Фото: Принтскрин

Парламентарното мнозинство е стабилно без разлика дали некој ќе излезе или влезе заради превирањата во коалицијата ВРЕДИ – изјави претседателот на Собранието Африм Гаши.

Во интервју за Радио Слободна Европа тој вели дека парламентарните избори треба да се одржат во редовен термин, како и дека новиот закон за правична застапеност го очекува до крајот на месецот.

-Мислам дека нема потреба од никаква паника, мнозинството е стабилно, мислам дека треба да се продолжи понатаму да се работи без разлика дали некој ќе влезе, ќе излезе. Мислам, нема да има голема промена во бројот на пратениците. Мнозинството е многу стабилно, веќе околу две третини имаме. Од друга страна, локални избори се наближуваат, но мислам дека не треба да не фаќа така секогаш изборна треска и адреналин дека мора да правиме избори за се. Мора да ги сфатиме локалните избори по природата, какви се и тие во суштина. Се разговара за канализација, за водовод, за почисти патишта, осветлување и мислам дека не треба високата политика да ја вметнеме во делот на локалните избори, во изборите кои следуваат, овие редовни. Така да не би ги ставил во иста паралела, ова што е парламентарно мнозинство,мислам дека треба да продолжи до крајот на мандатот, да дадеме политичка стабилност на граѓаните, дека Собранието, владата, си течат со работа. Локални избори е друга тема – рече Гаши.