Политичките аналитичари, професори, правници и економисти со кои разговаравме проценуваат дека почетокот на оваа собраниска седница наменета за менување на Уставот, како уште еден услов за ефективен почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, е всушност само уште еден чекор на Македонија во сложениот лавиринт на евроинтеграциите, без мапа и предвидливост на условите што ќе ѝ бидат поставувани. Според нив, повеќе од очигледно е дека македонската преговарачка рамка е со паралелни сетови од квазикритериуми, покрај оние стандардните Копенхашки критериуми на Унијата. Предложената преговарачка рамка за Македонија во т.н. француски предлог дури не е принципиелно идентична ниту со онаа на Албанија, но ниту со оние на Црна Гора и Србија, кои повеќе од десетина години преговараат во ЕУ, без значителен напредок. Вонстандардноста на преговарачката рамка за Македонија во најголема мера произлегува од внесувањето билатерални договори (со Бугарија, но и Грција) како паракритериуми во преговарачкиот процес. Секако, тоа дополнително ја компликува непредвидливоста на евроинтегративниот лавиринт наменет за Македонија, но и неизбежно го наметнува предизвикот за сите во Македонија – кој е излезот од таквиот лавиринт?

Во Собранието вчера, 18 август, започна пленарната седница за предлогот на Владата за отворање на Уставот за внесување на Бугарите како „дел од народ“ (и уште пет други малцинства) во уставната преамбула, но и во уште два други члена во нормативниот дел. Познато е дека предизвикот на овие уставни измени е постигнување двотретинско мнозинство од 80 пратеници. Гласањето за дневниот ред на собраниската седница покажа недостиг барем од десет гласа до потребното мнозинство (70 гласа – за, 47 – против) за усвојување на бараните уставни измени, но тоа е само почеток на собранискиот процес.
Од друга страна, политичките аналитичари проценуваат дека почетокот на оваа собраниска седница наменета за менување на Уставот, како уште еден (сепак, неизвесно и дали е последен) услов за ефективен почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, е всушност уште еден чекор на Македонија во сложениот лавиринт на евроинтеграциите, без мапа и предвидливост на условите што ќе ѝ бидат поставувани, зашто очигледно е дека македонската преговарачка рамка е со паралелни сетови од квазикритериуми, покрај оние стандардните Копенхашки критериуми на Унијата. Предложената преговарачка рамка за Македонија во т.н. француски предлог дури не е принципиелно идентична ниту со онаа на Албанија (со која наводно во пакет треба да се одвиваат преговорите), но ниту со оние на Црна Гора и Србија, кои повеќе од десетина години преговараат во ЕУ, без значителен напредок. Вонстандардноста на преговарачката рамка за Македонија во најголема мера произлегува од внесувањето билатерални договори (со Бугарија, но и Грција) како паралелни критериуми во преговарачкиот процес. Секако, тоа дополнително ја компликува непредвидливоста на евроинтегративниот лавиринт наменет за Македонија, но и неизбежно го наметнува предизвикот за сите во Македонија – кој е излезот од таквиот лавиринт?

За власта излез од лавиринтот се уставните измени, за опозицијата излезот
е решително отфрлање на уставните измени и распишување предвремени избори

