Фото: М.М.

ВМРО-ДПМНЕ денеска се обиде да ѝ изгласа недоверба на претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска. Но, Габриела Илиевска го издржа ударот и со гласовите на советниците на СДСМ ја зачува својата фотелја. За смена на Илиевска гласаа 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ, советниците на Левица беа воздржани, а за останување на Габриела Илиевска на спикерското место  гласаа 16 советници, 13 од СДСМ и тројца од Поинаку.

По таквиот резултат од гласањето, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на прес-конференција изјави дека денеска во Битола и официјално беше промовирана новата коалиција, која  ја сочинуваат СДСМ и Поинаку.

– Денес и официјално бевме сведоци на новата коалиција во Советот на општина Битола, составена од СДСМ и Поинаку, што има јасна тенденција на пресликување на деструктивната централна политика на локално ниво. И за едните и за другите, главен приоритет е незаконското работење, партизацијата на институциите и блокирање на локалната самоуправа преку оневозможување на реализација на општинските програми, кои произлегуваат од приоритетите на нашите сограѓани, на битолчани од кои сме избрани сите да дејствуваме во интерес за остварување на истите. Советничката Габриела Илиевска, продолжува да делува како продолжена рака на СДСМ, до скоро неодлучна во своите приоритети кои никако не им одат во прилог кон остварување на потребата на граѓаните од кои што е изгласана, такашто, нејзиното незаконско работење, денес е наградено со поддршка од СДСМ и покрај бројните решенија и дописи од државниот инспекторат за локална самоуправа, за прекршување на Деловникот за работа од страна на Илиевска – изјави Коњановски.

Тој додаде дека новата коалиција е потврдена со неизгласување на предлогот за разрешување на Илиевска.

– Новата коалиција, која месеци наназад неофицијално се препознаваше, денес се потврди со неизгласувањето на разрешувањето на советничката Габриела Илиевска, од позицијата претседател на Советот на Општина Битола. Зад ваквото делување, не постојат чесни намери и тоа лесно се препознава. Мојата конструктивност, за која сум избран од граѓаните, продолжува и токму затоа со поддршка од општинската администрација, изготвени се предлог програми кои не се популистички, туку реални потреби за 2024 година за продолжување на инфраструктурните проекти, поддршката на спортот, социјалната заштита, образованието, културата. Зад секоја кочница на реализацијата, одговорноста пред граѓаните, ќе мора да ја понесе новата коалиција на СДСМ и Поинаку која повеќе од очигледно е долго време планирана, па оттаму доаѓа и одговорот зошто проектите и општинската работа во континуитет се кочат – изјави на прес-конференцијата Коњановски.

На ваквите обвинувања претседателката на Советот, Габриела Илиевска изјави дека откако таа се спротиставила на политиките на градоначалникот и партиските вработувања, ВМРО ДПМНЕ се свртело против неа. М.М.