Анкетите покажуваат дека популистичките и националистичките партии можат да освојат најмногу гласови во девет земји членки на ЕУ на европските избори во јуни. Орбан и неговите идеолошки истомисленици, кои сонуваат за Европа на суверени држави, најавуваат „окупација“ на бриселската тврдина на изборите за Европскиот парламент во јуни. Но дали поради разликите ќе можат да ги пробијат ѕидовите на конзервативците, социјалистите и на либералите?

Истражување на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) за перцепцијата на гласачите во ЕУ

Два и пол месеца пред да излезат на гласање, анкетите покажуваат дека популистичките, националистичките и екстремно десничарските партии се на добар пат да освојат најмногу гласови во девет земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Австрија, Франција, Италија, Холандија, и во уште девет земји би можеле да завршат на второто или третото место.
Според истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), разнобојното општество на популисти и националисти е длабоко поделено за речиси сите клучни прашања, што може да ја доведе во прашање можноста за заедничко дефинирање на агендата на блокот на десничарските партии во новиот состав на Европскиот парламент. Поддржувачите на овие партии не се единствени кога станува збор за клучните прашања, како што се останувањето на земјата во ЕУ, илегалната миграција и поддршката за Украина.
Поради неединството на десничарските проевропски политички мејнстрим-групи на партиите од левиот центар и десниот центар, тие би можеле да завршат во многу подобра позиција по изборите и на крајот да воспостават функционално мнозинство.
Но експертите од ЕЦФР предупредуваат дека проевропските партии на овие избори ризикуваат да се обидат да привлечат евроскептични гласачи со усвојување на идеите на популистичките и националистичките партии.
– Едноставното копирање на екстремно десничарската политика може да направи мејнстрим-партиите да изгледаат неавтентични. Подобра алтернатива е да се фокусираме на слабостите на евроскептичните партии и да водиме геополитички аргумент на примерот на Европа во времето кога Трамп беше претседател на САД – објаснува коавторот на извештајот, Марк Леонард.

Речиси половина од Европејците (45 проценти) веруваат дека проевропските лидери се склони да донесуваат одлуки што ги поттикнуваат имиграциските текови, да ги зголемат цените на енергијата во борбата за спас на планетата (43 проценти) и да префрлат повеќе национални овластувања во Брисел (33 проценти).
Истражувањето на ЕЦФР на повеќе од 17.000 граѓани од 12-те земји членки на ЕУ, кои сочинуваат повеќе од 70 отсто од местата во Европскиот парламент, покажа дека перцепциите на гласачите за тоа што навистина сакаат да постигнат десничарските партии се разликуваат во голема мера.
Само во четири членки на ЕУ – Австрија (58 отсто), Германија (55), Холандија (63) и Шведска (59) – гласачкото тело во целина верува дека целта на лидерите на водечките десничарски партии е нивните земји да ја напуштат ЕУ. Од друга страна, само 17 отсто од италијанските гласачи и 15 отсто од поддржувачите на Браќата од Италија сметаат дека целта на Џорџа Мелони е да го извлече Рим од ЕУ. Слични резултати се забележани во Шпанија и во Португалија.
Сепак, додека само 21 отсто од гласачите на партијата Право и правда (ПиС) сметаат дека „полегзит“ е целта на оваа неодамна владејачка партија, дури 52 отсто од гласачкото тело стравува дека Јарослав Качински сака да ја извади Варшава од Европската Унија. Таквата поделба им дава шанса на европските сили да ги мобилизираат клучните гласачи против заканата што ПиС може да ја претставува за членството на Полска во ЕУ.
Истражувањата покажуваат дека десничарските гласачи имаат различни ставови за други прашања, кои ќе бидат во центарот на изборната кампања. Така, 58 отсто од полските гласачи на ПиС, како и 52 отсто од шведските демократи се за поддршка на ЕУ за Украина во војната против Русија. Поддржувачите на португалскиот Шега (42 отсто) и шпанскиот Вокс (35 отсто) даваат умерена поддршка на напорите на Брисел за воено зајакнување на Киев. Но затоа 88 отсто од унгарските гласачи Фидес се против поддршката на Брисел за Киев.

Слична е ситуацијата и во Австрија и во Германија: 70 отсто од приврзаниците на Партијата на слободата и 69 отсто од АфД сметаат дека Брисел, наместо да ја охрабрува Украина да ги врати окупираните територии, треба да го натера Киев да склучи мировен договор со Русија.
Аналитичарите на Европскиот совет за надворешни односи сметаат дека проблемот со илегалната имиграција веќе не е толку важно прашање врз основа на кое може да се добијат гласови, бидејќи гласачите имаат цврсти убедувања за овој проблем, кои не се засноваат на предложеното. Она што им е важно е кој од партиските лидери зборува за тоа.
Гласачите на холандската Партија на слободата (81 отсто), австриската Партија на слободата (72), Шведските демократи (60), АфД и Француското национално собрание (59 отсто) се загрижени поради неконтролираното влегување на илегални имигранти. Од друга страна, поддржувачите на Браќата од Италија (54 отсто), шпанската Вокс (53), португалската Сега (56) и Фидес (54 отсто) укажуваат на растечкиот проблем со иселувањето на населението во други земји.

Подготви: Даниела Трајковска Здравеска