Дволична, неконзистентна, опортунистичка политика, која се практикува аматерски, според соговорниците, води и применува ДУИ сето ова време, од нејзината терористичко-милитантна метаморфоза во политичка. Од една страна, тие се жестоки борци за одбрана на Преспанската спогодба и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, бидејќи со двата договора се загрозува исклучиво македонскиот идентитет, без да бидат загрозени тие како етникум, но, од друга страна, ги поздравуваат потенцијалните казни за сите што ќе се спротивстават на идентитетската деконструкција на македонскиот народ
Како „(дез)интегративците“ ги почитуваат мерките на САД штитејќи ги своите функционери од американската црна листа?!
Демократската унија за интеграција (ДУИ) повеќе од две децении е на политичката сцена во Македонија. Но политички аналитичари и универзитетски професори се унисони во својата констатација дека „она што ја означува оваа партија сиве изминати години, тоа е нејзината политичка – дволичност“! За тоа тие наведуваат и низа флагрантни и најсвежи примери.
ДУИ јавно ги поддржува политиките на САД,
но со своите постапки всушност ги минира
Во пресрет на одбележувањето на шестгодишнината од потпишувањето на Преспанската спогодба, ДУИ уште еднаш повтори дека ја поздравува извршната одлука на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, и се согласува со неа, со која, како што е наведено во партиското соопштение, се потврдува валидноста на американските казнени мерки против сите што нема да ја почитуваат содржината на Охридскиот договор, на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедство.
Дволичноста тука може да се огледа во тоа што, од една страна, ДУИ ги поддржува казнените мерки од страна на САД кога станува збор за оние што нема да ги почитуваат трите договора, Охридскиот, Преспанскиот и оној со Бугарија, а се прави како да не постојат казнените мерки исто така воведени од страна на САД против нивни функционери што се најдоа на американската црна листа.
На таа казнена американска црна листа е струшкиот градоначелник Рамиз Мерко, од кого ДУИ не само што не се огради и не го исклучи од членството, туку и натаму е нејзин главен играч и партиски координатор во овој дел од земјата.
Во коалиција со ДУИ на последните избори се најдоа луѓе што и натаму се на американската црна листа, но за интегративците не е проблем ниту тоа ако им обезбедува гласови на изборите за да можат подоцна да тврдат и да се докажуваат околу тоа кој имал поголем легитимитет кај албанските гласачи.
Општиот заклучок што може да се изведе од досегашното однесување на ДУИ, според нашите соговорници, е дека „ДУИ ќе поздрави секакви казнени мерки што не ги загрозуваат нејзините партиски интереси, односно желбата што подолго да остане на власт, но ќе молчи кога директно тие е засегната од ваквите мерки“!
ДУИ практикува политики на двоен колосек уште од својата метаморфоза
Дволична, неконзистентна, опортунистичка политика, која се практикува аматерски, според соговорниците, води и применува ДУИ сето ова време, од нејзината терористичко-милитантна метаморфоза во политичка. Од една страна, тие се жестоки борци за одбрана на Преспанската спогодба и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија бидејќи со двата договора се загрозува исклучиво македонскиот идентитет, без да бидат загрозени тие како етникум, но, од друга страна, ги поздравуваат потенцијалните казни за сите што ќе се спротивстават на идентитетската деконструкција на македонскиот народ.
Ако беше поинаку, ДУИ ќе ја поздравеше и најновата американска црна листа, на која се најде и нивен функционер, и со постапка на исклучување и оградување од корумпираните функционери ќе покажеше дека не постапува дволично.
Уште порадикален пример за дволичното однесување на ДУИ е односот кон барањето на Комитетот за човекови права при Советот за Европа за повторно отворање на хашките случаи. Наместо интегративците да ја поздрават и оваа иницијатива и да побараат казни за сите оние за кои ќе се утврди дека извршиле воени злосторства, тие се затскриваат зад некакви автентични толкувања, игнорирајќи го фактот дека воените злосторства никогаш не застаруваат и не можат да се покријат со никакви автентични толкувања.
