Крушево

Општина Крушево го усвои Локалниот акциски план за управување со отпад, со кој општината презема дополнителни чекори за издигнување на свеста кај граѓаните за рециклирање.
– Крушево е чиста дестинација, со заложба постојано да ја унапредува заштитата на животната средина. Иднината на градот зависи токму од тоа колку ќе ги заштитиме околните шуми, колку ефективно ќе управуваме со отпадот и како ќе го одржуваме воздухот чист… Во изминатите години направивме сериозни инвестиции за подобрување на чистотата, подобрување на управувањето со отпад и неутрализирање на штетните ефекти од депонијата: набавка на опрема, преземање активности поврзани со градската депонија, надградба на капацитетите на комуналното претпријатие „Комуна“ – Крушево, кое управува со отпадот и зголемена контрола преку комунален инспектор. Постигнавме голем напредок и денес Крушево e почисто место, со ефикасен систем за собирање, транспорт и фрлање на отпадот и зголемена свест кај граѓаните и посетителите. По напорната работа во оваа област, време е да исчекориме дополнително и нашата работа да ја подигнеме на ниво погоре. Време е за посериозно креиран план, време е да започнеме да постапуваме и кај граѓаните да ја издигнеме свеста за рециклирање, а преку опфаќање на дивите депонии да овозможиме ефикасно и безбедно складирање на отпадот. Исто така, време е да го намалиме производството на отпад, а граѓаните да бидат свесни за селекција на отпадот. По имплементацијата на овој план, Крушево го гледам како дестинација за пример, место од каде што ќе се влечат поуки, планинско место без диви депонии со високоразвиена свест за рециклирање – вели градоначалникот Томе Христоски.
Со Локалниот акциски план, подготвен од работна група од општинската администрација и јавното комунално претпријатие, со поддршка од „Салар интернешнл“ и Шведската агенција за меѓународен развој, општината ќе се фокусира на дивите депонии и ќе обезбеди ефикасно и безбедно складирање на отпадот.
Дневната продукција на комунален цврст отпад по жител изнесува 1,310 кг. Во сферата на управувањето со комуналниот отпад во рамките на општината е вработен комунален инспектор, чија ингеренција е да го елиминира исфрлањето на отпадот на места што не се предвидени за таа цел. Во собирањето на комуналниот отпад се опфатени 1.350 домаќинства, а просечно се генерираат 0,9 кг отпад по жител дневно. Количеството генериран отпад по жител се движи во рамките на просечното генерирање отпад по жител дневно на ниво на Република Македонија. К.М.