Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја поистоветува со естрада најавената можна нова владина коалиција со приклучување на Алијансата за Албанците и оценува дека таа нема капацитет за реформи. Тој се уште е оптимист за предвремени парламентарни избори и верува дека поддржувачите на владиното мнозинство, кои се „незадоволни од состојбите“, нема да ги поддржат министрите што би ги предложил премиерот Димитар Ковачевски. Тоа, вели, ќе даде одговор дали ќе има предвремени избори или ќе се оди на редовни.
Преостанатите 10-11 месеци до редовните избори, според него, нема да подобрат ништо, а изборите се нужност за „народот са избере политичари што ќе овозможат напредок на државата“.
– Теоретски кажано, според желбите на Ковачевски, на ДУИ и на тие кои сега се приклучуваат на оваа Влада, да речеме и да нема предвремени избори, имаме некаде околу 10-11 месеци уште колку би работела Владата. Зарем некој во Македонија верува дека во овие 10-11 месеци може да се направи нешто, да се подобри квалитетот на живот, стандардот на граѓаните, да се случат структурни реформи. Дури ни тие сами не веруваат во тоа и затоа оваа нова коалиција ја поистоветувам со естрада, во којашто овие политичари кои влегуваат во оваа владина естрадна коалиција имаат само една цел, а тоа е да задоволат неколкумина околу себе и да наместат уште неколку тендери за да можат да го ограбуваат народот. Таму нема капацитет за реформи затоа што јас такво нешто не видов во овие 5,5 години додека СДСМ е на власт, рече Мицкоски.
Тој посочи дека предвремените парламентарни избори „се нужност, за да може народот да си избере политичари кои ќе ја водат Владата, ќе направат структурни реформи и ќе ја придвижат државата напред“ и кои, како што нагласи, „ќе градат, а не да крадат, како што се однесува денешната владина коалиција на ДУИ со СДСМ, а која гледаме дека ќе се проширува“.
– Се уште сум оптимист, бидејќи се уште има структури во пратеничката група на СДСМ и на останатите политички партии кои се уште го поддржуваат владиното мнозинство и се уште рефлектираат позиции дека се незадоволни од ова што се случува и оти ќе се охрабрат и нема да ги прифатат предлозите на Ковачевски што ќе ги номинира за министри. Самото тоа ќе даде одговор дали ќе имаме предвремени избори или пак ќе одиме на редовни избори следната пролет заедно со претседателските – рече Мицкоски, додавајќи дека единствената широка коалиција која би ја прифатил е таа со народот.
Ковачевски и лидерот на АА Таравари вчера ја одржаа втората средба за најавеното можно приклучување на АА во владејачката коалиција. На средбата, како што изјавија, се усогласиле за поголемиот дел од програмските определби, додека за кадровски решенија не разговарале, туку за тоа ќе имаат состанок наредните денови.