Капитализмот е мртов

По стотици години од денес, за македонскиот јазик, македонската историја и македонската култура да се изучуваат не само во Македонија туку низ светот, Македонија нема друга алтернатива освен отворено да се спротивстави на договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ! Ставот на ЕУ и на другите стратешки партнери, преточени во договорите и во рамката, дека Македонците „ќе бидат асимилирани: отпорот е залуден!“ треба и мора да се претвори во неговата спротивност: отпор не е залуден – тој е нашиот единствен излез

Денешниов текст, продолжение на есејот „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“ објавен во „Нова Македонија“ на 6 април 2024 година, ќе започне со последната порака од споменатиот есеј – тврдењето дека еден од основните атрибути за економскиот развој на Македонија, кој треба да го спроведе идната влада, е департизација на институциите во државава. Секоја четврта година во САД се спроведува процес познат под името „претседателска транзиција“, за време на кој новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави се подготвува да ја преземе администрацијата на федералната влада на САД од актуелниот претседател. Што мислите колку раководни места се предмет на неконкурентно назначување од страна на новоизбраниот претседател во извршната и законодавната власт, при што постојат различни позиции, на пример, некои подлежат на потврда од Сенатот, други не? Последната публикација на издавачката канцеларија на Владата на САД, достапна и во печатена и во онлајн верзија, од пред четири години, наведува повеќе од 9.000 позиции. Ако бројот 10.000 (зборот повеќе го заменив со десет илјади) се подели со бројот на жители на САД и потоа се помножи со бројот на жители на Македонија, ќе се добие број, следејќи ја аналогијата со САД, на назначени позиции – не нови работни места, што би требало новата влада во Македонија да ги предложи по нејзиното формирање. Што мислите кој е тој број? Нема да верувате: 61 или со букви шеесет и еден!
Македонија ќе биде силна држава само ако има силни институции, а првиот предуслов за тоа е нивна департизација. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година вкупниот број работоспособно население во Македонија изнесува 1.515.107, од кои 688.296 се вработени, 103.351 лице се невработени, додека вкупниот број работодавци изнесува 41.467. Според видот на сопственоста на деловните субјекти од вкупниот број вработени во Македонија, вработени во приватен сектор се 513.292, додека, пак, вработени во установи со мешовита, задружна или државна сопственост се 175.004, од тоа (податок од 2022) во јавниот сектор на Република Македонија активни се 1.354 институции, во кои работен однос имаат засновано 129.374 лица. Да се задржиме на бројките уште малку: само 2,7 проценти од вкупниот број работоспособно население се работодавци – столбот на економијата на Македонија, додека, пак, 18,8 проценти од вкупниот број во Македонија се на државни јасли. Но, за економските предизвици ќе пишувам во некој од наредните броеви на „Нова Македонија“.

