Фото: Фејсбук / Бенџамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја не оди кон граѓанска војна и дека се неопходни реформи во судството.

-Нема да има граѓанска војна. Тоа ви го гарантирам. Кога ќе слегне прашината, луѓето ќе разберат дека тоа беше неопходно – рече Нетанјаху во интервју за американската телевизија Ен-би-си.

Тој додаде дека стравовите на луѓето ќе исчезнат и дека ќе видат дека Израел е „исто толку демократски како порано, ако не и подемократски“.

Израелскиот премиер нагласи дека судските реформи нема да им наштетат на блиските односи меѓу Соединетите Американски Држави и Израел, кои се потпираат на Вашингтон во воениот, безбедносниот и разузнавачкиот сектор.

– Мислам дека нашите односи се добри. Мислам дека и покрај промените на владите и администрациите, Израел секогаш останува најдобар сојузник на САД, а САД незаменлив сојузник на Израел – порача Нетанјаху.

Израелскиот Врховен суд претходно објави дека комисија од 15 судии во септември ќе ги разгледа петициите против законот усвоен од владата на Нетанјаху минатата недела, што доведе до масовни протести. Законот, меѓу другото, ја ограничува моќта на Врховниот суд.