Слично беше и со објавата дека рамковниот договор е исцрпен, за сега одново првиот човек на партијата предупредува дека се прекршувал овој договор само затоа што ДУИ мора да замине во опозиција. Дволичните политики се увидоа и во 2017 година, кога интегративците први го напуштија принципот „победник со победник“ за да помогнат во инженерингот за преименување на државата, за седум години потоа да кажуваат дека тој принцип морало да важи и да се почитува сега кога мора да заминат во опозиција.
Гротескно „зелени“
Крајно гротескна беше објавата од 2021 година, дека откако ги исполниле сите барања на албанската етничка заедница, стануваат зелена партија и ќе се посветат на заштитата на животната средина. За релативно кусо време заборавија на зелената агенда и повторно се вратија на старата добро проверена националистичка реторика, со „чизмите на таванот на старата куќа“, скандирања „УЧК, УЧК“, откако увидоа дека освен гол национализам, немаат со што друго да се пофалат пред своите гласачи.
Едноставно за сето ова време ДУИ не сфати дека не може постојано да води политика на два колосека, која е во интерес исклучиво на партиската каста, додека народот и оние што им ја дале довербата живеат сѐ посиромашно и полошо. Токму поради таквиот дволичен однос ги стигна казната, без оглед колку сакаат да се наметнат како политички фактор што победил на изборите, форсирајќи ја тезата дека во земјава има паралелни изборни процеси, а не едни избори на кои победникот прави влада.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски низ своја призма ги анализира дволичните политики на ДУИ во еден континуитет со години.
– ДУИ се покажа дека е криминогена партија, која пропагира лажни вредности, од зелена агенда до почитување на правото. Случајот со градоначалникот на Струга, кој е од нивните редови и со кои лидерот на партијата има блиски конекции, а е на црната листа, ја покажува само нивната лицемерност. Да не зборуваме и за случајот со Бесмира Ејупи, која упорно некој ја турка во дипломатијата иако нема квалификации за такво нешто, ги потврдува лицемерните и лажни стандарди на партијата – вели Пекевски.
Тој смета дека и оние што досега ја поддржувале партијата и го давале својот глас за интегративците на избори, полека стануваат свесни дека се предмет на манипулација и на дволични политики од кои бенефиција има само врвот на партијата, но не и обичните граѓани.
– ДУИ се движи со стравотна брзина кон бездната поради корупцијата и криминалот, партијата е прочитана и во следниот период повеќе од извесно е дека ќе мора да следуваат внатрепартиски реформи, кои ќе бидат болни за партијата – посочува Пекевски.
И другите аналитичари со кои поразговаравме сметаат дека ДУИ е разобличена како партија токму поради дволичните политики што ги водеше сите овие години.
Македонија е на ова политичко ниво затоа што дозволи со неа да
експериментираат неодговорни, необразовани и неморални политичари
– Ако ја поздравуваш одлуката на САД за казнени мерки за сите оние што ги загрозуваат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, ќе ја поздравиш и одлуката на американскиот Стејт департмент во врска со црната листа, ќе го исклучиш од членство сопствениот функционер што се нашол на таа листа и ќе ги повикаш институциите да ги испитаат сите наводи поради кои Американците го ставиле тој човек на црната листа. Тоа е принципиелна политика, а не само да ги поздравуваш одлуките што секако подразбираат казни за Македонците што ќе изнесат став дека некој од договорите е штетен за македонскиот идентитет и дека треба да се направи нешто тие да се подобрат во наш интерес. ДУИ цело време се однесува како државата да е нејзина сопственост и како сите други да мора да се потчинуваат на нејзините еднострани толкувања, дека тие се безгрешни, а сите други мора да си ја платат цената за евентуалната непослушност. Тоа веќе никаде не поминува и време е оваа партија, наместо дволичност, да почне на граѓаните да им нуди реални политики од кои сите ќе живеат подобро, а не само партискиот врв – заклучуваат соговорниците.