Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новата македонска влада најави дека реформата на јавната администрација ќе биде нејзин приоритет, а потврда дека тоа е така се најавите дека од јануари следната година почнуваат првите законски решенија во таа насока

Уште една реформа што за граѓаните и за државата е насушна потреба

Реформите на јавната администрација се едни од најважните што Македонија мора да ги спроведе во следниот период за да ги исполни европските критериуми во поглед на сервисите на граѓаните, а токму забелешките на Европската комисија во секој извештај за земјава, како и незадоволството на граѓаните од јавните услуги, се однесуваат на потребата од рационализација и деполитизација на администрацијата.
Новата македонска влада најави дека реформата на јавната администрација ќе биде нејзин приоритет, а потврда дека тоа е така се најавите дека од јануари следната година почнуваат првите законски решенија во таа насока.
Имено, премиерот Христијан Мицкоски, обраќајќи се неодамна на годишната регионална конференција за јавна администрација, како најголем проблем ги посочи партизацијата и бирократијата.
– Нашата визија е јасна, сакаме јавна администрација што ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација што нема да биде само сервис за граѓаните туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори. Зборуваме за една важна тема, која со годините многу малку била предмет на студиозна анализа, ниту, пак, на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките што треба да се преземат за поголем квалитет на услугите, но и иновациите како важен предизвик на тој план – рече Мицкоски.
Од своја страна, министерот за јавна администрација Горан Минчев истакна дека прекубројната јавна администрација дефинитивно ќе се крати и дека од Нова година почнуваат пилот-проекти за кратења во одделни сектори во јавната служба, но и побрзи услуги за граѓаните. Министерот најави дека ќе се кратат управните одбори на институциите поврзани со Министерството за администрација. Минчев најавува дека законите поврзани со вработувањата и унапредувањата во јавната служба на владина седница ќе се најдат до крајот на годината, а на почетокот од наредната ќе бидат донесени и во Собранието.
Целиот процес на реформи на јавната администрација ќе биде дополнет со користење меѓународни искуства, особено оние искуства што биле применети за време на пристапниот процес на актуелните земји членки на ЕУ.
Познавачите на состојбите сметаат дека со години постојано се најавува реформа на јавната администрација, но дека тој процес, барем досега, никогаш не се реализирал онака како што се најавувало.
– Сега во тек е јавна расправа за три закони поврзани со реформата на јавната администрација, така што очекувам до крајот на годината да излезат со коригирани текстови на законите за вработени во јавен сектор, за јавна администрација и за обука на јавна администрација. Ова се реформски закони и добро е што е започната работата – вели универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски.
Според него, од она што можел да го констатира на јавните расправи, целта е да се воведе мерит-систем при вработувањето во јавната администрација.
– Со инсистирањето на мерит-системот не се остава многу на дискреција на министерот, кој на крајот сепак одлучува, но ќе мора да го земе најдобриот кандидат што ги исполнува условите. Досега тоа не беше случајот. Ако навистина се почитува словото на законот, дека ќе се избираат најдобрите и најстручните, тогаш нема да има многу простор за партиските вработувања и ќе се направи извесна департизација на јавната администрација. Ако се одвива работата во делот на реформата на јавната администрација онака како што е најавена и како што тече сега, мислам дека тоа ќе биде добра работа за државата – појаснува професорот Давитковски.