Карикатура: „Нова Македонија“

Во префрлањето на одговорноста меѓу институциите во постапувањето за спорноста на т.н. бугарски културни клубови, искусните правници препознаваат „обид за развлекување на случаите и стивнување на реакциите на јавноста за нивното провокативно однесување“. Второ, се препознава обид да се покаже дека Македонија го загубила атрибутот „правна држава“ и дека правото „селективно владее“. И трето, дека не постои заштитен инструментариум што би бил мобилизиран дури и при флагрантни поведенија кога се случуваат дела на „напад на државата со интенција за уривање на нејзиниот државноправен поредок“!?

Бугарските клубови ги тестираат македонските институции и правниот систем

Течењето, односно истекувањето на законските рокови за промена на имињата на бугарските клубови во Македонија именувани со имиња на соработници на фашизмот и по усвојувањето на измените на Законот за формирање здруженија и фондации, се чини дека и понатаму ги става на тест македонските институции во смисла на постапување според законот, но и целиот правен систем. Пред некој ден истече рокот што го дозволи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за контроверзниот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола да ги отстрани спорните содржини од социјалните мрежи. Ден потоа истече и рокот за другите препораки во однос на името и содржината.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација навестија дека по неспроведувањето на препораките од нив до односниот клуб, наредниот чекор е прекршочна постапка. Како што информираат од КСЗД, бидејќи е истечен рокот за отстранување на содржините на социјалните мрежи, за кои е утврдено дека, освен што шират вознемирувачки говор во кој се величаат ликот, делото и идеологијата на Михајлов, постојат и сериозни индиции дека имаат расна и ксенофобична содржина, предизвикуваат нетрпеливост, омраза и дискриминација и ги повредуваат правото и слободата на поголем број луѓе, оставаат понатамошната постапка ја води Основното јавно обвинителство.

Ако се штитат државата и уставниот поредок, се бранат со сите можни инструменти и механизми

Членката на комисијата, Весна Бендевска, потенцира дека иако имаат право да поведат прекршочна постапка, сепак решиле да му го препуштат тоа на Основното јавно обвинителство, кое побарало од нив до достават информации и копии од спорните содржини објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.
– Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе кај Основното јавно обвинителство – изјави Бендевска.
По истекувањето и на рокот за препораките и во однос на спорното име и содржината на програмата на клубот, комисијата заседаваше и за утврдување можна прекршочна постапка. Бендевска појаснуваше дека во однос на овие две препораки, Министерството за правда треба да достави писмо, бидејќи тие се задолжени да извршат вонреден надзор на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации, а културниот центар треба да докаже пред Централниот регистар дека одлучил да го смени името. Во префрлањето на одговорноста меѓу институциите во постапувањето за спорноста на т.н. бугарски културни клубови, искусните правници препознаваат обид за развлекување на случаите и стивнување на реакциите на јавноста за нивното провокативно однесување.
– Префрлањето на постапката за спорноста на бугарските клубови од Комисијата за спречување дискриминација на Основното јавно обвинителство, иако КСЗД има надлежност за поведување прекршочна постапка, наведува на помислата дека се сака да се одолжува со укинувањето на регистрацијата на овие клубови, кои не ги исполниле во законскиот рок препораките за усогласување со законот. Ваквиот начин на постапување создава реална претпоставка дека сѐ би можело да заврши со парични казни, во вредност од околу 500 евра, што ако овие клубови имаат солидна финансиска подлога, може да трае до недоглед. Штом не е испочитуван законскиот рок за спроведување на препораките од комисијата за бришење на дискриминаторските содржини од социјалните мрежи на клубот во Битола, а не е постапено ни по барањата за усогласување на името и програмата на клубот со изменетите законски одредби за формирање здруженија и фондации, Министерството за правда веднаш треба да преземе активности за негово бришење од Централниот регистар. Досегашното постапување во овој случај остава простор за сомневање дека се сака само да се стивнат реакциите на јавноста – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.

Институциите демонстрираат тромавост, а некои и намера да не постапат според законските прописи

Во прилог на претпоставките на професорот Давитковски се надоврзува најавата на министерот за правда,Никола Тупанчевски, кој изјави дека допрва, т.е. наскоро ќе биде формирана комисијата што треба да ја почне постапката за преименување или затворање на двата бугарски клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Министерот Тупанчевски потврди дека за ова се дискутирало на владина седница, а деталите ќе бидат објавени во најкраток рок. Тоа што законот е испратен во Венецијанската комисија, како што кажа, нема да го одложи неговото имплементирање – законскиот рок ќе биде испочитуван, а клубовите ќе бидат затворени за нецели три месеци доколку не ги променат имињата. Паралелно со формирањето комисии за укинување на клубовите, во министерството се подготвува нов закон за здруженија, за кој Тупанчевски потенцира дека, за разлика од сегашната, би било добро оваа верзија да се испрати до Венецијанската комисија пред законот да стапи во сила.
– Дефинитивно работната група треба да го каже крајниот збор, се разбира дека ќе бараме потврда и од советодавното тело и од Венецијанска комисија. Меѓутоа ќе мора да има европски стандард, затоа што да не заборавиме, во моментов е започнат билатералниот скрининг што не ни дозволува преголема манифестација на сопствена волја – изјави Никола Тупанчевски.
Инаку, изменетиот Закон за фондации и здруженија стапи во сила на 16 ноември. Во меѓувреме, ниту едно од спорните здруженија, ниту „Ванчо Михајлов“ од Битола ниту „Цар Борис Трети“ од Охрид, не започнало постапка за усогласување со Законот за фондации и здруженија, односно менување на нивните спорни имиња.
– Штом помине законски определениот рок за усогласување со новите законски одредби, а не е постапено според препораките на надлежните институции, здруженијата веднаш треба да се избришат од Централниот регистар. Непостапувањето на институциите, односно префрлањето на надлежноста за случајот со преименувањето на бугарските културни клубови ги става на тест институционалните капацитети во спроведувањето на законите, како и целокупниот правен систем на државата. Уште повеќе што овие здруженија не покажуваат никаков интерес за постапување по институционалните препораки и намера за почитување на законите, односно да се усогласат со новите законски одредби. Во голема мера тоа е грда провокација со непостапување според законите на државата во која се регистрирани тие здруженија. Таквото однесување може да се смета и за напад на државата со интенција за уривање на нејзиниот правен поредок – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.