Членови на Привремената влада на Крушевската република

Со цел денешната поширока публика одблизу да биде запознаена, а постарата да биде потсетена, за македонската и само чисто македонска негова чеснољубивост и определеност, во продолжение оставаме самиот тој наш голем македонски син да зборува и за себе, но и за Македонската револуционерна организација, на која и со душа и со срце ѝ припаѓал, преку два свои записа – едно негово интервју од 1903 година дадено за грчкиот весник „Акрополис“ и едно негово писмо од 1902 година упатено до Гоце Делчев

ВО ЧЕСТ НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛЕН ПРАЗНИК ИЛИНДЕН

Никола Карев е роден и растен во Крушево. Познато е дека во истото ова негово родно Крушево одредено време бил и учител. Покрај во Крушево, во извесен период тој престојува и во Бугарија. Тука, заедно со својот сограѓанин, подоцна и соборец Веле Марков, бидува задоен со социјалистичка идеологија. Па во таа смисла при престојот во Софија активно бидува вклучен во групата социјалисти, чиј предводник бил познатиот велешанец Васил Главинов. Но при ова заслужува да се каже дека и повеќе од познато е дека тој, колку што бил задоен социјалист, толку или повеќе од тоа бил идејно задоен и со светото дело на Македонската револуционерна организација. Последново сфатено во смисла што тој, без каков било остаток, со целото свое битие на постоењето ѝ припаѓал на оваа организација чиј неприкосновен императив бил: ослободување на својата поробена Македонија од турскиот јарем и нејзино конституирање во автономна или во целосно самостојна и независна држава од која било од соседните балкански држави (Бугарија, Србија, Грција, па и самата Турција). Во насока на ова е и неговото активно учество во подготвувањето на Илинденското востание, вклучувајќи го овде и неговото непосредно учество во донесувањето на конкретната одлука на Смилевскиот конгрес за кревање на ова востание. За потоа, тој, како началник на горскиот крушевски востанички штаб, непосредно пред чинот на востанието, заедно со другите членови на овој штаб и да го огласи самото отпочнување на востанието во Крушево и цела Македонија преку следното обраќање:
„Браќа,
Брзаме да ви го честитаме востанието! Денеска цела Крушевска Околија заедно со цела Македонија крена востание и вика: Долу тиранијата! Да живее слободата и равноправноста меѓу македонските народности. Камбаните на секаде бијат, народот со чудесна радост се прибра под знамето на слободата. Момите и невестите ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците! До што Турчин се најде по патиштата и селата, се фати и е прибран како пленик и залог. На секаде пеење, радост и веселба. Гориме од нестрпливост и чекаме ноќ, за да дојдеме и го земеме Крушево, та заедно со целиот народ да го извикаме македонското победоносно ура! Бог и правото се со нас.

Да живее Македонија!
Потпишале: Штаб: Питу Гули, Никола Карев Иван Алабак, Тимо Николов Андреја Димов, Тодор Христов Ѓурчин Наумов и Антониген Хаџов Ташко Карев“
При ова, познато е дека по ослободувањето на Крушево, во првите августовски денови во 1903 година и по прогласувањето на слободната Крушевска Република и изборот на нејзината влада, Карев бидува нејзиниот претседател.
Тој и по поразот на востанието останал нерасколебан и верен на идеалите на Македонската револуционерна организација за ослободување на својата Македонија од турското ропство. За остварување на овие идеали тој во една пресметка со непријателот на 27 април 1905 година во месноста Свиланово, Кочанско, ќе го положи и својот млад живот, каде што бил и погребан.
По повод педесетгодишнината од Илинденското востание (1953), неговите мошти се пренесени во Крушево, за на самиот почеток од осамостојувањето на Македонија како самостојна и независна држава тие со свечена процесија да бидат пренесени и положени во посебен бел мермерен саркофаг во куполата на симболот на македонскиот непокор, споменикот „Македониум“ во Крушево. Денес, покрај споменикот на Карев во неговото родно Крушево, подигнат е негов споменик и пред македонското национално собрание во Скопје, симболизирајќи го на тој начин Карев како претседател на првородената во 1903 година македонска Крушевска Република. Последнава бидувајќи реален историски факт е и идејниот камен-темелник врз кој на денот на вториот Илинден (2 август 1944 година) беше конституирана и новата асномска македонска република.
Кога сме кон Карев, со цел денешната поширока публика одблизу да биде запознаена, а постарата да биде потсетена, за македонската и само чисто македонска негова чеснољубивост и определеност, во продолжение оставаме самиот тој наш голем македонски син, така да речеме, да зборува и за себе, но и за Македонската револуционерна организација, на која и со душа и со срце ѝ припаѓал, преку два свои записа – едно негово интервју од 1903 година дадено за грчкиот весник „Акрополис“ и едно негово писмо од 1902 година упатено до Гоце Делчев.
За таа цел, а во чест и на големиот претстоен национален и државен празник Илинден, во продолжение во целост ги приопштуваме како текстот од наведеното интервју така и текстот на писмото упатено до Делчев.
Интервјуто за кое овде станува збор, Карев го има дадено во Крушево во 1903 година, некаде пред самото одржување на Смилевскиот конгрес, за грчкиот весник „Акрополис“, а овој весник го има објавено на своите страници на 8 мај 1903 година.
Во него читаме:


