Фото: Игор Бансколиев

Скопскиот Регион е единствениот од сите осум статистички региони каде што во последните 20 години има раст на населението, и тоа од 4,99 отсто, како и раст на домаќинствата од 15,14 отсто. Следствено на ова, Скопскиот Регион е и најгусто населен регион со 334,99 жители на квадратен километар. Овие податоци, навидум сувопарни, преку бројки го отсликуваат непланскиот и хаотичен развој на Скопје (и неговиот регион) низ годините, конкретно во изминатите 20 години, од претходниот попис

Контроверзната драматика во развојот на главниот град на Македонија

Резултатите од пописот спроведен во септември, минатата година, во голема мера предизвикаа ефект на зачуденост кај македонските граѓани со сублимацијата на состојбите, кои, всушност, секојдневно ги живееме и со потврдата на информациите што ги насетуваме. Едно од таквите очекувани „изненадувања“ од пописот е официјалната констатација дека Скопскиот Регион е единствениот од сите осум статистички региони каде што во последните 20 години има раст на населението, и тоа од + 4,99 отсто, како и раст на домаќинствата од 15,14 отсто. Следствено на ова, Скопскиот Регион е и најгусто населен регион со 334,99 жители на квадратен километар. Овие податоци, навидум сувопарни, преку бројки го отсликуваат непланскиот и хаотичен развој на Скопје (и неговиот регион) низ годините, конкретно во изминатите 20, од претходниот попис.
– Пописот е само слика на сета контроверзна драматика во развојот на главниот град на Македонија, во изминатите не само 20 туку барем 40 години. Во сегашната линија на развојниот пресек на Скопје, може да се констатира дека барем 50 отсто од градот е изграден надвор од планот, поставен во 1965 година, според визијата на Кензо Танге. Според тогашниот план, Скопје требаше да има градско јадро и шест приградски населби, на не многу голема оддалеченост, но облагородена со зелен појас. Во овие четириесетина години, тој простор меѓу градското јадро и приградските населби се пополни со градби (многу од нив и сега веќе легализирани дивоградби), па Скопје веќе нема ниту аерација, се задушува во загаденост 150-160 дена во годината, во центарот на градот веќе не само што нема зеленило туку речиси нема ни земја – сѐ е бетонирано… Ако според стандарди би требало да има 30 квадратни метри природен простор по човек, прашање е во центарот на Скопје, дали има и три квадратни метри – вели социологот Илија Ацески, кој долги години работи на истражувања за социолошкиот, антрополошкиот и еколошкиот аспект на живеењето во Скопје.
Според професорот Илија Ацески, неконтролираното населување и урбанизацијата (повеќе бетонизација) на Скопје не одат во прилог на квалитетот на животот во него, ниту, пак, во прилог на економскиот развој на целата држава.

Тој укажува на искуствата од развојот на другите градови во светот, во кои кога бројноста на населението почнала да надминува 400-450.000 жители, веќе се преземале активности за градење подземна и надземна сообраќајна инфраструктура, поради согледувањето дека сообраќајот на едно ниво со толку население и перспектива на зголемување е незадоволителен и се создаваат долготрајни метежи. Тоа е само еден од аспектите на (не)квалитетот на животот при непланскиот развој на градовите во метрополи. Пресметано преку повеќе економски параметри, професорот Ацески укажува дека поради проблемите што се создадени од пренаселеноста и непланскиот развој на градот (загадување, сообраќаен метеж, несоодветни услови за живот во значителен број живеалишта во кои живеат новонаселените, само за да бидат во главниот град…), Скопје годишно прави загуба од 300 до 400 милиони евра и станува нездрава средина за живеење.
– Споредбите на главните градови на Македонија и на Словенија се прават уште од времето кога Скопје по земјотресот во 1963 година беше прогласено за отворен град, додека Љубљана остана да се придржува на политиката да не дозволува жителство на новодојдените во градот. Шеесетина години подоцна, населението во Љубљана растеше во рамките на проекциите, додека Скопје сега е пред предизвикот да најде начин како да ги намали своите жители барем за 100.000, односно толку население да се дисперзира барем на 30 километри оддалеченост од централното градско јадро. Секако, тоа не може да се случи одеднаш, но треба да се размислува за да се креираат политики и да се изгради инфраструктура да се случи тоа во период од барем 10 години. Просторниот капацитет за градење на центарот на градот и така е веќе исцрпен, а наместо поквалитетен живот, жителите во центарот на градот се соочуваат со просторни и еколошки предизвици, за висока цена – вели професорот Илија Ацески.
Демографот Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, посочува контрадикторност во состојбите со растот на населението во Скопје, според податоците од последниот попис, особено во општините Карпош и Кисела Вода. Со години, природниот прираст во овие општини е негативен (односно има повеќе починати од родени), но на пописот се покажа дека населението, домаќинствата и становите се во значителен пораст.

– Познато е и од порано, но пописот го потврди тоа дека порастот на населението во Скопје е резултат на внатрешните миграции во Македонија. На сметка на растот на Скопје, намалени се населението и другите пописни параметри речиси насекаде низ земјата. Тоа укажува на нерамномерен развој на регионите. За споредба, во Словенија, покрај главниот град, Љубљана, има уште околу 6.600 населени места, додека во Македонија имаме 1.783 населени места. Во триесетина села низ државата имаме вкупно население од 2.500 жители, што значи дека тоа се празни села, со по десетина жители. Четириесет општини во Македонија имаат негативен природен прираст. Една третина од населението во државата, официјално живее во Скопје, но во реалноста таа бројка е поголема, со оглед дека голем дел од тие што практично живеат во главниот град немаат регулиран статус на жители, со скопско живеалиште во личната карта. Пописот треба да се искористи правилно од државата, да се направат анализи за понатамошниот економски развој на државата и конечно да се покаже интерес да се применуваат стратегиите за рамномерен регионален развој – вели демографот Дончо Герасимовски.
Двајцата експерти, Ацески и Герасимовски, се согласни дека треба да се размислува во насока на мерки за ограничување на бројноста на жителите на Скопје, по принципот на Љубљана. Тоа, според нив, не значи дека жителите што нема да имаат скопска адреса не би можеле да работат во Скопје, но треба да се прават планови и проекции за подобрена патна инфраструктура да можат брзо, безбедно и со разумни трошоци да патуваат од живеалиштето до работното место. Сегашната димензионираност на градското живеење во Скопје дава сериозни сигнали дека се претвора во нездрава средина за живеење. Ако продолжат градежната експанзија и доселувањето, квалитетот на животот само ќе се влошува, иако ќе биде поскап.


Градежна експанзија и празни станови

Меѓу другите податоци од пописот се покажа и дека бројот на изградени станови во Скопје е зголемен за 30 отсто во изминативе 20 години, иако резидентното население во Македонија е намалено за околу 220.000 жители. Професорот Илија Ацески смета дека дел од причините за овој феномен и изградба на станови (кои долго време се празни) се должи на психологијата за „сигурна инвестиција“.
– Од една страна банките во Македонија даваат многу станбени кредити, но и нема многу начини во државава за (сигурно) вложување на некаков капитал или поголеми средства. Затоа, сѐ уште се смета дека недвижностите, односно купување стан на атрактивна локација (обично центарот на Скопје) е некаква најсигурна инвестиција, без големи ризици – вели професорот Ацески.