Премиерот Димитар Ковачевски, во името на Владата како предлагач на уставните измени, во обраќањето до пратениците на почетокот на седницата истакна дека „измените на Уставот имаат јасна цел – интеграција во ЕУ. Тој нагласи дека предлогот е пишуван во Македонија и ги отфрли тврдењата дека станува збор за странски предлог.
– Целта е да не каскаме или да стоиме во место, туку да чекориме кон ЕУ за полноправно членство до 2030 година. Предлогот е наш, поддржан од ЕУ и САД, и е за наше добро… Ако ја сакаме вистината, таа е единствената, дека со измени на Уставот се отвора патот кон ЕУ. Сега сме во завршницата на одлуките, кога не смееме да згрешиме и да им потрошиме декади на граѓаните во чекање и исчекување… Треба за што пократко време да го достигнеме членството. Низ тој процес не губиме ништо, единствено иднината станува поизвесно подобра. Во овие наши животи да бидеме дел од ЕУ – ги повтори уште еднаш премиерот Ковачевски своите аргументи дека, според него, ЕУ е цел за Македонија што треба да се постигне по секоја цена, што е можно побрзо.
Од друга страна, лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, но и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, остануваат на ставот дека нема да гласаат за „уставни измени под бугарски диктат“, но и дека тие нема да се случат во овој собраниски состав. Излезот, според опозицијата, е во избори, во кои верува дека ќе добие мандат за формирање влада и тогаш ќе има ингеренции за водење на евроинтегративниот процес во интерес на зачувување на македонското национално достоинство.
– Јас сум зборувал за гаранции што ќе ги бараме од европските институции, тоа се гаранции со кои јасно и недвосмислено тие европски институции ќе го потврдат македонскиот многувековен идентитет, историја, култура, обичаи и, она што е најважно, македонскиот јазик – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во телевизиско интервју, еден ден пред почетокот на собраниската седница за уставните измени.
Мицкоски истакна дека се согласува со тоа дека дури и да се стават Бугарите да бидат дел од преамбулата, дури и да се постигне тоа, нема гаранции дека Бугарија во преговарачкиот процес нема да става вето за Македонија.
– Дури и да се случи тоа, дури да се случи ова што ние го бараме две, три, четири, пет, шест пресуди на Судот во Стразбур за човекови права, дури и да се затвори сето ова, да добиеме гаранции за идентитетот, повторно, протоколот што го потпиша Бујар Османи и билатералниот договор што е дел од преговарачката рамка, кој го прифати оваа влада, се опасност во иднина за дополнителни пречки, дополнително вето, дополнителен идентитетски и историски интервенционизам – рече Мицкоски.
Тој додаде дека дури и да исполни Македонија сѐ што бара Бугарија, никој не гарантира дека државата ќе стане членка на Европската Унија, потсетувајќи дека многу преставници на меѓународната заедница дојдоа во државата да ни го кажат токму тоа.
Опозициските партии од албанскиот блок, пак, си излегуваат со свои барања: да си се додадат во овој пакет на уставни измени, но и ако нема двотретинско мнозинство, да се оди на предвремени избори. Нивните барања се да се додаде член во Уставот за незастарување на кривични дела на функционери и замена на терминот „20 отсто“ со „албанскиот јазик“. Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити на заедничка прес-конференција пред почетокот на собраниската седница побараа гласањето од потребата за уставни измени веднаш да се стави на дневен ред, а доколку нема двотретинско мнозинство, веднаш да се оди на избори. Со сличен став како опозициските Беса и Алтернатива.
Во контекст на распуштање на Собранието и предвремени избори излезе со став и Демократски сојуз (ДС) на Павле Трајанов. Имено, ДС побара наместо уставни измени, пратениците да донесат одлука за распуштање на Собранието, со што ќе се создадат уставни можности во рок од 60 дена да се одржат вонредни парламентарни избори.

Уставни измени со кои ќе се рафинира Уставот во национален концепт, со јасна детерминација на државотворноста на македонскиот народ

Освен барањата за избори, досега произлегоа и други идеи за излегување од македонскиот лавиринт. Имено, една од најзначајните е идејата за менување на Уставот, но не механичко менување, како што предложи владината експертска комисија, туку менувањето на Уставот според тој приод е во насока на рафинирање и потврдување на државотворната улога на македонскиот народ во текстот на преамбулата, на пример според моделот на хрватскиот устав. Таквата идеја всушност потекна од евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, а беше прифатлива и за владејачката партија СДСМ, а и за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, за жал, оваа согласност меѓу најголемите партии, кои за себе и врзуваат најголем број на граѓани, брзо беше „надмината“(?!).

Уште еден светол излез од македонскиот лавиринт: Реформи на сите полиња!

