Јован Деспотовски ги повика уште еднаш сите кандидати за претседател на СДСМ да му се придружат на јавна дебата, на која ќе ги презентираат своите идеи и конкретни реформи. Овој повик, вели Деспотовски, доаѓа како одговор на многуте барања од луѓето од цела Македонија со кои се среќавам и зголемениот интерес од медиумите.
– Нема од што да бегаме, а само преку отворен и транспарентен пристап можеме на луѓето да им дадеме можност да избираат идеи и концепти, а не однапред сервирани решенија. Охрабрувачки е да се види дека моите колеги активно ги промовираат клучните точки од мојата реформска програма, особено реформата, со која се воведува директен избор на клучните луѓе на партиски позиции преку непосредни избори што го промовирав уште пред три години. Силата е во членството. Нема сервирање готови кадри, туку членството ќе избира кој ќе ги претставува. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето, а не кон лидерот – вели Деспотовски.
Тој смета дека на јавната дебата можата да се промовираат плановите и идеите на кандидатите.
– Гледам дека сега консензуално ги прифаќаат, па сметам дека на една јавна дебата треба отворено да видиме кој каков план има да спроведе, како и да ги споделат и своите идеи за кои ќе се залагаат. Јавното соочување е нешто за што секогаш сме се залагале и за кое секогаш сме имале храброст да го бараме од нашите политички противници. Со јавната дебата ќе покажеме дека сме отворени и посветени на фер процес, во кој информацијата, можноста, идејата ќе дојде до што е можно поширок круг наши членови, а не само на тесен избор на партиски структури. Процесот на избор на претседател на СДСМ е сè, освен прашање/право на затворен круг луѓе. Подготвен сум да се приспособам на потребите на другите кандидати во однос за форматот, времето и местото што ќе го изберат – додава кандидатот за претседател на СДСМ, Деспотовски.