Деца бегалци од Егејска Македонија 1948 година

Веднаш по војната бил донесен и законот ПЗ 4124/45, според кој биле уапсени и судени 7.500 Македонци само од Костурско и од Леринско, кои вооружени учествувале во антифашистичката борба и во Движењето на отпорот. Во согласност со друг закон, донесен од грчкиот парламент на 15 јули 1945 година, била поведена судска постапка за велепредавство против 23.811 Македонци и Македонки поради нивното членување во НОФ, НОМС и во АФЖ. На 18 јуни 1946 година, грчкиот парламент го донел декретот Г/46 за мерките што се однесувале на јавниот ред и на безбедноста, со кој, всушност, во Грција била прогласена воена состојба

Седумдесет и четири години реминисценции од Граѓанската војна во Грција

Годинава се одбележуваат 74 години од крајот на Грчката граѓанска војна, но и од егзодусот на илјадниците Македонци од Грција. Војната се водела помеѓу грчката влада и грчките комунисти и членовите ЕЛАС. Најголемиот дел од македонскиот народ во Грција ги поддржал Комунистичка партија на Грција (КПГ) и ЕЛАС поради ветувањата на грчките комунисти за национално самоопределување на Македонците. Војната катастрофално се одразува врз македонскиот народ од Грција, а податоци посочуваат дека во овој оружен судир биле убиени 21.000 Македонци, околу 50.000 Македонци биле протерани или раселени, а меѓу нив се 28.000-32.000 македонски деца. Повеќемина научници и автори посочуваат дека последиците од Грчката граѓанска војна сѐ уште се чувствуваат, а остануваат и голем број отворени прашања што сѐ уште чекаат одговори.

Грчките комунисти го признале правото за национално самоопределување на Македонците

Голем број Македонци во Граѓанската војна ја поддржале Комунистичката партија на Грција (КПГ) затоа што таа уште во 1934 година нагласила дека ќе се „бори за национално самоопределување на репресираните словенски Македонци“, а ова беше потврдено и во резолуцијата од Петтиот пленум од 31 јануари 1949 година, во која се вели дека „по победата на КПГ, Славомакедонците ќе ја најдат својата национална обнова во рамките на обединета грчка држава“. За ова прашање, проф. д-р Лилјана Пановска од Институтот за национална историја вели дека политичкото приближување на НОФ и КПГ значително се интензивирало по одржувањето на Вториот пленум на ККЕ во февруари 1946 година.
– Фактички, КПГ веќе јасно согледала дека Македонците од егејскиот дел на Македонија биле единствениот реален сојузник, неопходен за реализирањето на донесената одлука за примена и на герилските активности во освојувањето на власта во земјата – посочува Пановска.
Во Граѓанската војна, Македонците имаа и сопствена воено-политички организација позната како Народноослободителен фронт (НОФ), во чии редови се вклучиле околу 11.000-14.000 македонски борци. Под раководство на Народноослободителниот фронт била негувана македонската култура во Грција, околу 10.000 деца го изучувале македонскиот јазик во училиштата, биле печатени весници на македонски јазик, а биле отворени и театри каде што претставите се изведувале на македонски јазик.
Според Лилјана Пановска, што се однесува до организациската поставеност на НОФ, треба да cе напомене дека највисок негов раководен орган бил Главниот одбор на НОФ сочинет од шест члена: П. Митровски, политички секретар, М. Керамитчиев, Џ. Урдов, A. Корвешов, П. Раковски и М. Фотев. Во рамките на НОФ исто така биле формирани и организациите НОМС (Народноослободителен младински сојуз) и АФЖ (Антифашистички фронт на жените), посочува Пановска.

