Недоразбирањата во Советот на Општина Битола резултираа со повлекување на европските пари

По неуспехот на европскиот проект, во локалната самоуправа стравуваат дека Битола подолго време ќе биде ставена настрана кога станува збор за користењето на европските пари за реализација на меѓугранични проекти…

Битола изгуби милиони евра европски пари

По речиси една година меѓупартиски расправии, дебати, обвинувања и натегања за усвојување на измената на одлуката за кофинансирање на европскиот проект „Смарт фор ју ту“ и, со тоа, да се даде шанса за искористување на одобрените европски средства за изградба на велосипедски патеки, дефинитивно паднаа во вода сите надежи Битола барем во блиска иднина да добие велосипедски патеки и да се изврши реконструкција на објектот „Парк“. Таков е епилогот по одлуката на мнозинството на советот на Општина Битола, кое во моментот го сочинуваат советниците на коалицијата на СДСМ, независната советничка листа „Поинаку“ и Левица, да не ги стават на дневен ред точките предложени од страна на градоначалникот Тони Коњановски и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Ниту настојувањата на евроамбасадорот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, не дадоа плод

Ниту настојувањата на градоначалникот Тони Коњановски и на евроамбасадорот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, да ги убедат советниците да се стават точките на дневен ред, не дадоа плод. Советниците на новото мнозинство останаа доследни на своите ставови за овие два проекта не само да не се расправа на седница на советот туку тие да не бидат ни ставени на дневен ред на седницата на советот.
По ваквиот расплет на работите, од страна на делегацијата на ЕУ стигна писмо со кое се суспендира проектот за изградба на велосипедски патеки со европски пари. На тој начин Битола изгуби над 400.000 евра европски пари за изградба на велосипедски патеки.
– Новото мнозинство на СДСМ и „Поинаку“ имаше можност да стои зад реализацијата на два големи проекта за Битола – кофинансирање на проектот „Смарт фор ју ту“ и искористување на одобрените европски средства за изградба на велосипедските патеки, како и на проектот за реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“. По нивната одлука да не ги стават точките на дневен ред на седницата на советот, нивна е „заслугата“ за суспендирањето на европскиот проект, чија вредност е 400.000 евра. Во согласност со писмото од делегацијата на Европската Унија, со недонесувањето одлука на советот и нереализацијата на најголемите трошоци во проектот, наменети за изградба на велосипедски патеки, прекуграничниот углед на проектот е сериозно нарушен -изјави по седницата на советот градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Притоа тој додаде дека Општина Битола ќе испрати писмо до делегацијата на ЕУ, во кое ќе наведе дека се спречени да продолжат со реализација на проектот и, како водечки партнер, ќе информираат дека со ваквата ситуација нема можност за реализација на проектните цели, првично планирани на ниво на партнерство, кај сите вклучени страни, основа врз која и бил одобрен проектот.

Делегацијата на ЕУ испрати писмо на известување со кое се суспендира проектот за изградба на велосипедски патеки со европски пари

Во писмото што европската делегација го испратила до градоначалникот Коњановски на 6 февруари се наведува дека „временскиот рок за плаќање е суспендиран од општите услови на договорот, за да се добијат дополнителни информации поврзани со реализацијата на проектот“.
Понатаму се додава: „Во привремениот извештај кај повеќе активности е забележано значително задоцнување. Најсериозните доцнења се внесени во активноста ‘Изградба на систем за велосипедски патеки’. Според последните информации добиени од проектниот менаџер, а поради континуираното отсуство на одлука на советот на општината за кофинансирање на истото тоа, изгледа многу веројатно дека оваа активност нема да се реализира воопшто“.
Делегацијата бара јасни информации за статусот и времето на спроведување на секоја од проектните активности. Таа бара одговори кои активности се започнати и се во тек (со предвиден датум на завршување), а кои сè уште не се започнати со предвиден датум на започнување и завршување, а сето тоа најдоцна до 20 февруари.
Откако мнозинството одби да расправа за проектот, градоначалникот Тони Коњановски ги обвини СДСМ и „Поинаку“ дека се против изградба на велопатеки во Битола.
Суспендирањето на прекуграничниот европски проект „Смарт фор ју ту“, покрај тоа што ќе ја чини Битола 400.000 евра изгубени европски пари, негативно ќе се одрази и врз реализацијата на проектите во Корча и во Пустец, Албанија, како и во НУ Заводот и музеј и Младинскиот културен центар од Битола, кои беа дел од овој прекуграничен проект.
– На овој начин не само што изгубија Битола, невладиниот сектор и националната установа од нашиот град, за жал, новото мнозинство во советот ги стави во целосна неизвесност и нашите партнери и соработници од Пустец и од Корча. Дали новото мнозинство размислува каква слика остава на меѓународно ниво? Која ќе биде идната сериозност на Општина Битола за реализација на нови проекти – истакна Коњановски.

