И словата за Словото треперат: Илинден, сто дваесет години подоцна

Во христијанската религија, молитвите заземаат централно место: молитвата е најсветото нешто во нашето постоење, разговор на човечката душа со Бога. Тоа што е воздухот за телото, тоа е молитвата за човечкиот дух. Молитвите се искрени во мислата и изговорените зборови, тие праќаат непоколеблива вера и надеж дека ќе го добиеме тоа што го бараме, подразбираат спокојство и мир во срцето, чиста совест, трпение, постојаност и неуморност.
Во пресрет на Илинден, најголемиот национален и државен празник за Македонците – празникот што претставува симбол на непокорот на македонскиот народ, ве повикувам заедно да упатиме молитва за Македонија, за Македонците, а притоа да не заборавиме дека зборот „Македонија“ подразбира, прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ и, второ, македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет.
Темни облаци надвиснале над Македонија и само Илија Громовникот може да ги растера. Првиот Илинден: Илинденското востание од 1903 година, ги симболизира слободата, еднаквоста и братството (liberté, égalité, fraternité), додека, пак, Вториот Илинден означува, според зборовите на Панко Брашнаров, сведок и на Првиот и на Вториот Илинден, дека Вториот Илинден е „последниот Илинден на неслободна Македонија“, па, така, со него се градат „темелите на македонската држава“. Зборовите „последниот Илинден на неслободна Македонија“ одекнуваат, татнат со невидена жестина, особено зборот ПОСЛЕДНИОТ, но, за жал, сведоци сме дека, денес, триесетина години од прогласувањето на својата независност, Македонија е повторно поробена земја: протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд – изберете кој било од овие термини и нема да погрешите. А за тоа исклучиво се виновни македонските политичари, кои во минатите триесетина години, поддржувајќи лукративни, сервилни, недостоинствени форми на владеење, хм…, поточно, на дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна земја во поробена земја, во која целосно се суспендираат македонскиот уставен поредок и правен систем.

Оттука, во мојата молитва му се обраќам на Илија Громовникот – нам насушно ни треба Трет Илинден. „Во почетокот беше Словото / И Словото беше во Бога / И Бог беше Слово“. Мојата молитва почнува со зборовите: „И словата за Словото треперат“. Синтагмата „слово за Словото“ се однесува на говори или на слова за Словото, при што „самиот Господ Исус Христос е наречен Слово, преку Кое и Бог говорел“. Затоа, во книгата проповеди „Слова за Словото“, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе напише: „Па, слова ВО КОИ СÈ Е ЗА Словото и околу Словото, слова во кои Словото е и повод и причина за Словото, слова во кои сè започнува и се завршува со Словото, не можеше да бидат насловени поинаку од ова – ‘Слова за Словото’“.
Денес словата треперат. И словата за Словото треперат. Треперат од неуките тврдења на еминентни световни и духовни лица. Аргументите на некои професори имаат ваков призвук: „природните права се вродени и непроменливи, па, така, не можат да бидат предмет ниту на закони ниту на договори“, додека, пак, аргументите на некои духовни лица се сведуваат на тоа дека „идентитетот е и реална и ирационална категорија“. Во овој контекст ќе прочитате: „Таков е сечиј идентитет – ирационален… И затоа – недискутабилен; за идентитетот не може да се преговара или некој да се убедува. Идентитетот, и својот и на другиот, може само да се почитува“.
Исклучителниот интелектуалец, филолог, филозоф и одличен познавач на творештвото на Достоевски, преподобниот отец Јустин (д-р Јустин Поповиќ) вели: „Човековата мисла, единствено кога ќе се нурне во Семислата, се лекува себеси од сите болести и се спасува себеси од сите смрти, од кои првата е – очајот, втората – скептицизмот, третата – релативизмот, четвртата – позитивизмот, петтата – песимизмот… единствено во Богочовекот мислата човекова постепено се преобразува во Семисла и во Сесмисла“. Најпрво ќе проговорам за третата смрт: релативизмот. Идентитетот не е релативен поим: и реален и ирационален, па затоа, недопирлив, недискутабилен, категорија што е вродена и која не може да биде предмет на преговори. Идентитетот надвор од меѓународната заедница е бесмислена категорија: извор на пропаст, на истребување и на обезличување. Размислувањата на Хана Арент, во нејзината книга со наслов „Изворите на тоталитаризмот“, ќе ги искористам за да се осврнам, од друг агол, на договорите со Грција и со Бугарија. Притоа, би сакал да подвлечам дека, во книгата, Арент зборува за човекот и за неговото опстојување во еден политички контекст, во рамките на една држава. За разлика од Арент, јас ќе зборувам за народот и за неговото опстојување во рамките на друг политички контекст – меѓународната заедница. Анализата на Арент има два аспекта: прво, според неа, „Универзалната декларација за човековите права“ се заснова на апстрактна концепција за човечкото суштество, додека не постои гаранција за човековите права надвор од политичката заедница, и, второ, човековите права го губат сето свое значење штом поединецот ќе го изгуби својот политички контекст. Пристапот на Арент кон човекот може да се прошири и на народите, па, така, би рекол дека „правото да се има права“ е предуслов за заштита на правата на секој народ, додека правата што ги има еден народ го губат сето свое значење штом народот ќе го изгуби политичкиот контекст во меѓународната заедница. Оттука, бидејќи договорите со Грција и со Бугарија се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без македонски идентитет, без македонска историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект, кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик.

