Фото: ЕПА

Италија, Финска и Грција од неодамна имаат промени на владите, промена на владините политики и со тоа, промени во политичката опсервација на политичките траектории на нивните земји и на општеството во целост. Следна европска земја на промени би можела да биде Шпанија… Промената се очекува да влијае на сè, од климатската политика до миграциските политики

Нови политички трендови на Стариот Континент

Прво беше Италија, потоа Финска и Грција, а следна би можела да биде Шпанија. Низ Европа, составот на парламентите почна да се менува според искажаната изборна волја на граѓаните. Со тоа, и владите почнаа да се менуваат и со своите владини политики да тежнеат кон враќање на традиционалните вредности, практикувајќи конзервативна идеологија, односно т.н. политики на десницата.

Што е тоа политика на десницата?

За политичките поими „десно крило“, „политичка десница“ и само „десница“ има повеќе дефиниции, а со истото име во политиката понекогаш можат да се означуваат повеќе нешта. Сепак, главно се користи за објаснување на сегментите од политичкиот спектар што често се идентификуваат со некои степени на конзервативизам, традиционализам, религиозна десница, национализам, нативизам, реализам, некогаш и ројализам или едноставно како „спротивно од левичарската политика“. Поимот настанал во Француската револуција, кога либералите од третиот ред граѓани седеле лево од претседателската фотелја, навика што започнала во 1789 г. Благородништвото, односно членовите на вториот ред седеле десно. На подоцнежните законодавни собири, монархистите, кои го поддржувале стариот режим, биле нарекувани десничари затоа што седеле на десната страна. Сѐ уште е традиција во Народното собрание на Франција претставниците да седат лево и десно од претседателот, според нивната политичка ориентираност. Кога потеклото на овој термин избледело, неговото значење се сменило, така што означува нечија ориентираност според идеите, ставовите и гледната точка, при што денес, терминот речиси секогаш вклучува некои облици на конзервативизам.

Европската Унија (ЕУ) следната година треба да избере нов Европски
парламент, ќе биде ли поконзервативен?

Во актуелниов момент во Европа се забележува трендот дека традиционалните десничарски партии се во подем. Но, рака на срце, тука веднаш треба да се направи и разлика меѓу умерено десните, централно десничарски ориентирани партии и крајните десничари. Сепак, за издвојување е дека и последниве, имено екстремно десничарските партии, освојуваат сè повеќе парламентарни места и локални самоуправи. На пример, партијата Алтернатива за Германија (АФД), која веќе е под лупа поради, како што во јавноста пишува во Германија, „осомничениот екстремно десничарски екстремизам“, сега во анкетите ги надминува социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и дури неодамна постигна победа на локалните избори.
Трендот, се разбира, не започна токму со Италија и десничарската премиерка Џорџа Мелони. Минатата година конзервативците остварија впечатливи резултати. Во иднина овој тренд може да продолжи, сметаат аналитичари од Брисел, бидејќи дури и државите како Шпанија и Словачка се чини дека се подготвени да се свртат кон десницата на претстојните избори. Тоа е развој на настаните што неизбежно ќе ја преобликува Европа, тврдат политички аналитичари, влијаејќи на сè, од начинот на справување со климатските промени, родителските права, до политиките за имигрирање. Покрај тоа, Европската Унија (ЕУ) следната година треба да избере нов Европски парламент, па така, десничарското движење може да создаде и поконзервативен Брисел во годините што доаѓаат – период што ќе содржи клучни одлуки за работи како што се проширување на ЕУ кон исток, трговија со Кина и строго почитување на владеењето на правото во земјите на Унијата.

