Одлуката на Уставниот суд да не се поведува постапка за иницијативите што ги оспоруваат измените на Законот за работни односи не е донесена едногласно, но, сепак, тој е последната инстанца за жалба во државава. Евентуалното понатамошно барање на правдата за измените на Законот за работни односи би било пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур

ПО ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ДА НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА ЗА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ШТО ГИ ОСПОРУВААТ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

Уставниот суд не гледа загрозеност на работничките права во „на голема врата промовирана можност за 72-часовна работна седмица“, и тоа токму специјално за проектот за изградба на автопатските делници во Македонија што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Така, Уставниот суд одлучи да не поведува постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за работни односи што беа донесени за изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10д.
Одлуката на Уставниот суд е донесена во врска со предметот што беше оформен по иницијативите на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, како и по иницијативата на политичката партија Левица, а во врска со работните часови поврзани со реализацијата на договорот со „Бехтел и Енка“.
Заеднички именител на констатацијата од поднесувачите на иницијативите пред Уставниот суд, по неговата донесена одлука, е дека тој (Уставниот суд) е „политички заслепен“ за да најде (уставна и законска) причина да се заземе за заштита на правата на работниците што би учествувале во изградбата на автопатските делници во Македонија што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Изменетиот Закон за работни односи (не) е во спротивност со основните слободи и права на граѓаните?!

Во предметот по кој се дискутираше на 11-та седница на Уставниот суд беа оспорени членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи.
Забелешките на еден од подносителите на иницијативата пред Уставниот суд, односно од страна на Хелсиншки комитет, меѓу другото, се дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот, односно се наведува дека со нив се напушта нивото на заштита што го нудат позитивните законски прописи и меѓународни конвенции и се прави обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе воспоставените правила, што создава опасност од нееднаков третман и дискриминација на одредена група работници со акт на министер.
Во другата иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, подносителите наведуваат дека оспорените одредби од Законот се во спротивност со членовите 109 и 110 и членот 134 став 2 од самиот Закон за работни односи, како и со членот 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
Во третата иницијатива, на подносителите од Левица, забелешките беа во насока дека законската норма што предвидува дека прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот, е уназадувачка, општествено деградирачка и нехумана и е во спротивност со основните слободи и права на граѓаните.
Но на сите овие иницијативи, Уставниот суд одговори дека е доволна писмена согласност на работникот за дополнителни работни часови, што ја задоволува формата дека постои дополнителна гаранција за заштита на работниците.

Кои се аргументациите на Уставниот суд

Во аргументацијата на одлуката за неповедување постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за работни односи, портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, наведе дека не се прифатени наводите во иницијативите на подносителите, бидејќи Судот не најде неуставност во одредбите што меѓу другото ја уредуваат и прекувремената работа за проекти од стратегиско национално значење.
Со оспорениот член 117-а е предвидено дека по исклучок за работа на проекти од стратегиско национално значење, а поради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна писмена согласност на работникот.
– Според Уставниот суд, неосновани се наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа. Тоа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор во согласност со членовите 133 и 134 од Законот за работни односи. Токму овие членови го регулираат правото на дневен одмор, односно правото на работникот да има дневен одмор од 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена и правото на работникот на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато – објаснуваше портпаролката на Уставниот суд, Белевска.

Заеднички именител на констатацијата од поднесувачите на иницијативите пред Уставниот суд, по неговата донесена одлука, е дека тој (Уставниот суд) е „политички заслепен“ за да најде (уставна и законска) причина да се заземе за заштита на правата на работниците што би учествувале во изградбата на автопатските делници во Македонија што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“

Интересно е дека со претходните измени на Законот за работни односи се предвидуваше работниците на автопатиштата на „Бехтел и Енка“ да може да работат по 60 часа неделно, но таа одлука во 2022 година падна на Уставниот суд. Судиите тогаш аргументираа дека тоа „всушност значи откажување од правото на дневен и неделен одмор, имајќи ја предвид должината на работното време“. Сега пак сметаат дека на овој начин не се загрозува правото на гарантиран дневен одмор од 12 часа и неделен одмор од најмалку 24 часа.
Теоретски, сега на работниците на овие автопатишта им се дава можност да работат шест дена во неделата по 12 часа дневно, односно вкупно 72 часа неделно, или 32 часа прекувремено. Според Законот, другите вработени во Македонија може да работат прекувремено по осум часа неделно, односно работната недела да трае до 48 часа.
Во однос на писмената согласност од страна на работникот, членот 32 став 4 од Уставот предвидува дека секој има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и дека од тие права вработените не можат да се откажат, Уставниот суд смета дека тоа е доволна заштита на правата на работниците во услови на прекувремени работни часови.
– Токму формулацијата на оспорената законска одредба дека ниту еден работник не може да биде распореден да работи прекувремена работа без негова согласност, според Судот, упатува дека прекувремените работни часови се негов избор, а не обврска – вели портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, додавајќи дека „писмената согласност претставува дополнителна заштита на работникот дека не може да му биде наложена прекувремена работа спротивно на неговата волја и над законскиот лимит“.
Во однос на наводите за евентуално нарушување на безбедноста и здравјето при работа на работниците, Уставниот суд нема надлежност да се впушта во расправа за претпоставени прашања, земајќи го предвид фактот дека тие односи меѓу работникот и работодавецот се уредени со договори за работа, а должност на Државниот инспекторат за труд е да проверува дали тие права и обврски се почитуваат.
– Во согласност со членот 117 став 6, работодавецот е должен за секое воведување прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор за труд, што претставува посебна заштита на работниците што работат на проекти од стратегиско национално значење – наведува претставничката на Уставниот суд, Беловска.
Во однос на забелешките дека одредбите од Законот за работни односи се косат со одредби од други закони, како Законот за безбедност и здравје при работа, Судот смета дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната усогласеност на различни закони.
Заради изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10д, Собранието во мај минатата година, по брза постапка, донесе измени на пет закони, меѓу кои и на Законот за работни односи. Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот на 29 мај 2023.

За правниците несфатлива, за синдикатите неприфатлива одлуката на Уставниот суд

Речиси веднаш по соопштувањето на одлуката на Уставниот суд да се изземе од понатамошно постапување во однос на измените на Законот за работни односи, синдикатите изразија разочарување и револтираност од одлуката.
– Очигледно дека во Македонија одамна нема достоинство и пристојност, а владеењето на правото е исклучиво право на бизнисот и богатите наспроти работниците и сиромашните. Одлуката на Уставниот суд е печат на модерното ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската Унија во 2014 година – реагираа од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).
Одлуката на Уставниот суд да не се поведува постапка за иницијативите што ги оспоруваат измените на Законот за работни односи не е донесена едногласно, но сепак тој е последната инстанца за жалба во државава. Евентуалното понатамошно барање на правдата за измените на Законот за работни односи би било пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
– Нема друга инстанца во државава каде што може правно да се реагира за, во случајов, заштитата на работничките права. Бидејќи Уставниот суд одлучи да не поведува постапка за оцена на уставноста на измените на Законот за работни односи, доколку иницијаторите сметаат дека таквата одлука е незадоволителна, како правна можност останува постапка во Стразбур, пред Европскиот суд за човекови права. Иако е несфатливо зошто Уставниот суд толку широко ја толкува оваа материја и работничките права во овој случај ги сведува на личен избор и писмена согласност на работникот за преобемна прекувремена работа, во Македонија правните можности се исцрпени. Причините за таквите законски измени, а и за одлуката за непостапување на Уставниот суд се плитки и немаат основа ниту во Уставот ниту во другите законски акти што ги регулираат оваа материја на трудот и правата на работниците – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.