Навремена реакција најдобра превенција

Истото тоа ќе се случува и со ковид-19, тој ќе остане меѓу нас, а како ќе се развива, ќе зависи и од односот на луѓето и од односот на институциите. Дали единствената заштита лежи во превенцијата? Потребна ли е поголема самосвест на сите, пред сѐ за лична, а потоа и за колективна заштита? Треба ли повеќе да се зборува и предупредува за последиците и за превентивата? Сепак, Македонија има доволно искуство од изминатите неколку брана на коронавирусот, од кои треба да извлече поука и да не дозволи грешки

Првата вест за ерис, помладиот брат на омикрон, еден од соевите на ковид-19, дојде од САД и Велика Британија. Но ние во Македонија за него слушнавме дури кога помасовно се појави во Грција и во Србија. Симптомите од овој сој може да вклучуваат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на слаба респираторна инфекција. Единственото значење што го има супстраинот за граѓаните е неговата брзина на ширење.
Секако, ковид-19 со сите нови соеви постојано е меѓу нас, но кај нас оваа тема веќе одамна не е дел од јавниот интерес, ниту, пак, медиумите ѝ даваат тежиште меѓу актуелните дневни настани.
Надлежните институции, како Институтот за јавно здравје, освен што водат евиденција за нови случаи, немаат некои посебни протоколи. Тестирањата речиси не постојат, а вакцинацијата е одамна завршен процес. Епидемиолозите велат дека целата ваква ситуација е поради намалениот капацитет на вирусот за предизвикување компликации и новите случаи се повеќе статистика отколку сериозна закана.
Според последните информации што можат да се најдат на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, во текот на август се пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, од кои најголем број заболени се пријавени од Скопје. Во лабораториите во кои се спроведува тестирање во текот на август се
тестирани вкупно 512 материјали со зголемување на бројот на тестирани за 1,4 отсто во однос на минатиот месец. Во текот на месецот е пријавено едно починато лице.
Но сѐ уште останува актуелно прашањето дали треба да се носат маски.
Веќе е јасно дека кај помладите и здравите луѓе коронавирусот предизвикува слаби симптоми, слични на грип. Но никако не смееме да заборавивме дека сепак може да биде опасен за постарите и хронично болните. Токму затоа не е изненадување што бројот на хоспитализирани луѓе во САД се зголемува. Грчките епидемиолози предупредуваат дека „луѓето речиси целосно заборавиле дека коронавирусот постои и сè уште е меѓу нас“.

Чувствителните групи мора да бидат внимателни и да користат маски, кои повеќе не се задолжителни, но обезбедуваат заштита. Многу е важно, доколку некој почувствува симптоми, да оди на лекар, да се тестира и да прими соодветна терапија за да се спречи евентуална хоспитализација. Хронично болните и постарите лица треба да носат маски на преполни места. Оние што се разболеле или биле вакцинирани пред повеќе од шест месеци имаат мала заштита, бидејќи во меѓувреме вирусот еволуирал, а нашиот имунолошки систем не.
Кој треба да се вакцинира?
Докторите сметаат дека ние немаме вакцина против сегашниот вид, но таа можеби нема да се базира директно на ерис, бидејќи тоа е невозможно, туку ќе се базира на кракен, претходен појавен сој на ковид-19. И да е вакциниран некој, тоа не значи дека нема да се разболи, но вакцината ја намалува веројатноста за потешка клиничка слика и хоспитализација и смрт. Тоа се веќе познати факти од претходните три години.

Сѐ уште е актуелно прашањето дали треба да се носат маски. Веќе е јасно дека кај помладите и здравите луѓе коронавирусот предизвикува слаби симптоми, слични на грип. Но никако не смееме да заборавивме дека сепак може да биде опасен за постарите и хронично болните. Токму затоа не е изненадување што бројот на хоспитализирани луѓе во САД се зголемува. Грчките епидемиолози предупредуваат дека „луѓето речиси целосно заборавиле дека коронавирусот постои и сè уште е меѓу нас“

Но нѐ очекуваат справувања и со други заразни болести.
Паралелно со новиот вид на ковид-19, во Европа има сѐ повеќе случаи на западнонилска треска, заразно заболување што го пренесуваат комарците. Во Македонија има регистрирано еден случај, додека соседна Србија е една од државите со најмногу случаи. Епидемиолозите предупредуваат дека ова заразно заболување ќе го има сѐ почесто, бидејќи болеста веќе се вдомила и кај домашните комарци. Комарците се проблем што не може да биде искоренет, единствена опција е превентивата, нивно третирање за да биде намалено нивното присуство.
Истото тоа ќе се случува и со ковид-19, тој ќе остане меѓу нас, а како ќе се развива, ќе зависи и од односот на луѓето и од односот на институциите. Дали единствената заштита лежи во превенцијата? Потребна ли е поголема самосвест на сите, пред сѐ за лична, а потоа и за колективна заштита? Треба ли повеќе да се зборува и предупредува за последиците и за превентивата?
Сепак, Македонија има доволно искуство од изминатите неколку брана на коронавирусот, од кои треба да извлече поука и да не дозволи грешки.
Навремената реакција е најдобрата превентива. Колку порано се реагира, толку повеќе ќе се ублажат ударите од секој нареден бран. Сите треба да ја сфатат опасноста, која е тука и тлее.