 

Никола Карев

ИНТЕРВЈУ НА КАРЕВ ЗА ГРЧКИОТ ВЕСНИК „АКРОПОЛИС“

 

Ако Бугарија мисли да нѐ претвори во нејзина провинција, си направила
лоша пресметка

– „Македонец ли си? Го прашувам (се однесува на новинарот на весникот што го водел ова интервју со Карев а.з.).
– Да. –
И следствено Грк?
– За ова не знам – ми одговори – Јас сум Македонец.
– Директен наследник на Александар Македонски? – му велам иронично.
– Да.
– И Александар Македонски што беше, му велам?
– Не знам, но историјата вели дека бил Грк.
– Тогаш и ти како негов наследник, си Грк.
– Не ми одговори.
– Значи – тогаш го прашувам пак – зошто кога веќе сте Грк сакате да се ослободите со помош на Бугарија?
– Која Бугарија? Мислите на комитетот?
– Да.
– Ти одговарам дека комитетот не е бугарски и второ, изгледа дека сме наклонети кон Бугарија затоа што само таа се покажува расположена да ни помогне. И Грција ако го правеше истото ќе ја прифатевме со целото наше срце.
– Бугарската заштита ја гледате само површински. Бугарија не сака да ве ослободи од турското ропство, туку да ве потчини.
– Хм! Ако Бугарија мисли да нѐ претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка. Инаку, нас не нѐ интересира што мисли Бугарија, туку обрнуваме само внимание на следново: Си ја постигнуваме ли целта? Си ја добиваме ли нашата слобода? Но не нѐ интересира дали ќе нѐ ослободи Грција или Бугарија и единствено што може некоја од нив да добие од нас е благодарност.
– Добро ако се ослободите што сакате да бидите, автономија?
– Да, вели Карев.
-Како што се изјасни погоре, Македонија е грчка земја, а ако секоја грчка земја побара да биде автономија, тогаш ослабнува Грција, а тоа го сака и „Панславистичка Етерија.“
– Зошто го бара? Прашува Карев.
– За еден ден да нѐ пороби и нас и вас и да ги најде слабите точки за да го стори тоа полесно, му велам. Карев за момент изгледаше замислено (вели новинарот а.з.), а јас побрзав да го прекинам монологот:
– Зошто не сакате да се обедините со Грција?
– Затоа ако нѐ земе, Грција ќе стане една голема држава, следствено монархија. Во таков случај ќе произлезат големи зла. Второ, Грција ќе нѐ натера да војуваме со Бугарија, а ние не сакаме.
– Вие што сакате?
– Ми ја покажува капата: – Сакаме Република.
– Демократија и пријателство со Бугарија
– Не само со Бугарија туку и со секој што ќе ни помогне да се ослободиме
– Со Бугарија сакате да се обедините?
– Не! не!, реагира Карев.
– И тоа ли го проповеда комитетот?
– Да, одговори Карев.
– Тогаш зошто Комитетот, кој толку многу се грижи за вашата независност, не бара заштита од Грција, која има голема должност да ве ослободи, туку се приклонувате кон варварите?
– Да ви одговорам веднаш. Ние личиме на човек што паднал во морето и се наоѓа во опасност, секој момент да се удави… Овој човек ќе се фати ли во тој момент за сѐ пред себе, дури и со змија? Во таква положба сме ние, дури Турчин да ни пружи рака за спас, ќе ја грабнеме со благодарност.
– Но грчките првенци и учители зошто ги убивате кога немате ништо против никој.
– Тоа се лаги. Одговори Карев. Комитетот не убива само Грци, туку и Бугари и Срби и Турци, и секој што нѐ предава.
– Тоа се изговори за гревовите! Уништивте многу грчки патриоти затоа што не даваа пари за тој ваш комитет.
– Таквите работи ги измислувате вие Грците, како и другите.
– Кои други?
– Ете тие во Солун! Поставивте луге за да го направат тоа што го направија, за да го оцрните комитетот, – вели Карев. Новинарот веднаш по неговиот опис го дава следниот коментар:
– Неможев да се воздржам. Страшно се насмеав, што предизвика љубопитност кај сопственикот на хотелот, Таку Квата, кој ми се приближи и ме праша „Што ти вели?“ Тоа и тоа му одговорив.
– Да, Да, ова што ви го велам јас, – повтори Карев – е едно дрво што ја проби земјата и израсна. Зошто да не го вадат сите за да порасне?
– Да, но знаете со што го вади Бугарија му велам. Со отров кон грцизмот.
– Да, ова полевање нас нѐ натера да ги свртиме гранките кон страна кон која, признаваме, не нѐ врзува ништо и да бегаме од вас, со кои немаме иста и крв и историја. Ова е некој начин протест против грчкото интересирање за нас.
– Ова што го велиш е резултат на бугарското полевање, зашто Грција никогаш не престанала да ве подржува и со писменост и со оружје Карев пак не ми одговори.
– И сега по последните настани, што мислите да правите го прашав – вели новинарот – (мислејќи на Горноџумајското востание од 1902 година а.з.).
– Ништо друго освен да ја продолжиме борбата.
– Да, но знаетели дека зад таа борба се крие подла нечесна борба?
– Тоа нас не нѐ интересира! Доволно е да си ја постигнеме нашата цел.
– Значи и со убијства?
– Штом се вршат за доброто на еден народ.
– Имате право, какви учители имате, такви лекции научивте. Карев пак не ми одговори. Стана и полека излезе од собата, а зад него сите гости во хотелот на разни начини ги коментираа неговите зборови. Со ова и завршува интервјуто на Карев дадено за весникот „Акрополис“.

