Фото: Игор Бансколиев

Како што одминуваат годините во чекалницата за прием во ЕУ така се топат и надежта и вербата кај македонските граѓани за членство во Унијата

Последните изјави на високите државни функционери упатуваат на процесот на „забрзано ладење“ на идејата за европската интеграција на Македонија. Впечатокот е дека трендот на слабеењето на евроентузијазмот кај македонските граѓани станува сѐ поевидентен и кај политичарите. Во настапите на политичките претставници во земјата од власта и кај опозицијата, веќе никој не се осмелува да прогнозира и покрај 17-те добиени препораки за наше членство во Унијата. Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека во ниту еден момент откога дошол на функцијата во Владата не се врзал со датум за преговорите со ЕУ. Ковачевски јавно порача дека процесот на проширување не зависи само од Македонија поради спорот со Бугарија, а тука е важна и улогата на ЕУ! И македонскиот претседател Стево Пендаровски јавно прашува како во регионот да се „зачува желбата за европска интеграција на сите луѓе“ и како да се задржи „евроентузијазмот кај граѓаните на Македонија, кога 17 години чекаме влез во ЕУ, а уште не сме ги започнале преговорите за овој процес“. Претседателот Пендаровски посочува дека „некои европски земји не се толку заинтересирани“ и не прават толку сериозен обид да го завршат процесот на европско обединување колку што го прави тоа администрацијата на Вашингтон.
Како што одминуваат годините во чекалницата за прием во ЕУ така се топи и поддршката на македонските граѓани за членство во Унијата.

– Јавноста во Северна Македонија е сѐ поразочарана од процесот на европските интеграции. Европската реалност за државата сѐ повеќе станува лош сон. Поддршката за ЕУ е сѐ уште висока – 70 проценти, тоа е ситуација што трае повеќе години, но со оглед на првичната поддршка, која беше 90 проценти, станува збор за пад – изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека евроскептицизмот во Македонија ќе продолжи да расте, но додава дека како земја геостратегиски ѝ припаѓаме на Европа и таа политичка ориентација ќе остане присутна, но во нови облици!
– Пресекот на надворешнополитичките случувања е таков што треба да размислуваме за нов пристап во применувањето на европските вредности, кои би требало да се водат со билатерални преговори со земји од Европската Унија, за спроведување на потребните реформи во земјата. Секако дека тој евроентузијазам што е присутен кај граѓаните ќе се прелее и кај политичките партии, затоа што сегашниот пристап во преговорите за почеток на преговорите со ЕУ нема да им носи повеќе политички капитал. Темата за проширување ќе биде задржана кај партите од левиот блок, но многу помалку од досега, додека кај десницата таа ќе биде целосно занемарувана. Ако не се случи некаква промена во јуни, со кревањето на ветото, ќе ни се повтори истата состојба по неуспешниот прием на Македонија во НАТО. Незадоволството кај граѓаните од неуспехот на проширувањето ќе биде зголемено, можеби не толку како што беше по ветото во Букурешт од страна на Грција – ни изјави Арсовски.
Кредибилитетот на Европската Унија продолжува да пропаѓа, а тоа го покажуваа и претходните истражувања. Перцепцијата за влијанието на Европа како најдобар сојузник на земјата бележи постојан пад. Ако била 34 отсто пред две-три години, сега е само девет проценти, што упатува на голема разочараност кај граѓаните за пристапниот процес.

Истражувањето „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кооснован од ЕУ, покажа пад на поддршката за пристапување во Европската Унија на Македонија за над 20 отсто. Односно, ваквата поддршка лани изнесуваше 53 отсто, што практично е најниско ниво на поддршка „за пристапување во ЕУ, откако се прави ова истражување“.
Споредено со другите земји од Западен Балкан, просечното ниво на „поддршката за пристапување во ЕУ“ беше 63 отсто. Македонија го урива овој просек, а над две третини не веруваат дека земјата ќе влезе во Унијата до 2030 година. Ваков евроскептицизам во Македонија не е забележан. Интересен е фактот дека секоја година се зголемува бројот на испитаници од Западен Балкан што не веруваат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ, а лани таа бројка порасна на 22 отсто.
Евроскептицизмот во Македонија забележа раст од три проценти во 2020 година во однос на 2019 и достигна 22 отсто од испитаниците опфатени со истражувањето на институтот за демократија „Социетас цивилис“. Зголемувањето е значително ако се спореди со 2014 година, кога евроскептицизам изразиле 14 проценти од анкетираните.
Пецо Трајкоски, од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, смета дека долгоочекуванот почнување на преговорите нема да почне во блиска иднина.
– Граѓаните се разочарани, делумно од ЕУ, но најмногу од општата економска и политичка ситуација во Македонија и, секако, барањата на Бугарија. Ставот на граѓаните кон особено националните прашања со Бугарија нема да остават многу простор за договарање без притоа да се плати голема политичка цена.

Но тоа нема да се преточи во голем пад за поддршката на ЕУ во Македонија токму поради немањето попривлечна алтернатива. Ние сѐ уште ќе сакаме да бидеме членка на ЕУ, колку долго и да трае тоа. Од ова сметам дека повеќето од луѓето во Македонија во многу голем процент го поддржуваат пристапувањето во ЕУ и не очекувам дека оваа поддршка ќе се намали во скоро време, бидејќи едноставно друга приближно привлечна алтернатива не постои или не е понудена од политичките елити во државата – вели Трајкоски.
Во однос на општото ниво на евроентузијазмот кај нас, тој додава дека Македонија се наоѓа во невозможна ситуација.
– Од една страна имаме декларативни заложби и желба за ЕУ од сите политички опции во Македонија, а од друга страна нема суштински промени и реформи што се потребни не само за членство во ЕУ туку и за подобрување на квалитетот на животот во Македонија. Гледам дека ќе се намалува ентузијазмот за политичките опции со сѐ поголема апатија при избори или едноставно напуштање на државата, бидејќи сите политички опции се импотентни да донесат вистинска промена. Можеби нема да може и не треба да се реши прашањето со Бугарија во овој момент, но секако може да се почне со структурните реформи за приближување на нашето општество кон ЕУ – нагласува Пецо Трајкоски.