Повод: Редица изјави на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, за тоа како малите држави постепено стануваат пиони во големите сојузи
- Европската Унија како целина можеби произведува доволно храна, но прашањето е кој во таа целина профитира, а кој станува зависник. И не е само храната во прашање туку и многу повеќе, а се однесува на помалите земји во поголемите системи… Имено, кога една држава престанува да произведува основни добра, таа не ја губи само економската моќ туку и политичката автономија
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ деновиве повторно излезе со повеќе ставови што громогласно одекнаа во хрватската, регионалната и светската јавност. Неговите зборови звучат како тревога, која не само што треба да се чуе туку треба и да дејствува освестувачки и мобилизирачки. Дијагнозата, констатациите и пораките на хрватскиот претседател не се само со економски карактер, туку претставуваат суштински повеќеслоен политички осврт што се однесува на постепеното губење на суверенитетот. Милановиќ за својата држава директно укажува дека „Хрватска од земја што произведувала ’каква-таква’ храна, станала зависна од увоз“ и дека „тоа не е случајна економска грешка, туку последица на систем во кој националните политики се подредуваат на пошироки правила и интереси“. Европската Унија како целина можеби произведува доволно храна, но прашањето е кој во таа целина профитира, а кој станува зависник. И не е само храната во прашање туку и многу повеќе, а се однесува на помалите земји во поголемите системи… Имено, кога една држава престанува да произведува основни добра, таа не ја губи само економската моќ, туку и политичката автономија.
Економска зависност: прв чекор кон губење на суверенитетот
Претседателот на Хрватска, Милановиќ, во своите изјави за јавноста деновиве јасно кажува дека најголем дел граѓани живеат од плата и најмногу трошат на храна. Кога храната е увозна, секоја криза надвор станува криза дома.
Во рамките на големи системи како ЕУ, малите економии често се туркаат кон улога на пазари, а не како производители. Големите членки диктираат правила, стандарди и субвенции што ним им одговараат, додека помалите се приспособуваат, и тоа најчесто на сопствена штета, вели Милановиќ.
Воена и политичка подреденост: НАТО како пример
Изјавите на Милановиќ за воените прашања се уште поостри. Неговото прашање „како ние да исправаме туѓи брилијантни планови“ ја открива суштината на проблемот во воените сојузи како НАТО. Кога голема сила не може да реши конфликт, од малите сојузници се очекува да учествуваат, без реално влијание врз одлуките. Тоа не е партнерство, туку хиерархија.
Дополнително, неговата критика за присуството на странски воени бродови во хрватските води отвора уште посериозно прашање: Дали државата Хрватска воопшто има контрола врз сопствената територија?
Според него, дури и уставните процедури се заобиколуваат за да им се угоди на сојузниците. Тоа е јасен сигнал дека формалниот суверенитет постои, но суштинскиот – исчезнува.
Милановиќ: Ние сме окупирани! Дали неговата констатација е предимензионирање
или реалност?
– Кога претседател на држава ќе изјави „ние сме окупирани“, тоа не мора да значи класична воена окупација. Тоа е политичка метафора за состојба во која одлуките се носат надвор од државата, економијата зависи од надворешни центри, а безбедносната политика е диктирана од други. Во такви услови, суверенитетот станува декларативен, а не реален – велат нашите соговорници дипломати, кои беа прашани за нивно мислење на оваа тема.
Нашите соговорници, инспирирани од говорот на хрватскиот претседател Милановиќ, велат дека примерот на Хрватска не е изолиран. Тој е предупредување за сите држави што се интегрираат во големи системи.
Лекции за сите мали држави
Според нашите соговорници, четири столба е битно да останат монолитни при интеграцијата во поголеми (евроатлантски) системи. Прво, земјата што влегува во поголем и моќен сојуз да не се откажува од своето производство на добра. Имено, економската независност е основа на политичката независност, според соговорниците.
Второ, треба исклучително да се обрне внимание на таканаречените „споделени“ надлежности, односно она што се нарекува заедничка политика често значи губење на националната контрола. Трето, воените сојузи не се рамноправни. Во превод тоа секогаш значи дека големите сили одлучуваат, малите извршуваат. И четврто и последно, но не најмалку важно, е дека Уставот мора да биде над сè!
– Ако Уставот се заобиколува, реобликува, менува итн. во име на некаква „соработка“, тогаш државата веќе попуштила – истакнуваат нашите соговорници, кои во потполност се согласуваат со храбрите изјави на хрватскиот претседател Милановиќ.
Интеграција или асимилација?
Интеграцијата сама по себе не е проблем. Проблемот настанува кога таа се претвора во асимилација, односно кога државата престанува да носи сопствени одлуки и станува дел од туѓ систем на интереси.
Хрватска, преку зборовите на нејзиниот претседател, денес изгледа како пример за тоа како постепено се губи контролата, и тоа не преку сила, туку преку договори, компромиси и „стратешки партнерства“.
– Во врска со сето ова, прашањето што останува е едноставно, но суштинско, а тоа е дали малите држави влегуваат во овие сојузи како партнери или како подизведувачи на туѓа политика – поентираат на крајот на брифингот нашите соговорници, дипломати од кариера. П.Р.

































