КРЕАТИВНО КАТЧЕ

Вторачињата од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп, благодарение на нивните наставнички Розита Кареска и Јованка Антоска, на волшебно лесен начин оваа есен ги совладуваат броевите.
Броевите до 100 се поделени во десет десетки, а секоја десетка е една куќичка и така, куќа по куќа – град, бројка по бројка до една десетка, а десет десетки го образуваат гооолемиот број СТО.
Колибри „ѕирна“ на часот кај овие паметни и вредни второодделенци и виде дека сите секавично брзо ги совладуваат бројките, па се подготвени за нови и нови знаења што ги очекуваат во оваа учебна година, која е на почеток.
Ви посакуваме многу успех, драги вторачиња.

Ф.Д.


Ана брои

Крај пчеларник
Ана стои,
Сите пчели
Да ги брои.
Брои, брои,
Ана редум,
Изборјува
сал до седум.
– Само седум,
таа вели,
– безработни
има пчели.

Евгенија Шуплинова
(Од книгата „Сончева патека“)


Броеви

Бројот Еден
– сам како бедем
Прв на место стројно
Подал рака – правец дал,
Бројот Два – тромав
и малку бавен
Подвиткал глава
Во строј се става.
Бројот Три – залетан
сила дава
Тркала за друм става
Модерен се перчи
со слава.
Бројот Четири
– вика на строј
Два по два, пар до пар
Љубовен жар.
Бројот Пет – стража чува
Карванот го води
Наспроти ветрот
Што дува.
Бројот Шест
– од умор стежнал
Да застане и седне сака
Да поприкаже за својата мака.
Бројот Седум
– мудро молчи
Во опасност на услуга се става
И среќа и сила дава.
Бројот Осум
– бесконечно се врти
Во место не може
да седи
Ги наоѓа трагите бледи
на патот што следи.
Бројот Девет – не е шега
знак дава против врева
Карванот стасал до целта што треба,
Малку одмор и –
Секој секому дар ќе дари
Наместо стари, ќе продолжат млади!

Десет доаѓа како ресет…

Единаесет,
До еден кога
Застанува уште еден,
На првиот кога нов пат му се отвора.
Нова шанса му се дава.
Дванаесет,
Кога до еден
застанува два.
Три, четири или пет,
И така со ред…

Броевите
Што можат
во бескрај
Да се собираат
и делат,
Сиот космички
хаос
Го постројуваат
и редат…

Вера Симовска
(Од книгата
„Понорница“)