Фото: Игор Бансколиев

Соочени со дефицит од квалитетни работници, одредени компании од земјите во регионов премолчно почнаа своевидна „трка за привлекување на домашните работници, со нудење повисоки плати во однос на просечно валоризираната цена на трудот“. Принудени од актуелните објективни околности, тие (во договор со социјалните партнери) значително ги подигнаа платите за стручните занимања, во надеж дека ќе привлечат нови вработувања, а и ќе ги задржат вработените квалитетни кадри

Интересни трендови на пазарот на трудот во регионот на ЈИЕ

Соочени со дефицит од квалитетни работници, одредени компании од земјите во регионов премолчно почнаа своевидна „трка за привлекување на домашните работници, со нудење повисоки плати во однос на просечно валоризираната цена на трудот“. Принудени од актуелните објективни околности, тие (во договор со социјалните партнери) значително ги подигнаа платите за стручните занимања, во надеж дека ќе привлечат нови вработувања, а и ќе ги задржат вработените квалитетни кадри.

Освен поголема плата, се нудат и други поволности

Во Хрватска, познат бренд во областа на хотелиерството пред почетокот на туристичката сезона, во договор со социјалните партнери, ги подигнува платите за стручни занимања во хотелиерството и угостителството. Покрај повисоката плата, со која ќе се приближат на висината на примањата со другите европски дестинации, се нудат и подобри услови за сместување на персоналот. Минималните плати за работни места во хотелскиот сектор ќе достигнат од 750 до 1.100 евра, а на ова следуваат и други поволности, со денови на одмор и рекреација. Овој тренд се очекува да го следат и други домашни и странски компании во Хрватска, кои се соочени со недостиг од работници поради масовниот егзодус на работоспособното население.
Наспроти ова, во Македонија не може да се констатира дека се „преслика“ ваквиот тренд. Имено, за споменување е дека од пред десет години, со помош на државни субвенции, се покриваше дел од платата на вработените во ТИРЗ, со што странските компании имаа олеснување во работењето, но и во подобрувањето на конкурентноста. Но ова не беше доволен мотив за странските инвеститори да понудат и повисоки плати над просекот во земјата.
– Во Македонија нема такви примери, како споменатиот со хрватскиот хотелиер, иако во регионот има повеќе. Ние, како синдикална организација, се соочуваме со различни состојби за остварувањата на работничките права во однос на висината на просечната плата на вработените во странските компании и другите права од работен однос. Во двете фирми каде што дејствуваме задоволни сме од платите, кои се во рамките на секторите во кои работиме. Но, за жал, во другите странски компании платите на домашните работници се под просекот, а не се остваруваат и другите права. Ние како синдикална организација, со донесувањето на Законот за минимална плата, веднаш ќе ги информираме сите компании да се придржуваат на почитување на исплатата на минималната плата, како и да се направат сите усогласувања за приходите на другите категории работници – ни изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Поголема продуктивност, па, следствено, поголеми плати

Пред две години, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, изјави дека „не е задоволен што напредни компании им даваат ниски плати на вработените во индустриските зони“. Тој најави дека нема да се даваат субвенции, за да се поттикнат компаниите во зоните да ги зголемат платите, туку преку други програми ќе се направи обид да се зголемат приходите на вработените! Во декември 2021, од Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони излегоа со анализа на ефектите од странските вложувања во технолошко-индустриските развојни зони во изминатите десет години. Во однос на делот за платите се регистрира и континуиран раст на бројот на вработени и на платата, особено по 2017 година. Во периодот 2010-2016 година, просечната плата во ТИРЗ изнесува 21.700 денари, додека во периодот 2017-2020 година нето-платите во просек достигнуваат 28.686 денари. Анализата покажува и континуиран пораст на продуктивноста на трудот, со просечна годишна стапка од 55 отсто. Во периодот до 2016 година, динамиката на пораст на продуктивноста е значително над растот на платите, додека во периодот по 2017 година трендовите се менуваат со подинамичен раст на платите.
Здравко Савески, доктор на политички науки и долгогодишен активист, не се согласува со ставот дека странските инвестиции влијаеле на порастот на просечната плата во државата.
– Дефинитивно, не се случи тоа. Висината за исплатените плати за вработените во слободните зони е еден од показателите за слабоста на идеологијата што се пропагираше кај нас, а која обилно се финансираше од државни средства, а тоа е дека странските инвестиции ќе ги поттикнат растот на платите и развојот на државата. Во еден период во странските компании имаше благ раст на платите, но тоа се темели на сѐ поголемиот одлив на работна сила од земјата и на недостигот од квалификувани работници. Растот на платите не беше поради некои деловни стратегии и политики на странските инвеститори. Сепак, и ваквиот пораст на платите е далеку од очекувањата што граѓаните ги имаа за повисоки плати во странските компании. Попоразително е што платите не се зголемија и покрај обилните износи исплатени по основа на субвенции за компаниите во развојните зони. Минималните покачувања на платите за овие работници се неспоредливи во однос на повисоките животни трошоци во земјата или со висината на просечно исплатената плата. За жал, таква е нашата реалност со странските инвестиции, но така е во целиот свет и се поставува прашањето за заднината од ваквата економска политика – ни изјави Зоран Савески.

Сите компании што се активни во зоните оствариле континуиран раст во изминатава декада и постојано растат. Раст има и на бројот на работните места, платите и уплатите во буџетот на државата. Анализите покажуваат дека вкупните приходи на компаниите во ТИРЗ во изминатата декада достигнуваат 875 милијарди денари и бележат просечен годишен пораст од 16 отсто. Буџетот на државата во досегашниот период остварил близу 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ. Најголем годишен пораст на приходите во буџетот е регистриран во 2017 година, и тоа за 327 отсто во однос на претходната. Во 2020-та, компаниите во ТИРЗ уплатиле над 2,4 милијарди денари во државната каса на име на придонеси од задолжително социјално осигурување, трошоци за даноци на плати и надоместоци на плата и данок на добивка.