Илустрација: „Нова Македонија“

Нашата држава има многу други нешта да каже, и треба да каже, пред ОН и пред меѓународната заедница, токму за прекршувањата на целите и принципите на повелбата на ОН, за прекршувањето на меѓународното право и на начелото за самоопределување, познато како јус когенс, за засилените притисоци и обиди за асимилација на македонскиот народ и држава итн. Тоа се прашања и теми од највисока важност за македонските граѓани и за државата што треба да се истакнуваат во секоја можна пригода на највисоко меѓународно ниво, меѓу другото и во рамките на Обединетите нации. Но дали и колку знаеме умешно да го направиме тоа или повторно ќе пропуштиме уште една историска шанса

ВО ЊУЈОРК ЗАПОЧНА 78. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА ОН

Во Њујорк вчера започна 78-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, со учество на голем број највисоки делегации од целиот свет, што е извонредна можност секоја држава да ги каже своите ставови и позиции за важни глобални, регионални и домашни прашања и предизвици. Македонската делегација ја преводи претседателот Стево Пендаровски, а во неа учествуваат и министерот за економија Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи Бујар Османи. За време на сесијата на ОН, која ќе трае до 22 септември, предвидени се и неколку обраќања на претседателот Пендаровски на темата „Одржување на целите и принципите на повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста на Украина“, Пендаровски ќе се обрати и на лидерскиот дијалог за забрзување на напредокот на целите за одржлив развој, а ќе учествува и на политичкиот форум, велат од кабинетот на претседателот на државата.
Но дали се тоа вистинските теми и најголемите проблеми што во моментов најмногу ја засегаат Македонија. Нашата држава има многу други нешта да каже, и треба да каже, пред ОН и пред меѓународната заедница, токму за прекршувањата на целите и принципите на повелбата на ОН, за прекршувањето на меѓународното право и на начелото за самоопределување, познато како јус когенс, за засилените притисоци и обиди за асимилација на македонскиот народ и држава итн. Тоа се прашања од највисока важност за македонските граѓани и за државата што треба да се истакнуваат во секоја можна пригода на највисоко меѓународно ниво, меѓу другото и во рамките на Обединетите нации.

Ќе ги промашиме ли пак целта и празниот гол

Зашто во спротивно да се (де)фокусирате на зелени транзиции и одржлив развој или да говорите за мирот во Украина, додека дома ви ја разградуваат сопствената држава, со уцени и притисоци и се прават обиди за целосна деноминација на македонскиот народ, едноставно се покажува дека македонскиот политички врв е целосно изгубен во просторот и времето и нема сенс кои се прашањата и проблемите што најмногу го тиштат македонскиот народ.
Дали Македонија и овој пат ќе ја пропушти шансата отворено на јавна меѓународна сцена да проговори за своите проблеми и предизвици, за притисоците и уцените пред кои е исправена, за правните преседани со кои се соочува? Дали повторно ќе промашиме празен дипломатски гол, ќе ја промашиме целта и неповратно ќе ја пропуштиме шансата политички да поентираме онаму каде што можеби е најпотребно, во храмот на народите. Зашто токму ОН глобално се перципираат и важат за симбол за меѓународниот поредок и глобалниот идентитет. А тој меѓународен поредок не може да се потпира на неправда и неправо, како и на оспорување на националните идентитети и суверена еднаквост на земјите-членки. Во ООН членуваат 192 држави и многу често прашањата и предизвиците на условно помалите земји токму таму добиваат повисока гласност и поголема политичка тежина, но само доколку дипломатски и умешно се наметнат од засегнатите страни.
Македонија е примена за членка на ООН на 8 април 1993 година и токму годинава одбележивме 30 години од членството во ОН, што сосема ни дава за право да го искажеме нашиот принципиелен став за прашања што нѐ засегаат на едно повисоко рамниште и на тој начин да ги одбраниме и ОН и меѓународното право. Но дали и колку знаеме умешно да го направиме тоа?
Според политичките аналитичари, Македонија воопшто не ги користи меѓународните организации и алатки што ѝ стојат на располагање за заштита на своите државни и национални интереси. Сето тоа е резултат на немање политички сенс, но и на слаба кадровска екипираност на институциите, кои едноставно како да не се дораснати и не можат да се справат со предизвиците. Затоа имаме и толку промашени шанси. Според аналитичарите, и сега во ОН веројатно пак ќе имаме празен ќор-фишек, како што не ја искористивме и шансата како претседавач на ОБСЕ и редица други настани претходно.
– Клучниот проблем се слабата кадровска екипираност и немањето стратегија за дејствување, во кој било сегмент, без разлика дали станува збор за дипломатскиот, политичкиот, социјалниот, економскиот, па и граѓанскиот сектор. Конкретно, претседателот на државата како граѓанин број еден во државата, паметиме дека некои претседатели претходно ги ословуваа и како татко на нацијата, треба да има разработена стратегија за настап. Тоа значи да оди во најголемите центри и на сите светски и европски меѓународни собири да ги истакнува позициите на сопствената држава, да се чуе гласот на Македонија и отворено да се каже за сите неправди во меѓународните односи кон Македонија – вели Сотир Костов, правник и аналитичар.
Според него, за жал, ние сме држава што треба да биде изучувана како врз нас не е применето тоа универзално меѓународно право на самоопределување и самоименување, познато како јус когенс, кое произлегува токму од повелбата на ОН и кое е универзално за сите земји.

