Фото: Архива на „Нова Македонија“

Она што сега е потребно како никогаш досега, тоа е вистински лидер на нацијата, кому безрезервно ќе му се верува и кој ќе биде гарантот дека нема да има застранувања од патот што претходно го одобриле граѓаните, членство во ЕУ на достоинствен начин

Претседателската кампања почна, граѓаните очекуваат вистински лидер на чело на државата

Почна претседателската кампања и во следните три недели граѓаните ќе се изнаслушаат секакви пораки од актуелните претседателски кандидати, но суштината на целиот овој изборен процес е на чело на државата да застане човек што ќе биде вистински репрезент на Македонија на секое поле и кој ќе биде препознатлива и респектабилна фигура каде и да се појави.
Впрочем, неговата репрезентативна улога е јасно зацртана и во Уставот на Република Македонија, во која во членот 79 во првата реченица јасно и недвосмислено е истакнато дека претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката.
Токму затоа во овие турбулентни времиња од исклучителна важност е на чело на државата да застане чесен, посветен, мудар, грижлив човек, кој во исто време ќе ја претставува Републиката така што ќе знае да ги заштити националните интереси, но и да ги отвори европските перспективи на земјата врз рамноправен партнерски однос со Брисел заснован исклучиво врз Копенхашките критериуми, а не врз исполнување задачи наметнати од разни билатерални договори.

Граѓаните бараат лидер, а не маскота

Она што сега на граѓаните им е потребно како никогаш досега, тоа е вистински лидер на нацијата, лидер кому безрезервно ќе му се верува и кој ќе биде гарантот дека нема да има застранувања од патот што претходно го одобриле граѓаните, членство во ЕУ на достоинствен начин, со сопствен македонски идентитет, јазик, историја и култура, без никакви забелешки и дополнителни фусноти.
Дел од политиколозите со кои се консултиравме за тоа каков претседател ѝ е потребен на Македонија посочуваат дека сега е моментот кандидатите за претседател конечно да сфатат дека претседателската функција не е место каде што добро ќе заработуваат и ќе си ја обезбедат финансиската иднина по мандатот, туку нешто многу повредно од тоа.
– Идниот претседател на државата треба да разбере дека граѓаните очекуваат од него да биде лидер, а не протоколарна маскота што ќе се фотографира во претседателската вила на Водно со понекој колега од некоја друга земја или, пак, ќе прима акредитиви од новонаименувани амбасадори. Тоа се само придружни протоколарни работи од кои граѓаните немаат никаква бенефиција. Несомнено постои лидерска криза секаде во светот, има сѐ помалку вистински лидери, но ако ние како граѓани се помириме со тој факт, тогаш ќе ни се случува во политиката да гледаме сѐ повеќе просечни личности, кои немаат ниту визија, а уште помалку лидерство за да ја поведат земјата напред. Во нивниот ментален склоп главна карактеристика е попустливоста, сето тоа затскриено зад некаков неразбирлив прагматизам, дека така се затворале отворените прашања. Тоа не е лидерство, туку постапување по линија на помал отпор. Затоа улогата на еден силен претседател е исклучително важна, да ја прекине таа линија на помал отпор и да ги издигне националните и граѓанските интереси највисоко на пиедесталот, да биде пркосот и разумот на еден народ што постојано е предмет на уцени и условувања – велат политиколозите.
Според нив, токму од тие причини и граѓаните стануваат сѐ погласни во барањето за вистинско лидерство, наместо квазиполитикантството изминатите години.
– Помина времето на толерирање ликови за кои понекогаш се добива впечаток дека заталкале во политиката. Сега и веднаш граѓаните бараат луѓе што ќе знаат како се решаваат проблемите и кои ќе водат напред, но гордо и достоинствено, без да генерираат поделби и фрустрации внатре во општеството. Претседателската фигура треба да сплотува, да не познава партии, етнички табори, верски определби, тој треба да биде човекот од сите и за сите. Кој и да ја добие довербата на граѓаните на овие избори, сето ова треба да го има на ум бидејќи времињата пред нас не дозволуваат играње држава, туку практикување државност по секоја основа – истакнуваат соговорниците.

Човек од народот и за народот

Набљудувано низ една социолошка призма, дел од социолозите со кои поразговаравме околу оваа проблематика констатираат дека граѓаните разочарани од досегашните политики сега инсистираат на водечки позиции во државата да се наоѓаат силни, квалитетни и способни личности што ќе знаат да се справуваат со проблемите на начин што секогаш ќе обезбедат најдобра позиција за сопствената држава и за сопствениот народ.
– За лидер на народот, макар и кога тој уставно нема некои преголеми ингеренции, треба секогаш да се предложи најквалитетниот, исто онака како што тоа се случува во природата, најсилниот од својот вид да ги води јатото, стадото, глутницата или слично. Така и за претседател на државата би било пожелно да дојде човек што изникнал од земјата, човек што го почувствувал нејзиниот мирис, што знае што е станување рано, што знае што е посветена работа, што знае да биде со обичните луѓе, со земјоделците, со децата, со младинците, со пензионерите, со работниците, со професорите, со експертите, со уметниците, буквално со сите. Тој човек ќе ги знае и страдањата и стравувањата на народот. Истовремено, тоа треба да биде човек што одлично ги совладал и сите општествени и економски текови на модерниот живот и технологија, на општеството и на политиката. Тоа треба да биде човек што низ животот стекнал големи искуства во дипломатијата, се докажал во некоја област, кој е полиглот и слично. Не е добро на власт да дојде човек кому не му се познати сите овие работи, човек што нема вистинска искрена врска со граѓаните, туку се врзува само за функцијата – посочуваат социолозите.
Според нив, важен е и карактерот на човекот што претендира да ја води државата оти тој најдобро чувствува што значи да се грижи за некого.
– Човекот што го избира народот за претседател мора да биде личност со висок морал, треба да биде светилник и пример за сѐ на своите граѓани. Човекот што го избираат граѓаните би требало на голема врата да никне од душата на народот, а по истекот на мандатот да остане во душата на граѓаните и да остане во нивните сеќавања како пример за тоа како се сака и брани сопствената држава и народ. Граѓаните не ценат ништо толку високо, како моралот на политичарите, исто како што ги презираат нивниот неморал, непреземањето одговорност, криминалот и корупцијата – објаснуваат социолозите.
Понатаму уште се осврнуваат и на неговата улога како сплотувач на сите, без оглед на нивната политичка, етничка или верска определба.
– Претседателот треба да се отелотвори како предводник на народот, лидер што нема да дозволува растурање и понижување на неговиот народ. Тој несебично ќе се бори младите да останат тука, оние што заминале да се вратат, за да можеме како држава да напредуваме, а не да се ситниме низ Европа и светот. Белата чума најмногу се случува поради заблудите на политичарите недораснати за своите функции. Политичарот што не е подготвен да се жртвува себеси за доброто на својот народ и на својата држава, подобро воопшто да не влегува во политика. Времињата кога политиката беше доходен бизнис полека изминува, доаѓа времето кога народот бара да живее достоинствено и кога повеќе не дозволува некој да го влече за нос. Затоа и претседателот на државата треба да биде народниот лидер, човекот со кој сите ќе се гордеат и ќе го следат – заклучуваат соговорниците.