Пораките што стигнуваат од ЕУ, од меѓународната заедница и секако од Бугарија, дека понудената преговарачка рамка со францускиот предлог е практично непроменлива и „подобра, Македонија нема да добие“, за одредени политички субјекти во земјава се „мотивациско предупредување“, додека мнозинството македонски граѓани го чувствуваат како непринципиелна и неправедна закана. Во тој контекст, искусни познавачи на политичките процеси препорачуваат своевидно долгорочно решение, со посветени политички и економски реформи, за ЕУ да сфати дека Македонија е сериозна во својата намера за европска трансформација и самата да ни понуди „фер и идентична“ преговарачка рамка.
– Процесот е дијалог, не е монолог на ЕУ сама со себе. ЕУ преговара со земја-аспирант, односно земја-кандидат, како што е Македонија, а ние сме партнери во тие преговори. Преговорите се водат во земјата што претседава со Советот на ЕУ, а Европската комисија е медијатор, врз база на годишните извештаи што ги прави преку своите работни групи. Тука е многу јасно дека штом имате дијалог, како партнер во процесот, македонската страна треба јасно да каже дека оваа преговарачка рамка не е фер, не е идентична како на другите земји-аспиранти од Западен Балкан и затоа цениме дека не треба да ја прифатиме. Не ја прифаќаме, од едноставна причина што ние ќе продолжиме по европскиот пат, ние сме потписници на Договорот за асоцијација и стабилизација, потписници на Партнерството за пристапување од 2008 година со осумте критериуми, според кои досега добивме 15 препораки (почнувајќи од 2009 година) и врз база на годишните извештаи од ЕУ ќе се обидеме да докажеме дека сме посветена држава, добро организирана држава со институции што заслужуваат да бидат европски институции, дека ќе ги правиме структурните приспособувања преку реформите во образованието, здравството, во делот на владеењето на правото (правосудството, правосудниот систем), ќе го надгледуваме политичкиот систем каде што се сите општествено политички институции, ќе го подигнеме нивото на политичкиот дијалог и конечно ќе постигнеме внатрешен македонски политички консензус за тоа во која насока треба да се движиме ние во преговорите со Европа. Зошто да мислиме дека ЕУ ќе работи за нас ако ние не работиме за себе. Треба да докажеме со реформи дека сме подготвени за ЕУ да ни даде преговарачка рамка што е фер и идентична – вели Марјан Ѓорчев, искусен политичар и дипломат, носител на повеќе јавни функции од независноста на Македонија.

Излезот од лавиринтот е зафат на економски просперитет на државата!

Економскиот просперитет на државата, како „несоборлив аргумент“ на една земја да биде дел од европското друштво, секако е неизводлив без услови за развој на стопанството. Во таков европски контекст, за излез од ваквата состојба во Македонија, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, е уверен дека е „потребен нов Шуманов план, кој ќе направи пресвртница за доброто на економијата“.
– Денеска, гледано од аспект на меѓународните, регионалните и домашните состојби, потребен е нов Шуманов план, кој ќе направи пресвртница за доброто на економијата.
Стопанската комора на Македонија излезот од лавиринтот го гледа низ следниве чекори:
1. Мора да се подигне лојалноста кон државата.
2. Власта и опозицијата да прекинат со нетрпеливоста и на демократски начин да ја извлечат државата од кризата.
3. Да престане популизмот и да се свртиме кон реалноста.
4. Сивата економија, корупцијата, завршувањето на гасификацијата, состојбите во железничкиот и патниот сообраќај нѐ фрустрираат, а трошењето на буџетот за непродуктивни цели многу нѐ загрижува.
5. Апсолутно сме за европска интеграција, но свесни сме дека европските лидери направија многу преседани на штета на малите земји.
6. Нам ни треба отворање на Балканот, враќање на историјата на историчарите и обединување на бизнисот. За почеток, пристаништето во Солун да биде точка на балканското обединување на бизнисот.
– Ние секој ден слушаме како се зборува „вие само барате“. Да, точно е. Ние бараме затоа што создаваме, но не само за себе туку и за државата и за излез за целото општество – наведува Бранко Азески.