Орден за преседаните на ОН и за преименувањето на Македонија?!

Интересно е што на годинешната сесија на ОН, претседателот Пендаровски ќе ја одликува Организацијата на Обединетите нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Гутереш.
Од друга страна, токму ОН уште пред 30 години го направија најголемиот преседан во однос на Македонија , погазувајќи ја сопствената повелба, во која јасно стои дека секоја земја што сака да стане дел од светското семејство на народи има право слободно да се именува како што самата ќе одлучи и тоа е нејзино неприкосновено право. Овој преседан на ОН, незапаметен во меѓународното право, кога прво нѐ примија под референцата ПЈРМ, а потоа ни наметнаа преговори и посредник во ликот на Метју Нимиц, со цел да го смениме државното име, беше само почеток на процесот за деноминација и обезличување на Македонија, кој трае и денес. И наместо да се исправи преседанот од пред 30 години, ние сега ја одликуваме организација што го направила и патем придонела за оваа голгота со која се соочуваме денес.
– ООН во 1993 година започна со разградба на меѓународноправен субјективитет, бидејќи во ООН беше оспорен основен правен елемент на меѓународноправен субјективитет, а тоа е правниот идентитет на еден меѓународноправен субјект. По приемот во ООН добивме нецелосна правна личност, а од фактот што меѓународноправниот субјективитет е составен дел од државноста (која подразбира суверена територија, население, суверенитет и меѓународноправен субјективитет), ние добивме осакатена државност. Ваквата состојба се должи на нелегално наметнатите услови при зачленувањето во ООН, надвор од критериумите на повелбата на ООН – смета Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград.
Според него, единствен начин да се исправи грешката што ја направиле Обединетите нации пред три децении е тие да овозможат ново гласање во Генералното собрание, на кое ќе се одлучува за продолжување на членството на државата под името „Република Македонија“.
За жал, тој македонски феномен на самодеградација, самоуништување и своевидно величење на негаторите може да се забележи и сега во редица други политички потези. Последен пример се и случувањата околу промената на Уставот и уцените од Бугарија. Така, домашниот политички врв прави усилби по секоја цена да ги внесе Бугарите во Уставот, додека истовремено имаме отворена негација на идентитетот, нацијата, јазикот, културата, историјата, со еден збор негација на сѐ што е македонско, од страна на Бугарија.
Бугарија, која во минатото изврши фашистичка агресија, окупација и масовни масакри и убиства врз македонскиот народ, сега за возврат треба да добие уставноправна награда, додека и понатаму продолжува со својата негаторска и декадентна политика кон Македонија. Можеби во иднина и тие да очекуваат некаков орден и одликување или уставните измени за нив се најголемиот орден?