Примери што го потврдуваат новиот европски идеолошки тренд

Променливиот политички пејзаж во Европа беше очигледен во Брисел токму кога лидерите на ЕУ се собраа на нивниот редовен самит: на истата европска „маса“ седеше Петри Орпо, новиот фински премиер, кој ја предводи (десната) конзервативна Национална коалициска партија! Политичкото свртување надесно на неговата земја во текот на минатата година е вистинска илустрација на десничарскиот тренд што се случи во делови од Европа. По четири години левичарска коалициска влада од пет партии, гласачите ја напуштија социјалдемократката Сана Марин, што доведе до воспоставување на најдесничарската влада во финската историја.
Понатаму, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, исто така, пристигна со висока изборна победа. Лидерот на десниот центар во Грција на изборите освои многу поголемо мнозинство од претходниот пат. Прашањето за тоа кој ги зазема местата на масата на ЕУ е важно, особено во Европскиот совет, кој ги собира 27-те лидери на Унијата за на крајот да мора да одлучи за политичките приоритети и политичките иницијативи на Брисел!
Првите знаци дека влијанието на Мелони е прифатливо во Европа се појавија минатата есен на нејзиниот прв самит на ЕУ. Додека лидерите се занимаваа со трнливото прашање за миграцијата, италијанската лидерка отворено откри дека „сака политиката на ЕУ да се фокусира повеќе на спречување на мигрантите да дојдат во Европа“. По првиот изненадувачки стрес во бриселската администрација, постепено се омекна видувањето на тврдиот став на италијанската премиерка во врска со мигрантските политики. Имено, неколку месеци подоцна, центристичкиот холандски премиер Марк Руте и шефицата на Европската комисија од десниот центар, Урсула фон дер Лејен, највисоката извршна власт на ЕУ, ја придружуваа Мелони на патувањето во Тунис во обид да го запрат миграцискиот тек од северноафриканската земја што беше приказ на меѓупартиското единство. Патувањето дојде само неколку часа откако земјите на ЕУ склучија договор во корист на Италија за тоа како да се справат и распоредат мигрантите, што ѝ дава на владата на Мелони поголема слобода да ги врати назад одбиените баратели на азил.

Европскиот парламент е на ред

Десничарскиот тренд би можел наскоро да се јави и во Европскиот парламент и да влијае на водењето на политиките од Брисел. За помалку од една година, гласачите ќе избираат нов парламент, а конзервативците во своите анализи предвидуваат да освојат голем број пратенички места. За почеток, тоа ќе ја охрабри централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП), која веќе е најголемото политичко семејство во парламентот. Но добри резултати се очекува да постигне и конзервативниот блок, кој исто така може да ја претвори крајно десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), во која членуваат Мелони и полската партија Право и правда, при што центристичките и централнодесничарските пратеници би можеле да ги здружат гласовите за да ја спроведат нивната агенда. Тоа би ги отсликувало растечката карактеристика на националните политики и подготвеноста на традиционалните конзервативни партии да се здружат до крајната десница. Од Шведска, каде што конзервативниот лидер добива поддршка од екстремно десничарските Шведски демократи, до Финска, каде што на власт е десничарската популистичка партија на Финците, поекстремните партии добиваат шанса да помогнат во владеењето, дури и во една „разводнета форма“.
Има знаци дека слична политичка пресметка е во тек во Европскиот парламент, при што Европска народна партија (ЕПП) веќе гледа на корисни здружувања со екстремната десница. Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, беше последната лидерка на ЕПП што ѝ оддаде почит на Мелони, која ја посети во премиерската резиденција неодамна во Рим, по сличното обраќање на Манфред Вебер, кој раководи со ЕПП. Групите неодамна се собраа за да се борат против Законот за обновување на природата, кој е клучен дел од планот на ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година. Засега, ЕПП со поддршка од ЕЦР успешно го бојкотираше законот, наведувајќи ја загриженоста на земјоделците и критикувајќи ја Европската комисија за „одење предалеку и пребрзо со зелената агенда“!

Во очекување на новиот бран оддесно, левоориентираните партии се подготвуваат за жестока политичка борба

Останува уште една година додека граѓаните на ЕУ да излезат на гласање, а следните неколку месеци ќе бидат проследени со клучни моменти, кои ќе понудат увид на која страна ќе дува политичкиот ветер. Прва е Шпанија, а гласачите ќе излезат на гласање во втората половина на јули. Главната партија на десниот центар во земјата, Народната партија (ПП), е уверена дека ќе ја врати власта откако ја победи социјалистичката партија на премиерот Педро Санчез на локалните избори. Како што се вжештува кампањата, Санчез предупредува на можна врска помеѓу ПП и екстремно десничарската партија Вокс, надевајќи се дека нивната поврзаност може да ги одврати левичарските гласачи од средната класа. Но враќањето на власт од страна на ПП, како што изгледа веројатно, ќе го зајакне десничарскиот тренд во Европа.
Во Полска, партијата Закон и правда, која е центар на десничарската моќ во ЕУ, води во анкетите пред есенските избори, додека Словачка е подготвена за враќање на популистичкиот лидер Роберт Фицо на предвремените избори закажани за септември.
Меѓутоа, не сите земји го следат овој тренд. Центристичките влади во Ирска и во Литванија се соочуваат со изборни предизвици од левицата. Германија, која е најнаселената земја во ЕУ, сè уште е предводена од социјалдемократите. Но дури и таму, контролата на власта на Олаф Шолц е нестабилна, а ривалските демохристијани и екстремната десница АФД го зголемуваат рејтингот во анкетите.

Подготвил: Mарјан Велевски