Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со вчерашната владина одлука секоја набавка на мебел или на возила во државните институции, мора да биде одобрена од Владата и тоа ќе биде направено само во случај доколку е неопходно, нагласи денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека во однос на мебелот и на возилата кога се правел Буџетот за 2022 година тековните трошоци се намалени за осум проценти, мебелот бил предвиден само за опремување на касарните и на училиштата таму каде што е потребно, а возила биле предвидени за инспекциските служби и за доминантната бројка и други институции каде што се неопходни.

Во однос на другите трошоци, а тоа се тековните трошоци за стоки и услуги, што се ограничени со процент на намалување, како и трошоците за репрезентација што се ограничени со 50 процентно намалување, премиерот Ковачевски истакна дека контролата ја врши Министерството за финансии, бидејќи за сите институции има увид на дневна основа за нивното работење и трошоците.

Јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, истакна премиерот, имаат обврска на три месеци да поднесуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски систем, а потоа се разгледуваат и одобруваат на Влада.

– Секој што нема да ја почитува таа одлука ќе биде санкциониран согласно законите за трговски друштва и за работни односи, предупреди премиерот Ковачевски, кој денеска заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир направија теренска обиколка на локацијата во кругот на ОХИС, каде завршуваат подготвителните активности за отпочнување на процесот на чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери.

Инаку, Владата усвои антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор задолжувајќи ги сите буџетски корисници да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.

Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата. Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50 проценти да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително. Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство. Владата ги задолжи и јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15 проценти, да ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и за тоа да ја информираат Владата во рок од 15 дена.


Повик до ЈО и надлежните да го испитаат случајот со фирмата за одржување лифтови

На новинарско прашање како можело да се дозволи компанија што нема лиценца, односно со фалсификувани сертификати, да добие тендери за одржување на лифтови што чинат толкави суми, премиерот Димитар Ковачевски одговори дека го поттикнува Јавното обвинителството и сите надлежни институции веднаш да го испитаат тој случај.

– Доколку се работи за вистинити наводи во медиумите, да се постапи кон санкционирање на тие што тоа го сториле. Не знам точно кои институции имаат договори со тие фирми или фирма. Меѓутоа, тие договори нормално треба да бидат прекинати. Сторителите, доколку е точно, не знам дали е точно, Обвинителството тоа треба да го испита, да бидат најстрого санкционирани, бидејќи се работи за системи што значат многу во безбедноста на граѓаните, изјави Ковачевски по денешната заедничка обиколка на локацијата во кругот на ОХИС, каде завршуваат подготвителните активности за отпочнување на процесот на чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери.

Прашан за одлуката на полициските униформи во иднина покрај на македонски, да стои натпис и на албански јазик, премиерот Ковачевски појасни дека тоа е одлука што произлегува од Законот за употреба на јазиците и се работи за Уредба со која се спроведува и извршува Законот за употреба на јазиците.

– Ставен е период до една година затоа што за униформа и за друга опрема што има обележја, потребен е процес на тендерирање и на производство на таа опрема. Затоа е ставен тој период – појасни Ковачевски.


Имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати во регионот

Заради одлуките кои што ги донесовме во однос на скалестото намалување на акцизата и намалувањето на ДДВ, во регионот ние имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати. Било каде да отидете нема да најдете поефтина цена, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во активностите за чистење на линданот од малата депонија во кругот на фабриката ОХИС, истакна дека тоа се должи на брзата и навремена одлука, односно на мерките и препораките од страна на Владата и ефикасноста на Парламентот во донесувањето на законските решенија кои што веднаш беа објавени и Регулаторна комисија можеше да ја донесе одлуката.

Ковачевски прашан за цената на нафтата и нафтените деривати, нагласи дека се определува од страна на Регулаторната комисија за енергетика која е независна комисија и врз основа на пропишана методологија согласно препорака на Владата за да може да се менува на дневно, а не на неделно ниво.

– Колку што беше порасната цената на берзата имаше одреден број денови кога таа не беше веднаш корегирана заради седумдневното усогласување. Дел од компаниите кои работат на пазарот со нафта и нафтени деривати покажаа шпекулативно однесување. Тоа веднаш беше санкционирано од страна на соодветните инспекциски служби, а дел поднесоа и загуба, кои што до крај во тој ден кога беше очекувано покачување на нафтата испорачуваа гориво цело време. Методологијата е таква да не може да се манипулира и сите цени кои се определуваат се определуваат согласно таа методологија – вели Ковачевски.

Премиерот посочи дека и вчера имаше намалување на цената на дизелот и наведе дека доколу дојде до стабилизирање на цената на нафтата и нафтените деривати нормално дека тоа соодветно ќе влијае и на малопродажната цена.

– Колку што гледам, утрово берзите пак пораснаа, ќе видиме како ќе се движат во текот на денот, бидејќи дневно се менуваат цените на берзите. Ние мора да бидеме свесни дека Европа се наоѓа во војна, во Украина се води војна, каде што Русија изврши воена агресија врз Украина, и сето тоа влијаеше исклучително негативно и со далекусежни последици на цените на храната, на вештачките ѓубрива, на цените на суровините, особено на железото, на јагленот и на другите основни суровини. Сите 26 мерки што Владата ги донесе во изминатата недела се токму за справување со овие предизвици пред кои се соочуваме ние, но и целата светска економија, истакна Ковачевски.