето зголемено знаење за настаните поврзани со денот и со жителите на градот за да манипулира во своја полза. На крајот, тој се фокусира да ја заведе Рита, користејќи ги деновите (што се повторуваат во јамката) за да дознае повеќе за неа и да манипулира со неа. Но, неговите обиди да ја заведе Рита се безуспешни.
Фил постепено станува депресивен и очајно бара начини да излезе од јамката, дури извршувајќи, безуспешно, самоубиства. Тој на крајот се обидува да ѝ ја објасни својата ситуација на Рита, користејќи го своето детално познавање на деновите што се повторуваат, што му овозможува точно да ги предвиди настаните. Согледувајќи го тоа, Рита го советува Фил да почне да мисли дека деновите во јамката се благослов, а не проклетство, па затоа Фил одлучува да го искористи своето знаење за повторувањата во јамката за да се промени себеси и другите: тој ги спасува луѓето од смртоносни несреќи, учи да свири на пијано, учи да ваја во мраз и да зборува француски. За време на едно повторување, Фил известува за прославите на Денот на мрмотот со таква елоквентност што другите новинарски екипи престануваат да работат за да го слушаат неговиот говор. Таа ноќ Рита е сведок на неговото беспрекорно свирење пијано, а по изработката на неговата скулптура од мраз со ликот на Рита, Фил ѝ кажува дека што и да се случи, дури и ако засекогаш е заробен во јамката, конечно е среќен затоа што ја сака. Утредента, сфаќајќи дека излегол од јамката, Фил ѝ соопштува на Рита дека тој сака да остане да живее засекогаш во гратчето со неа.
Што се случуваше во Македонија во последните триесетина години? Настаните во Македонија од независноста до денес неодоливо потсетуваат на заплетот во филмот „Денот на мрмотот“, разликата е во тоа што денот што се повторува во филмот се пресликува во изборниот ден што се повторува, додека, пак, во главниот лик се политичките партии и нивните верни сенки, изгубените души кои сè уште не нашле мир – интелектуалци, професори, аналитичари и новинари. Тие препуштени на дивеења, грабежи и лудувања, го користат своето знаење за настаните поврзани со состојбата во Македонија и нејзините жители за да манипулираат во своја полза. На крајот, тие се фокусираат на ЕУ, трудејќи се да ги заведат граѓаните на Македонија со сонот ЕУ, притоа користејќи неуки и неправедни средства, бескрупулозно лажат и манипулираат.
Пристапот што најмногу се практикува во Македонија, за жал, можеби најдобро се опишува со зборовите: закопани во своите ровови двете најголеми македонски партии, политичарите и нивните верни сенки водат војна и по медиумите и на социјалните мрежи – сите за доброто на Македонија, не бирајќи средства, лажејќи и манипулирајќи. Поголем дел од тие што, со право, до 2016 година пишуваа, говореа и укажуваа за негативните последици од владеењето во тој период, и денес, упорно, закопани во своите ровови, го прават тоа, бесполезно повторувајќи ги веќе кажаните работи, а не сакајќи да видат, говорат, напишат и укажат дека живееме во период на најголема морална криза, период кога некои државници станаа најголеми лажговци и манипулатори, период кога македонскиот народ е, во континуитет, понижуван, период кога тековните владејачки моќници продадоа и предадоа сè што е македонско. Тие, што продадоа и предадоа сè што е македонско, бесрамно, во предвечерјето на изборите се трансформираа во патриоти, а нам ни „доаѓа да крикнеме како на сликата на Мунк, ама со глас: ‘А бе, што се случува, еј?’. Нордистанците од СДСМ ја пеат ‘Земјо македонска’“ (Александар Русјаков).
Но тука не е крајот на трагичноста. Триесет и двегодишната историја на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, а борбите ќе продолжат со несмалена жестокост, притоа, затоа што нема индикации дека воопшто ќе завршат, се чини ќе траат во недоглед, до целосно истребување, изумирање на Македонија. Јанѕа ме обвива дека властодршците ќе продолжат и во иднина на истиот начин, не обидувајќи се да излезат од јамката, ќе продолжат да дивеат, грабаат и да разнебитуваат. За да не изумре Македонија, време е да ги натераме властодршците да излезат од јамката, време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата. Време е предизвиците во Македонија да ги разгледаме, анализираме, решаваме, користејќи пристап што обединува, синтетизира и интегрира.
Филмот „Денот на мрмотот“ е патување од безумност до свесност, од себичност до несебичност. Во една сцена од филмот, Фил прашува двајца жители на малото гратче дали разбираат како е да се биде заглавен во место каде што ништо не се случува. Тој мисли на сопствената ситуација, но двајцата мажи, заробени во нивните мали градски животи, точно знаат што мисли.
Заробени во македонската безизлезност, свесен за неуките и лукративни политичари, минати и идни, и свесен дека за нас не се грижат ниту нашите соседи ниту другите етникуми во Македонија, ве повикувам, во нашите постапки и одлуки, да се отсликува македонството, по овој редослед: (1) повлекување од потпишаниот билатерален Договор со Бугарија; (2) второ, да почнеме и тоа да трае најмалку една година, едногласно, сите леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говориме за неправедните, понижувачките, нелогичните, бесмислените членови и ставови на договорот со Грција; и (3) трето, департизација на институциите, подобрување на внатрешната кохезија и градење доверба кон Владата и кон ЕУ. Досегашните влади не посакуваа Македонија да заличи на Европа, тие го злоупотребуваа сонот за ЕУ за да дивеат и да разнебитуваат, па така, за жал, во изминативе триесеттина години во Македонија изостана суштинска европска интеграција.
Македонија е нашиот дом. Многумина што ги сакаме, многумина што ги познаваме, многумина за коишто некогаш сме слушнале, многумина чии книги сме ги читале, песни сме ги пееле, многумина, тука во Македонија, живееле и живеат. Многумина и ќе останат да живеат во Македонија, само ако сите почнеме искрено да ја сакаме и почитуваме Македонија… тогаш Македонија конечно ќе излезе од јамката.