Коњ си е коњ

Од памтивек се знае дека коњот е едно од најверните и најприврзаните, не би рекол „животно“ туку господово суштество што го придружува човекот низ целата негова историја. Како и луѓето така и коњите си личат еден на друг, но сепак има одредена различност меѓу нив, и кај тие вистинските, живите коњи и кај тие наменските, изградени со определена цел. Има добри коњи, има и такви што се срдити, односнo да не кажеме лоши, туку остри.
Поради своите совршени форми на телото, коњот како инспирација и модел е присутен и во творештвото. Особено во ликовната дејност имаме многу примери на скулптури или слики во кои коњот е главна тема и преокупација. На пример, скулптурата од Андреа Верокио на која го има претставено воинот Бартоломео Колеоне качен на коњ, изведена во втората половина на петнаесеттиот век. Значи, за коњите има секакви приказни, вистинити, полувистинити и тотално невистинити. Можеби затоа коњот е толку омилен и популарен кај човекот.
За Букефал, коњот на Александар, е пишувано многу, се разбира тој го заслужува тоа. Интересен е наменскиот коњ направен од дрвена конструкција што беше поставен како божествен дар пред портите на Троја, а во неговата утроба се криеше итриот Одисеј, кралот на Итака, заедно со неговите придружници, кои имаа за цел со измама да ја освојат неприкосновената Троја и да ја уништат, нешто што им појде од рака. Во овој случај коњот на некој начин од страна на тогашната атинска војска беше злоупотребен и употребен како мамка, која Тројанците ја проголтаа.
Денес коњите играат друга улога, дел од нив како да добија музејска вредност, особено тие наменските, кои многу често можеме да ги видиме во форма на скулптури во разни градови од светот. И во нашиот простор имаме одреден број скулптури на коњи, врз нив качени наши важни историски личности. Добро е што е така, тие нѐ принудуваат да не ја заборавиме сопствената култура, традиција, особено нашата историја, која многу често ја потценуваме – нешто што е крајно неодговорно и бесмислено.

Сивата слика од нашата реалност се сцените со социјален белег кога ослабен и изнемоштен коњ влече арабаџиска кола со тежок товар врз неа. Можеби од таквите економски состојби почнавме да размислуваме за поинаков свет во кој ќе владеат правичност и извесна демократија. Дали оттука излезе и помислата дека ако влеземе во НАТО, тие ќе нѐ бранат, ако пак нѐ примат во ЕУ, тие не само што ќе нѐ хранат туку еднаш внатре ќе можеме да лапаме багателни фондови, каде што ги има колку сакаш и какви можеш само во сон да ги видиш?
И навистина едно убаво утро од ист таков прекрасен ден, како во сон, во дворот на Македонија се виде голем дрвен коњ на кој пишуваше ЕУ! Однадвор дрвениот коњ убаво изгледаше, прецизно изработен и со елегантна става, чиниш коњ од бајките. Внатре просторот чудесен, а луѓето љубезни и стројни! На некои од нашите врвни политичари им се пристори дека овој коњ по малку ги потсетува на тој историскиот, на тој од Троја, и се запрашаа: Ова за нас од ЕУ?! Маѓепсани од убавината што нѐ чека, нашите политичари веднаш се вратија во сонот и меѓу себе тивко си кажаа: „Иако во денешно време сѐ е историско, сепак секоја сличност или споредба со тој другиот коњ е ненамерна и сосема случајна, тоа е нашиот став! Нели овие од ЕУ заедно со коњот по наша покана дојдоа да ни помогнат околу нашето влегување внатре во коњот, во просторот на ЕУ, затоа за оваа работа никаков зуц-муц или’мало морген’, како што знае да каже еден наш голем мудрец“.
Од коњот излегоа европските политичари, а нашите од радост за средбата посакаа да се искапат во преспанските води, но големите гости од ЕУ ги спречија, со што беше одбегната тешка македонска драма.
„Види колку убав, среќен и спокоен свет нѐ чека, а и коњот е прекрасен“, си говореа нашите избраници.

„Во ЕУ вашето место ве чека, но со еден мал услов, ќе треба да го смените името, бидејќи потомците на Грција, Агамемнон и други како него многу се серт, а ЕУ не би сакала да се повторува историјата, плус денес средствата за уништување се многу пософистицирани од времето на славниот Одисеј и Ахил“, говореа тие од ЕУ.
„Ма, ќе смениме сѐ што треба, името, тоа е најмал проблем“, возвраќаа нашите! Нели споменавме дека и коњите си личат едни на други, коњ си е коњ нели? Потоа средбата се претвори во радосна веселба, која личеше на свадба, се разменуваа подароци во разни бои, по што следуваше и добар езерски оброк, се разбира на наша сметка. И така, во таа еуфорична состојба, полна со радост, ни отиде името, а ние не влеговме во коњот од Преспа. За причините можеме да нагаѓаме, но гола вистина е дека коњот дојден од ЕУ содржеше извесна доза на вешта мамка, скроена од надворешните политички актери, а овие домашните политичари лакомо ја лапнаа.
Приказната за коњот од ЕУ не заврши во Нивици, по година или две се појави во близината на границата со источниот сосед, сега обоен во друг колорит, кој повеќе личеше на бугарски јајца поставени врз француска палета. Измамата од Преспа како да се заборави, и по втората појава на коњот од ЕУ се случи уште порадосна журка, која содржеше тешки и опасни барања од страна на источниот сосед.

„Кога ќе може да влеземе во вашиот прекрасен коњ“, прашуваа нашите? „Пред да влезете вие кај нас, ќе треба да ја отворите вратата од вашиот Устав во кој треба да влезат вашите соседи од исток, потоа и ние ќе ве сместиме кај нас“, говореа демократите од еден од прозорците на коњот од ЕУ.
Бидејќи на некој начин се изгубија сите надежи за влез внатре во коњот дојден од ЕУ, кој многу почна да потсетува на тој историскиот, сега власта удри во потрага по домашни багателни фондови како коридор еден, два, можеби и пет, но сигурно е за коридор осум и десет, и којзнае можеби со милијардите наменети за изградба на патишта ќе се создадат идеални услови за поткуп на гласачи, фрлање бакшиш на луѓе што влегуваат однадвор и такви што излегуваат однатре, величествени процеси што можат да се преточат во историски измами.

Коле Манев