Колосално негативни последици врз македонскиот народ

Неколку научни истражувања посочуваат дека во Грчката граѓанска војна загинале 21.000 Македонци, а околу 50.000 Македонци биле протерани или раселени, а меѓу нив се 28.000-32.000 македонски деца. Граѓанската војна негативно се одразила врз македонскиот народ што живеел во Грција, а тоа е забележливо и од грчкиот попис од 1951 година, каде што 45 села со македонско население не се споменуваат, односно биле уништени во текот на војната. Поради учеството во Граѓанската војна, 15.000 Македонци го изгубиле грчкото државјанство, а била извршена и конфискација на околу два милиони декари земја, главно во пограничните подрачја, кои претежно биле населени со Македонци.
– Останува впечатокот дека особено трагични и сериозни биле последиците за Македонците. Како резултат на учеството во Граѓанската војна, животот го изгубиле 21.000 Македонци, додека повеќе од 50.000 ја доживеале судбината на прогонети, раселени и откорнати луѓе од сопствениот дом. Доколку сето ова се разгледува и во корелација со фактот дека во тоа време Македонците претставувале најверојатно само една дваесеттина од вкупната популација на Грција, посочува проф. д-р Лилјана Пановска
Последиците од војната се чувствувале многу години по нејзиното завршување. Грчките судови до 1962 година сѐ уште споменувале дека востанието сѐ уште трае, а неприкосновеното законодавство од 1946 до 1949 година ја надживеало Граѓанската војна за цели дваесет и пет години, за дефинитивно да биде укинато во 1974 година.
– Во текот на оваа година КПГ била легализирана, a шест години потоа, војната што се водела, наместо „бандитска“, била прогласена за граѓанска. На 29 декември 1982, во рамките на политиката на грчката влада за национално помирување била објавена и одлуката за слободна репатријација на политичките бегалци. Во согласност со оваа одлука, право на репатријација добиле сите политички бегалци од Граѓанската војна, но не и Македонците, посочува проф. Пановска.
Веднаш по војната бил донесен и законот ПЗ 4124/45, според кој биле уапсени и судени 7.500 Македонци само од Костурско и од Леринско, кои вооружени учествувале во антифашистичката борба и во Движењето на отпорот. Во согласност со друг закон, донесен од грчкиот парламент на 15 јули 1945 година, била поведена судска постапка за велепредавство против 23.811 Македонци и Македонки поради нивното членување во НОФ, НОМС и во АФЖ. На 18 јуни 1946 година, грчкиот парламент го донел декретот Г/46 за мерките што се однесувале на јавниот ред и на безбедноста, со кој, всушност, во Грција била прогласена воена состојба.
– Суровоста спроведувана во согласност со „декретот“ најмногу ја почувствувале Македонците, бидејќи според членот 10 од овој правен акт биле гонети граѓаните што од полицијата биле обвинувани за рушење на интегритетот на грчката држава и им биле изрекувани најстроги казни. Секако, целиот овој закон бил насочен против Македонците, а како најеклатантен пример за неговото спроведување било и стрелањето на младата Македонка, партизанката Мирка Гинова. Грчките воени власти преку судовите изрекле 33 смртни пресуди, 35 пресуди со казна доживотна робија, а на грчките пусти острови биле испратени 3.520 лица. Група грчки пратеници дури иницирале донесување закон за присилно истерување на Македонците преку границата, но тој, поради контроверзноста, не бил донесен. Затоа, пак, повторно од страна на грчкиот парламент, во 1947 година бил донесен друг закон – ПЗ 511/47, за формирање и организирање десетина концентрациони логори во кои биле интернирани десетици илјади граѓани, од кои голем број биле Македонци. Само во логорот „Макронисос“ биле интернирани околу 6.000 Македонци, кои биле подложени на жестоки мачења и тортура, многу поголеми од тие во германските логори, посочува проф. д-р Ѓорѓи Малковски.

Денешни контроверзии

И покрај многубројната научна литература за оваа проблематика остануваат и понатаму голем број прашања што треба да бидат предмет на истражување. Во оваа конотација, Виктор Бивел (новинар, издавач, уредник и публицист од Австралија со македонско потекло) вели дека речиси сите грчки историчари и многу прогрчки автори ја игнорираат улогата на Македонци во Граѓанската војна, а грчката страна го негира и егзодусот на илјадниците Македонците.
Според Бивел, потребно е дополнително истражување во однос на протерувањето на илјадниците македонски деца што го изгубиле грчкото државјанство, а врз основа на законот 106841 од 1982 година не можат да се вратат во Грција и да си ги обноват правата бидејќи во споменатиот закон се вели „слободно да се вратат во Грција сите Грци по род, кои за време на Граѓанската војна од 1946 до 1949 година и поради неа избегаа во странство како политички бегалци, и покрај тоа што им е одземено грчкото државјанство“.
– Засегнатите Македонци нагласуваат дека изразот „сите Грци по род“ се користеше и продолжува да се користи за дискриминација на етничките Македонци. Додека на грчките деца им беше дозволено да се вратат, на многу од македонските деца не им беше дозволено – вели Виктор Бивел.
Виктор Бивел исто така посочува дека е потребно истражување за илјадниците сирачиња што биле посвоени во 50-тите години на 20 век од страна на американски семејства. Потребни се дополнителни информации за тоа колку од нив биле од комунистички семејства, колку од нив биле македонски деца и дали некои од нив не биле вистински сираци, туку биле посвоени за да ги држат одвоени од родителите за кои се сметало дека немаат „здрави национални убедувања“, односно грчки идентитет – вели Виктор Бивел. Д.Ст.