Партиски надмудрувања, штетата за граѓаните на Битола

На ваквите изјави на градоначалникот Тони Коњановски од СДСМ возвратија дека „исклучив виновник за неуспехот на овој проект е градоначалникот Коњановски, кој заедно со неговата десна рака, секретарот Борче Димитровски, 10 месеци се лажат себеси, ги лажат европските партнери, ги лажат партнерите на Општина Битола во проектот ’Смарт фор ју ту’, ги лажат битолчани! Коњановски може веднаш да ги почне велосипедските патеки! Годинава има 5.000.000 денари за таа намена во буџетот на Општина Битола! Коњановски може уште утре да започне да го реновира поранешниот објект ’Парк’. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска обезбеди пари. Вистината е дека Коњановски нема ништо да направи! Како што не направи училиште, стационар, Копанки, спортски комплекс… Вистината за ’Парк’ и за велопатеките е долга и широка и ќе излезе на виделина! На виделина ќе излезе дека Коњановски и Димитровски се творци на скандал од меѓународни размери, во кој се вплеткаа не само себеси туку и сите околу нив, кои со месеци ги убедуваа дека може да работат спротивно на законот, како што ќе си замислат тие, а во меѓувреме дебело да наплаќаат од ЕУ!
Сега дојде моментот да се затвори и оваа чешма, оти никој не е будала да дава пари за џабе, без разлика колку е пријател со едниот или другиот, по партиска или некаква друга линија! Дојде време за одговорност. А, Коњановски и Димитровски бараат од советниците во советот на Општина Битола да им го покријат кривичното дело што го направија, делото со кое наплатија илјадници евра од Европската Унија за ништо, делото по кое оставка е единственото нешто што од нив се очекува!“, велат од СДСМ.
Со неставањето на дневен ред на точката најверојатно ќе пропадне и реализацијата на проектот „Парк“, за кој неодамна Министерството за култура издвои 150.000 евра.
Така, Битола за двата проекта ќе загуби најмалку 550.000 евра европски и државни пари.

Долга историја на недоразбирања и несогласувања доведе до застој на општинската функционалност за реализација на повеќе проекти

Недоразбирањата помеѓу градоначалникот на Битола, Коњановски, и советот почнаа по разидувањето со претседателката на советот Габриела Илиевска, која му откажа лојалност, затоа што тој со своите служби наводно на своја рака, без одлука на советот, донел одлука поради зголемените цени и трошоци, средствата од проектот „Смарт фор ју ту“ од ЕУ, наместо за реконструкција на објектот „Парк“, да се искористат за изградба на велосипедски патеки.
За пренамената на парите Општина Битола добила зелено светло и од ЕУ и бил потпишан анекс-договор меѓу локалната самоуправа и делегацијата на ЕУ.
Но во моментот кога градоначалникот Коњановски се обиде анекс-договорот да го стави на дневен ред на советот, советниците од новото мнозинство одбија да го направат тоа и на градоначалникот Коњановски му поднесоа кривична пријава до ОЈО Битола, против кого во моментот се води предистражна постапка. За да се решат недоразбирањата, евроамбасадорот Дејвид Гир се обиде да посредува, па во два-три наврати дојде во Битола и се обиде на дипломатски начин да ги разубеди советниците да ги надминат политичките суети и да го решат спорот.
Делегацијата на ЕУ испрати писмо до претседателката на советот Габриела Илиевска и дел од советниците, во кое пишуваше дека од нивна страна биле одобрени одредените промени во првобитниот план, „бидејќи одговара на слични иницијативи низ Европската Унија, каде што туристите можат да изнајмуваат (со наплата или бесплатно) велосипед и да посетуваат локални знаменитости.
„Се надеваме дека предвидените финансиски средства ќе бидат употребени на начин на кој граѓаните на Битола ќе имаат бенефиција од алокацијата и се надевам на негово завршување“, беше наведено во писмото на евроамбасадорот Дејвид Гир што беше испратено до претседателката Илиевска и до советниците од општинскиот совет.
Инаку, ова не е првпат Битола да губи европски пари поради непромислени потези и политички суети.
Во 2007 година националниот парк Пелистер изгуби над 1,8 милион швајцарски франци поради непромислени потези на тогашното раководство на паркот.
Имено, во 2006 година националниот парк Пелистер имаше потпишано договор со швајцарската амбасада за нивно вложување од над 1,8 милион швајцарски франци во националниот парк Пелистер. Со тие средства беше предвидено да се изработат голем број проекти за развој на туризмот на Пелистер.
Во потпелистерското село Маловишта требаше да се изгради туристичка населба со бунгалови, за развој на рурален туризам, во сите потпелистерски села да се финансираат и поддржат семејните бизниси, за рурален туризам како во Брајчино, Информативниот центар да се опреми со нови содржини, во него да се изградат четири апартмани за сместување, да се набават возила за сафари-тури на Пелистер до езерата, да се изградат колекторскиот систем и пречистителната станица, да се постават објекти по патеките со угостителски и едукативни содржини, како и други проекти.
Во договорот што беше потпишан беше наведено без согласност на Швајцарците, да не се преземаат никакви потези во националниот парк Пелистер. Но новиот управен одбор, кој беше формиран веднаш по изборите во 2006 година, без воопшто да ги информираат и да се консултира со Швајцарците, откако не го убеди да поднесе оставка, речиси насила го смени тогашниот директор на националниот парк Славко Дамески.
По донесувањето на таквата одлука, Швајцарците веднаш го стопираа проектот и се повлекоа од него, со што националниот парк изгуби 1,8 милион франци.
Попусто новиот УО тогаш ја убедуваше битолската јавност дека Пелистер ќе го развива и без помошта на Швајцарците. Нешто подоцна не само што на Пелистер ништо не се градеше туку започна невидено уништување на националниот парк и масовно сечење дрвја.