Овој начин на размислување може да биде поттикнат од информациите што ги следат глобалните случувања, како што се воениот конфликт во Украина и пренагласените вести за можна нуклеарна војна, како и пандемијата на коронавирусот, со која се соочуваше светот во изминативе години. Експертите посочуваат дека овој начин на размислување е исклучително опасен и доколку личноста го согледува само негативниот исход во секоја ситуација, тогаш станува збор за слаб темел на профилот на личноста. Психолозите тврдат дека има начини како да се избегне овој начин на негативно размислување и посочуваат неколку совети за надминување на овој проблем
Поради постојаното изложување на стрес од негативни ситуации се зголемува бројот на граѓани што мисловно влегуваат во црни сценарија
Во последно време многу реномирани психолози се осврнуваат на една сѐ почеста појава кај граѓаните, која ја нарекуваат „катастрофично (црно) размислување“. Психолозите нагласуваат дека поради постојаното изложување на луѓето на негативни ситуации, настани и актуелности, се зголемува бројот на граѓани што започнуваат да размислуваат катастрофично, односно ги нагласуваат негативните исходи во своите очекувања, при што мислат дека нема да ја надминат или преживеат лошата состојба.
Коронавирусот, војната во Украина,
економската и енергетската криза,
нискиот социјален стандард причини за
катастрофичниот начин на размислување
Овој начин на размислување може да биде поттикнат од информациите што ги следат глобалните случувања, како што се воениот конфликт во Украина и пренагласените вести за можна нуклеарна војна, како и пандемијата на коронавирусот, со која се соочуваше светот во изминативе години. Катастрофирачното размислување може да биде побудено и со пренагласувањето на можноста од природни непогоди, како што се поплавите и земјотресите, како и климатските промени или загадувањето на воздухот и почвата. Овој начин на размислување може да биде поттикнат и со пренагласување на негативните ситуации во општествената средина или околина што ги опкружува луѓето, како што се економската несигурност, инфлацијата, покачувањето на цените или можноста од губење на работното место. Експертите посочуваат дека овој начин на размислување е исклучително опасен и доколку личноста го согледува само негативниот исход во секоја ситуација, тогаш станува збор за слаб темел на профилот на личноста. Психолозите тврдат дека има начини како да се избегне овој начин на негативно размислување и посочуваат неколку совети за надминување на овој проблем.
Што е „катастрофично размислување“
Катастрофирањето не е особина на личноста и најчесто не е одраз во однесувањето како анксиозноста или депресијата, но може да доведе до нив. Според психологот Тина Панжиќ, катастрофирањето треба да го разбереме како начин на размислување што првично се заснова на негативни околности, без разлика на реалноста во која се наоѓа личноста. Катастрофирањето е поврзано и со нагласување на негативните исходи, односно со пренагласување на веројатноста дека ќе се случи нешто лошо.
– За жал, поради постојаното изложување на негативни ситуации на глобално светско ниво, се зголемува бројот на луѓе кај кои овој начин на размислување доаѓа до израз, а во одреден процент има и дисфункција во секојдневното функционирање и натамошен развој на психолошките проблеми или нарушувања. Во последно време трендот на медиумската реторика е насочен кон стравот, што исклучиво негативно придонесува за човековото однесување, размислување и битие – вели таа.
Во стручната литература „катастрофирањето“ може да се дефинира преку научен образец на размислување што е доведен до ниво на автоматизација или под заслепувачки негативни мисли.
Медиумската реторика придонесува за зголемен обем, но и за развој на катастрофично размислување кај луѓето што претходно не биле наклонети кон такво размислување. Имено, кога сме постојано изложени на еден облик на стимул, во оваа смисла негативен, катастрофален, почнуваме да се менуваме во таа насока, особено ако во реалноста има и индикации за катастрофи, како пандемии, земјотреси, војна, можност за егзистенцијални кризи и слично. Колку повеќе луѓето се во страв, толку помалку ја перципираат објективноста на реалноста.
Македонските граѓани мора да најдат сили да генерираат оптимистички поглед
Експертите велат дека е многу е важно да избегнуваме ваков вид на пренагласено негативно размислување. Тие советуваат дека кога ќе забележиме дека го пренагласуваме негативното размислување, треба да направиме еден чекор назад и да се обидеме реално да ги анализираме настаните или ситуациите какви што се во реалноста, а не како што ние ги замислуваме.
– Имено, самоконцепцијата и самоевалуацијата се основата на слободата на размислување, однесување и битие. Со други зборови, колку повеќе сме во контакт со себе, а не со наметнат став од околината, а имаме свест за сопствената вредност, ја намалуваме можноста за катастрофа, затоа што ја отвораме слободата на адаптација и флексибилност на секоја ситуација и околност во која се наоѓаме – вели Тина Панжиќ.
Според психолозите, луѓето се еволутивно многу приспособливи, поради што се на врвот на синџирот на исхрана, иако ги немаат физичките карактеристики за таа позиција. Овој факт може да нѐ подготви за секоја идна ситуација, да се соочиме со стравот од новото.
– Замислете како се плашевме пред две и пол години, кога започна пандемијата и ни беа блокирани нашите животи, градови, земји, континенти, а сепак сме тука, се адаптиравме и продолживме. На крајот, верувам дека силата е во заедницата и секој поединец треба повеќе да се потпира на својата социјална средина и да црпи поддршка од неа – заклучува психологот и психотерапевт.
Ваквата појава на наплив на негативни мисли не ја одминува ниту Македонија.
М-р Адмир Б. Косоврасти, лиценциран психолог, вели дека катастрофичните мисли го нарушуваат здравиот мисловен процес и доведуваат до напнатост, а секундарно во емотивниот живот до низа нарушувања, како во личниот и семејниот живот, така и на професионален план. Според него, тоа го загрозува интегритетот на личноста, а со тоа и животната енергија.
– Може да дојде до соматски поплаки, како што се забрзана работа на срцето, стегање во градите, препотување, нервоза, како и намален праг на фрустрација. Може да дојде до социјална изолација и повлекување, а кај други личности и до интензивен и ирационален страв – вели Косоврасти.
Тој исто така нагласува дека е зголемен и бројот на ваквите случаи во изминатиов период, особено по пандемијата на коронавирусот.
– Потребно е да се побара помош од стручни лица, како што се психолог и психијатар, но и да се избегнува преокупираност со активности што не можеме да ги промениме – вели Косоврасти.