Фото: Архива

Преведувачките служби на ЕУ го отворија повикот за толкувачи со македонски јазик, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Македонскиот јазик во ЕУ. Преведувачките служби на ЕУ го отворија повикот и организираат тестирања за акредитација на конференциски толкувачи со македонски јазик (МК) како А-јазик. Краен рок за поднесување онлајн апликациии е 19.1.2024 – објави Маричиќ на својата фејсбук-страница.

Тој ги повика сите заинтересирани македонски толкувачи „да се пријават и со тоа да придонесат кон професионално толкување и промоција на македонскиот јазик низ институциите на Европската Унија“.

Усвојувањето на заклучоците за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација, за евалуација на годишниот дијалог за владеење на правото и за менаџирањето со демографските промени во Европа, ќе бидат главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според извори од Европскиот совет, во рамки на расправата за проширувањето министрите и државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на ЕУ ќе решаваат и во врска со вторите меѓувладини конференција со Македонија и Албанија.

На дневниот ред на заседанието на ГАК, со кое ќе претседава шпански државен секретар за Европската Унија, Пасквал Игнасио Наваро Риос, ќе бидат и подготовките за Самитот на ЕУ што ќе се одржи в четврток и петок, преговорите за договорите за асоцијација со Андора и Сан Марино, предлогот на Шпанија за измена на Регулативата 1/1958 на Унијата со што каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик би биле признати како службени јазици во Унијата, како и дебатата за Конференцијата за иднината на Европа.

Дополнително, предвидено е актуелното шпанското и следното белгиско претседателство со ЕУ да го претстават патоказот за активностите на европските институции за 2024 година.

Заседанието на Советот за општи работи се одржува еден ден пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој се очекува да биде пренесена пораката дека проширувањето претставува инвестиција во мирот и ќе се афирмира определбата за поголема интеграција на земјите кандидатите за пристапување во Унијата, со што тие и нивните граѓани би ги почувствуваат придобивките од членството уште пред полноправното зачленување во блокот.