Договорите со Грција и со Бугарија имплицираат дека за македонскиот народ нема место во светот, место што други држави и народи досега го признале и го признаваат и со тоа местото на Македонците е загарантирано во светскиот поредок, туку дека македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи. Погрешно и наивно се веруваше дека за опстојувањето на Македонците е доволно тоа што „за идентитетот не може да се преговара или некој да се убедува“ и дека „идентитетот, и својот и на другиот, може само да се почитува“, тоа што во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, договорите не може да забранат и понатаму да продолжиме да зборуваме и да пишуваме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја и култура, за Македонците во Егеј и во Пирин. Меѓутоа, за потврдување на идентитетот на македонскиот народ, Македонците во целост зависат од другите држави, поточно од меѓународната заедница. Богохулието и неукоста, поврзани со релативизацијата на поимот идентитет, се направени, според моето длабоко убедување, намерно – со единствена цел да се разнебити, да се уништи и да се понижи македонскиот народ, неговиот идентитет и неговиот јазик.
За соочување со другите видови смрт: очајот, скептицизмот и песимизмот, во денешната молитва му се обраќам на Илија Громогласниот. Нам ни треба Трет Илинден, нам ни треба, во тоа сум длабоко уверен, расчистување со лажните државотворци и владетели, на кои Венко Андоновски, во неговиот „Манифест за нормална држава“, им се обраќа со зборовите: „Ах, што не е жив Гане, да ви каже кои сте, од А до Ш (па обвинете му ја поезијата за говор на омраза): арамии, абдали, акмаци, болигазовци, бесрамници, бесчесници, витосници, вопери, влекачи, гниди, гадурии, грабачи, давајгазовци, драпајколчишта, дибеци, ѓурултаџии, ѓонобрази, ѓозбојаџии, евнуси, евтинџии, есапчии, жонглери, жганови, живодери, замети-зачисти-забриши, испичутури, изроди, измелезени, јавашлии, јагмаџии, јаничари, килави, курташаци, ќесеџии, незадоени, наакани, неранимајковци, острастени, ороспикефлии, отчовечени, паликуќи, простаци, подлизурковци (прдежи со претензии за громови), растурикуќи, разумогубители, распојасани, сеирџии, сезнајковци, сенештари, токмаци, тепајкамајковци и тепајтатковци, ќарлии, ќелеши и ќелепури, ујдурмаџии, утки, учкур-костумлии, фејсбук-фанариоти, фалшиви, фалсификатори, хохштаплери, хајкачи, хулници, цензори, цепеници, цепидржави, чауши, чатпатлии, чедоубијци, шалабајзери, шарлатани, шутраци!“

Тие – лажните државотворци, неуки владетели и лукративни подлизурковци, ги има многу, ама нас нè има повеќе. Па, затоа порачувам: не очајувајте, заменете ги скептицизмот и песимизмот со радост, достоинственост и спокој. Моите очекувања од Третиот Илинден не произлегуваат од моменталната ситуација во која се наоѓа земјава, главно креирана од политичките околности, за коишто многупати досега сум пишувал и сум истакнувал дека се полоши од кога било, а најголем дел од денешниве политичари се слуги на дневнопартиските и геостратегиските интереси. Тие очекувања произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност, дека македонската држава, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура ќе опстојат на овие простори и во вековите што доаѓаат затоа што тие се длабоко врежани во историјата, колку тоа некому да му пречи, но и во срцата на секоj од нас.
На сите Македонци и на сите граѓани што искрено ја сакаат својата татковина Република Македонија им го честитам Илинден и ги повикувам на промени и на дејствување. Само во освестените и храбри македонски граѓани лежи решението за просперитетна иднина на оваа наша држава, па затоа не заборавајте дека само аргументираните и јасни научни факти недвосмислено нè водат до непобитната вистина за која треба којзнае по кој пат повторно да се избориме почнувајќи го и поддржувајќи го и Третиот Илинден. „Вистината е непроменлива, злобата може да ја напаѓа, незнаењето може да ја исмева, но на крајот таа, сепак, е тука.“ Да живее Македонија и нека ни е честит и вечен Илинден, симболот на непокорот на македонскиот народ! Словата за Словото треперат – да направиме тие треперења што поскоро да стивнат, да исчезнат…, зашто „единствено во Богочовекот мислата човекова постепено се преобразува во Семисла и во Сесмисла“.