Кон ова ние не би додале ништо повеќе, освен можеби да сугерираме да им се испрати ова интервју на Карев, како некој вид честитка и потсетник, на сите оние што во континуитет сакаат лагата за Македонија и македонскиот народ (јазик и култура) да ја преобразат во нивна „вистина“ и врз таа основа да проектираат и посакуваат и ова мало парче што преостанало од Македонија да си го присвојат за себе (нели, според нивните аршини на мерење и гледање, таа отсекогаш ним и само ним им припаѓала) Аферим!!
Нека по ова, како некој вид дополнување и потврдување на реченото, кое претставува кристално јасна македонска определеност на Карев овде, како што погоре веќе рековме, го приопштуваме и целиот текст од писмото на Карев испратено во 1902 година до Гоце Делев, со повик во него што поскоро да се објави востание против Турција, не очекувајќи дека слободата на Македонија ќе ја донесат Грците или, пак, Бугарите.
Во него читаме:


Писмо од Карев до Гоце Делчев

Време е да станеме и сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија

„Драги Гоце,
Моите извештаи стануваат сѐ повеќе и повеќе само како голи констатации на оние свирепости sверства што овој свет ги поднесува.
Одамна требаше да им се даде називот извештаи за несреќите и бедите на христијаните во вилаетот.
Во Крушевско и Битолско стануваат секоедневно ноќни блокади на села, а многубројните афери фрлаат многу луѓе в затвор. Не треба да чекаме повеќе Гоце. Време е веќе да станеме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците ниту од Бугарите, ами сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните и да не се споменуваат тврдењата „дека сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција.“
Што се однесува до мене, (вели Карев а.з.) никој не ќе може да ми ја одземе мојата храброст и патриотизам.
Драго ми е да Ти соопштам дека сите наши момци се готови со пушка в рака да се бијат.
Н(икола)“

Ова писмо на Карев до Гоце е мало по својата содржина, но истовремено тоа е големо по својата суштина. Последново, во смисла што во него Карев пројавува кристално јасна определеност дека Македонците се тие што треба да се борат, како што вели, „за наша Македонија“, а: „Да не се – чека – слобода ниту од Грците ниту од Бугарите. Ова и не може поинаку да биде разбрано, освен за постоење, според него, на три различни ентитети, помеѓу кои и не може да се повлекува какво било равенство.
Впрочем, ако истото ова го споредиме со гледиштето на Карев изнесено во погоре изложеното интервју ќе се види дека кај Карев во однос на разгледувањето на прашањето посветено на Македонија и Македонецот и не постои разлика. Со други зборови кажано, кај него постои константност во поглед и на Бугарите и на Грците, како нешто одделно од Македонците.

***
Читателу, по ова и не ми останува друго, освен да речам, имај верба во себе и верба само во вистината. Господ е голем и тој секогаш е на страната на вистината.
Честит Илинден, 1903 и 1944, и благодарност за сите оние што ги положија своите животи во темелите на двата свети Илиндена врз чии основи стои и денешната наша света македонска држава. Нас и не ни останува нешто друго, освен заветот на нашите славни предци да го чуваме и да ја развиваме нашата, но и нивна, денешна современа Македонија. Нека ни биде вечна и благодатна.

Крушевски Војводи

Проф. д-р Гале Галев