Иако споредбите не се секогаш меродавни, а нам ни е јасно дека бројот 61 (или некој број малку поголем од него) е далечен неостварлив сон, сепак, Македонија ќе опстои само ако департизацијата на Македонија е приоритет на идната влада, па затоа предлагам:
(1) Слабеење на позициите на извршната власт и администрацијата, па затоа е потребно да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕСМ, МЕПСО, Пошта и други);
(2) Намалување на ингеренциите на извршната власт во подрачја што според Уставот се утврдени за автономни сфери на општеството (образование и наука, култура, здравство итн.). Во изминативе години сведоци сме на хиперинфлација на законски прописи и нивни чести измени, особено во образованието, науката и културата, донесени во скратена постапка и без поширока стручна и научна расправа;
(3) Намалување на бројот на вработени во јавните институции и администрацијата и воспоставување мериторен систем за вработување во јавните институции и администрацијата. Правичната застапеност е уставна категорија и обврска за јавните институции регулирана со закон, меѓутоа вработувањата треба да бидат засновани само врз основа на квалитет и на компетентност.
Во преостанатиот дел од овој есеј ќе се задржам на прашањето: Дали капитализмот ќе изумре?
Уште од Индустриската револуција, луѓето ги гледале машините како „живи суштества“, восхитувајќи им се но истовремено плашејќи се од нив – плашејќи се дека човековите творби – машините што го измислиле, до определен степен, можат да се осамостојат, станувајќи помоќни од луѓето без можност за нива контрола. Денешниот сајбер-свет – свет што се однесува на електронските комуникациски мрежи, компјутерите, информатичката технологија, вештачката интелигенција и податоците, повеќе личи на поврзан колектив, не на збир од посебни машини. Во иднина, сајбер-светот и нашиот физички свет ќе бидат интегрирани правејќи јазот помеѓу двата света да биде нејасен, помалку препознатлив и замаглен. Меѓутоа, физичкиот свет, сепак, според моето мислење, политички менувајќи се, сепак, ќе опстои како компактна економска целина – економските сили се (и ќе бидат) помоќни од политичките сили, па оттука, тие нема да дозволат негово распарчување, или, со други зборови веројатноста светот да се раздели на неколку големи економски неповрзани острови, заради притисокот на САД да доминираат со светот, сепак, е мала. Пред величествените продукти на нашите сопствени умови – машините или сјабер-колективот, луѓето, во физичкиот свет, се чувствуваме немоќно, па оттука нашите изуми „прилегаат на волшебник кој е немоќен да се справи со подземните сили што ги повикал“ („Комунистички манифест“).

Тргнувајќи од мислата „сите важни работи се обременети со нивната спротивност“, можеби одговорат на прашањето поставено во вториот дел од овој есеј ќе го најдеме во споменатиот филм „Ѕвездено патување: прв контакт“. Во филмот постои еден лик што сѐ уште не е асимилиран: андроид (машина што личи на човечко суштество) по име Дата (Податок). Во еден момент, се чини дека Дата е заведен од задоволството да се чувствува навистина жив, што е негов неостварен сон. Сепак, на крајот, отфрлајќи го колективот Борг и спасувајќи ги луѓето, неговиот избор покажува дека тој е најхуман од сите, и покрај тоа што ја губи шансата да биде барем делумно човек.
Се надевам и посакувам, можеби нереално, но сепак, дека сајбер-светот и неговата спротивност ќе создадат услови за да се оствари сонот на Варуфакис (и многу други левичари): „за мешана економија, во која владата обезбедува јавни добра додека приватниот сектор произведува многу добра за да ги задоволи нашите каприци – сè на сè, цивилизирана форма на капитализам каде што нееднаквоста и експлоатацијата се контролирани во контекст на политички посредувано примирје меѓу сопствениците на капиталот и оние кои немаа што да продадат освен нивниот труд“. За тоа, како, според моето мислење, тоа може да се реализира, ќе пишувам во некој друг текст.
А, Македонија? За иднината на Македонија ги повикувам сите политички партии во Македонија да започнат со департизација – рокот е веќе одамна поминат: нивната желба јавниот сектор да биде целосно партизиран мора да престане и да започне процесот на департизација! Што се однесува на ставот „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“, да го замислиме светот по неколку стотини години, кога државите ќе изумрат (или ќе имаат полабави државнички атрибути), а јазиците на многу народи ќе се изучуваат од мал број истражувачи и ќе се зборуваат, евентуално, само на определени места, додека јазикот на комуникација, лингва франка, ќе биде еден од неколкуте денес доминантни светски јазици.
Тогаш, по стотици години од денес, за македонскиот јазик, македонската историја и македонската култура да се изучуваат не само во Македонија туку низ светот, Македонија нема друга алтернатива освен отворено да се спротивстави на договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ! Ставот на ЕУ и на другите стратешки партнери, преточени во договорите и во рамката, дека Македонците „ќе бидат асимилирани: отпорот е залуден!“ треба и мора да се претвори во неговата спротивност: отпор не е залуден – тој е нашиот единствен излез.