Во фељтонот што ќе го објавиме во неколку продолженија, д-р Митко Б. Панов,
редовен професор во Институтот за национална историја, прави обид дефинитивно да стави точка на бугарските историографски конструкти, особено што под превезот на политичкиот договор и билатералните протоколи со Бугарија, Самуил и неговата држава и црква се проектираат во модерната борба за средновековното наследство на Македонија, а преку историска комисија, која го легитимира политичкиот концепт за некаква замислена и измислена „заедничка историја“, се експлоатираат за идентитетско негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонската нација. Написот демонстрира дека проектирањето на историското минато во 21 век за оспорување на современиот идентитет претставува реминисценција на политичкото, идеолошкото и терминолошкото ослепување на Самуиловата држава и црква од страна на византискиот естаблишмент во 11 и 12 век.

Повод: Беласичката битка, 29 јули 1014 година (3)

Со оглед дека епитафот без сомнение претставува директна потврда дека Василиј II сакал вечно да биде запаметен како победник над Скитите – непријателите од Самуиловата држава – како следно прашање, кое досега не е поставено од истражувачите, се поставува дали императорот бил познат со ваква апелација за време на неговото владеење. Не би можело да се најде подобар податок од некој што бил митрополит, дипломат и писател, а уште повеќе кој директно му пишувал на Василиј II. Сето тоа го имаме кај Лав, митрополитот од Синада, кој во писмото адресирано директно до Василиј II од почетокот на 996 година, меѓу другото, наведува: „Императорот беше најголемиот од нив, императорот кој се враќаше од блескавата и неспоредлива победа; кој недостасуваше и по кого се копнееше, бидејќи долго време тој работеше во неволја за да ја обезбеди целосната победа; кој поради неговото достигнување беше брилијантен и славен и не ја презираше апелацијата ’Скитикус’ (Σκυθικος)… Не поштедувајте ниту еден Скит (Σκύθην), дури ни малото момче што мајка му го носи во својата утроба, туку разурнете ги и уништете ги сите заедно…“
Официјалната кореспонденција, адресирана лично до императорот, јасно покажува дека Лав од Синада го ословувал Василиј II со апелативот „Скитикус“ поради неговите победи против „Скитите“. Ваквата официјална кореспонденција сосема јасно покажува дека Василиј II кон крајот на 10 век веќе бил познат со апелацијата „Скитикус“, што произлегла од неговите победи над Самуиловата војска. Тоа недвосмислено се потврдува и од епитафот на Василиј II, кој сакал да биде запаметен токму како победник над Скитите во вечноста.
Ваквото поимање се рефлектира и во делата на Михаил Псел, кој бил роден во Константинопол истата година кога Василиј II ја освоил Самуиловата држава. Во првото поглавје од неговата Хронографија посветена на владеењето на Василиј II, веројатно напишана во почетокот на 1060-тите, Псел го употребил терминот „Скити“ за да упати на големите победи на Василиј против непријателите. Тој го претставил Василиј II како ги истребува „варварите и целосно ги потчинува“, наполнувајќи ја императорската благајна од богатствата на „Иберијците и Арапите, како и на Келтите и сè што беше пронајдено во земјите на Скитите; и накратко да се каже, богатството на околните варвари“. За Псел немало сомневање дека Василиј II војувал со „Скитите“, односно со Самуиловата држава. Тоа се потврдува и од Епитафот на Еирена Пегонитиса, сопругата на цезарот Јован Дука, каде што Псел ја спомнува војната на „Василиј Македонецот“ со „водачот на Скитите Арон“. Комплексниот термин „скитска автономија“ содржан во ораторството на Псел за императорот Константин IX Мономах (1042 – 1055) исто така мошне веројатно се однесува на територијата на некогашната Самуилова држава.
Дека Псел бил доследен во употребата на терминот „Скити“ како ознака за непријателите на Василиј II што доаѓале од Самуиловата држава се потврдува од неговото дело Historia Syntomos, кое било составено како своевиден брифинг за идниот император: „Животот на Василиј се состоел во екипирање на војските, брзање кон источната граница, планирање на неговите напади на противниците, утврдување на упориштата, изградба на ѕидини кај градовите, уништување на непријателот и потоа повторно јуришање на Западот, уништувањето на Скитите…“.
Евидентно Псел сосема прецизно ја акцентирал терминолошката дистинкција за периодот на егзистирањето на Самуиловата држава, од административната што постоела во негово време, доследно означувајќи ги некогашните непријатели како „Скити“ или „варвари“. Тоа евидентно кореспондирало и со официјалната апелација на Василиј II, која произлегла од воените победи над непријателите од Самуиловата држава, кои биле означувани од современиците на Самуил како „Скити“.
Општо земено, анализата на византиските извори открива дека вистинската апелација на Василиј II била „Скитикус“ – победник над Скитите, која се користела во официјалната кореспонденција во времето на неговото владеење. Овој назив соодветствувал со именувањето на непријателите во Самуиловата држава, како и со епитафот на Василиј II, во согласност со кој тој сакал да биде запаметен како победник над Скитите. Иако ова требало да биде неговата вечна апелација, Василиј II сепак подоцна станал познат со конструираниот епитет „Бугароубиец“, кој му бил придодаден кон крајот на 12 век.

