Граѓаните си го кажаа своето

Не е лошо да се навратиме на нашата анкета уште еднаш, бидејќи од неа можат да се извлечат интересни заклучоци. Кандидатите за претседател е доволно да ги видат првите три најчесто користени атрибути од страна на нашите испитаници – чесен, работник, патриот – па да добијат доста јасна слика што сака македонскиот граѓанин. Македонските граѓани сакаат Претседател што нема да биде „англиска кралица“, затворен во дворецот на Водно, кој ќе гувее и ќе зборува за тажната судбина на нашиот народ, туку, напротив, ќе „излезе од кутијата“ и ќе се бори за Македонија и македонските граѓани и дома, но и насекаде во светот

Во предвечерјето на предизборната кампања за претседателските избори, а во пресрет на претседателските избори во изминатите десетина дена „Нова Македонија“ спроведе неформална теренска анкета низ целата земја за да ги слушне очекувањата на граѓаните за тоа каков претседател на државата посакуваат. Анкетата преку директен и непосреден устен разговор беше спроведена во 12 града од нашата држава, и тоа: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Битола, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип и Куманово, на неколку фреквентни локации, а анкетираните граѓани требаше само со еден збор, како што налагаше правилото на анкетата, да одговорат на прашањето „Каков претседател сакате?“
Според резултатите собрани преку неформалната директна комуникација со граѓаните, произлегува дека мнозинството анкетирани граѓани (365 граѓани или 28,58 отсто) посакуваат претседател што ќе биде пред сѐ чесен! Имено, генералната перцепција во општеството е дека корупцијата е рак-рана што ја нагризува македонската држава, па од тие причини и граѓаните очекуваат од водечките политичари со лични примери да покажат дека со чесно и посветено работење може да ѝ се стави крај на оваа негативна општествена појава, за која земјава постојано добива сериозни забелешки од меѓународните партнери. Борбата со корупцијата и со криминалот и владеењето на правото се клучните предуслови за успешно чекорење во евроинтегративниот процес.
Така се изјасни народот. Без да навлегуваме во академска расправа дали контактираните околу 2.000 граѓани, од кои над 1.200 одговориле, се репрезентативен примерок и каква методологија сме примениле (тоа ќе им го оставиме на специјализираните агенции за таа намена), овде само ќе споменеме дека анкетата ја направивме за наши потреби и со наши средства, така што не мора никому да му даваме посебен отчет или да објаснуваме премногу. Она што сакавме да го слушнеме, го добивме. Првичната информација за анкетата ја објавивме во вчерашниот број на печатеното издание, во наредниве денови ќе ги користиме податоците и за други анализи и коментари. Но, она што ни е најважно – реакцијата на многубројните читатели и следбеници на интернет-изданието на весникот ни потврдуваат дека сме на вистинскиот пат и нѐ охрабруваат да продолжиме во таа насока.

Сега останува да видиме дали овие наши сознанија, сликата на овој наш своевиден фоторобот на идниот претседател, ќе се совпадне со она што ќе го добиеме на крајот на претседателската трка. Значи, граѓаните си го кажаа своето, да видиме што ќе кажат кандидатите. Нацијата е во исчекување.
И додека трае тоа исчекување, не е лошо да се навратиме на нашата анкета уште еднаш, бидејќи од неа можат да се извлечат интересни заклучоци. Доволно е да се видат првите три најчесто користени атрибути од страна на нашите испитаници – чесен, работник, патриот – па да се добие доста јасна слика што сака македонскиот граѓанин. Граѓаните сакаат Претседател (со големо П) што нема да биде „англиска кралица“, затворен во дворецот на Водно, кој ќе гувее и ќе зборува за тажната судбина на нашиот народ, туку, напротив, ќе „излезе од кутијата“ и ќе се бори за Македонија и македонските граѓани и дома, но и насекаде во светот.
За таа цел ќе треба да се ангажира целиот творечки потенцијал во земјата, вклучувајќи ги и нашите сонародници низ светот, со цел да се започне процес на лобирање, на контактирање и активирање на старите пријатели на Македонија, но и создавање нови, кои заедно би можеле да се насочат кон една цел – евроинтеграција под услови што нема да бидат понижувачки и навредливи за ниеден граѓанин на земјава. Ако веќе сите партии се согласни дека влезот во ЕУ е целта кон која се стремиме, ајде да го сториме тоа, но да не дозволиме уцени и закани од ниедна страна како предуслов за да добиеме зелено светло.
Претседателот на државата можеби нема премногу ингеренции на домашен план, но затоа на полето на меѓународната политика тој има шанса да се искаже максимално. Светот е поле за културен натпревар, рекол уште великиот Гоце. Ако добиеме силен претседател, како што посакува народот од нашата анкета, а веруваме и најголемиот дел од нацијата, тогаш да го поткрепиме идниот татко на нацијата (или мајка, да не се разбереме погрешно) и да излеземе на мегдан. Сигурно дека имаме и ние да му кажеме на светот низ устата на нашиот претседател.

П.С. На крајот од оваа колумна би сакал да им се извинам на двете кандидатки за претседател на државата затоа што пишувајќи за идниот претседател цело време пишував во машки род. Тоа не значи дека нив ги исклучувам од трката, напротив, туку едноставно ме поведе секојдневното користење на терминот речиси исклучиво во машки род, а згора на тоа, премногу ќе го оптоварев текстот ако во секоја пригода пишував претседател/претседателка или која било друга форма во таа насока. Но, драги кандидатки, сакам да потсетам дека во нашата широка анкета на која анкетираните граѓани требаше да употребат само еден збор, и тоа по свој избор (а не со наши понудени одговори во анкетата), високи 5,6 отсто како од пушка одговорија: „Жена“! За Претседателка! Којзнае колкав ќе беше процентот анкетата да беше продолжена уште десетина дена… Со среќа на нашите кандидатки и кандидати! Нека победи таа или тој што во себе ќе има најголем процент од атрибутите што граѓаните ги посакаа да ги има македонскиот Претседател/ка!