3. Македонија како колепка на Самуловата држава

Самуил не го црпел легитимитетот за својата царска титула, ниту претендирал да се поврзе со државните традиции од поранешното бугарско царство, кое не постоело од 971 г. Оттука, Самуил не чекал синот на бугарскиот цар Петар, кастрираниот Роман, да умре за да се прогласи за цар, како што сметал арапскиот историчар Јахја, кој пишувајќи од географска и хронолошка дистанца, погрешно ги протолкувал вистинските ликови и протагонисти во војната. Ваквиот заклучок се потврдува од наративот на Јован Скилица, кој целосно ја игнорирал секоја поврзаност на Самуил со судбината на Роман, забележувајќи дека тој станал единствен владетел откако го убил својот брат Арон.
Самуил како еден од комитопулите бил сметан од Василиј II и византиските современици за основач на новата држава и црква, која, според нивното поимање илегално се формирала во југозападна Македонија. Сведоштвата на Лав Ѓакон, Јован Геометар и Стефан Таронски недвосмислено упатуваат дека примарната агенда на Самуил иницијално ја опфаќала Македонија, која станала јадро на Самуиловата држава и црква. Индикативно, Лав Ѓакон и Јован Геометар, кои биле сведоци на подемот на Самуиловата држава, ја демонстрирале сериозната опасност за Ромеите, иако не го споменувале воопшто името на Самуил, ниту ја именувале државата. Лав потенцирал дека новите непријатели „ја вознемируваа римската територија и безмилосно ја ограбуваа земјата на Македонците“. Јован Геометар демонстрирал дека „македонската земја го покажа сјајот на новоиздигнатата ѕвезда“ – онаа на Комитопулот – чијашто „скитска“ војска го запалила западот и се движела низ неа како „да е нивна сопствена татковина“. На овој начин Лав и Геометар всушност посочиле дека ромејската сопственост на „македонската земја“ била загрозена со формирањето на Самуиловата држава. „Земјата на Македонците“ која според нивното поимање им припаѓала на Ромеите и била репрезентирана од императорите од македонската династија на тронот во Константинопол, била загрозена од новата ѕвезда во подем – Самуил Комитопулот, кој евидентно претендирал да ја преземе целата „македонска земја“. Дали тоа може да значи дека Самуиловите воени успеси биле сметани како закана за самиот императорски престол во Константинопол? Тоа секако би можело да биде една од причините за тенденциозното прикривање на царската титула на Самуил од византиските автори, што би ja објаснило и причината зашто Василиј II толку внимателно ги конструирал сигилиите за Самуиловата црква-Охридската архиепископија и се одлучил целосно да ја промени терминологијата при исцртувањето на новата карта на Балканот по 1018 г., а која ја опфатила и „македонската земја“ како дотогашно јадро на Самуиловата држава.
Тоа нѐ води кон заклучокот дека Самуиловата држава била формирана во период на постојан конфликт и сложени односи на моќ, иницијално со заедничките активности на комитопулите против Бугарското Царство, кои продолжиле преку самостојната борба на Самуил и неговите наследници против Василиј II. Јован Скилица го оценува чинот на формирање на државата како „отпадништво“ од Византија, што имплицира дека Самуиловата држава и црква егзистирале сосема независно и без благослов од Константинопол.
Самуил бил задоволен од својата независна позиција воспоставена во неговото државно јадро во Преспа и Охрид и со стекнатата доминација над огромната територија на Балканот, и едноставно ѝ пркосел на Византија, прогласувајќи се за цар. Ваквата констатација може да ја објасни и Самуиловата тенденција за „увезување“ на христијанските култови од освоените територии на крајниот југ (Св. Ахил од Лариса) и далечниот запад (Св. Трифун од Котор), наедно иницирајќи ја изградбата на црковниот комплекс Свети Леонтиј кај Водоча (близу Струмица) на истокот. Ништо не сугерира ниту се споменува дека Самуил кога било се стремел да ги увезе политичките или религиските елементи од главните градови на поранешното Бугарско Царство, кое во тоа време не постоело.

Огромната катедрала што ја изградил Самуил во Преспа и големата базилика, изградена или обновена во Охрид, укажуваат на тоа каде треба да се бара политичкото и црковно јадро на неговата држава. Тоа несомнено го сочинувало фундаментот на Самуиловата независна владејачка и идеолошка програма, врз чија основа тој ги градел државните и црковните традиции. Можеме да замислиме како огромните цркви во Преспа и во Охрид зрачеле со моќна политичка и идеолошка порака меѓу граѓаните и поданиците низ неговото царство, создавајќи непосредна врска со традициите на Св. Климент и Св. Наум. Сето тоа на крајот му обезбедило на Самуил доволно моќ да се прогласи за цар и притоа да демонстрира претензии кон „македонската земја“ и преземање на самиот императорски престол на македонската династија во Константинопол.
Погледнато од денешна перспектива, време е да се деконструираат наталожените политички и идеолошки интерпретации и терминолошки конструкти за Самуил, Самуиловата држава и црква. Особено што под превезот на политичкиот договор и билатералните протоколи со Бугарија, Самуил и неговата држава и црква се проектираат во модерната борба за средновековното наследство на Македонија, а преку историска комисија, која го легитимира политичкиот концепт за некаква замислена и измислена „заедничка историја“, се експлоатираат за идентитетско негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонската нација. Проектирањето на историското минато во 21 век за оспорување на современиот идентитет претставува реминисценција на политичкото, идеолошкото и терминолошкото ослепување на Самуиловата држава и црква од страна на византискиот естаблишмент во 11 и 12 век.

Проф. д-р Митко Б. Панов Редовен професор во Институтот за национална историја

(Крај)