Недвосмислен беше изборот на 2 август за ден на востановување спортски фестивал, кој низ своите изданија се трансформира и во компетитивен. Но не во сурова компетитивност, туку во компетитивност на етика и ферплеј. Дополнително, кон овој датум се надоврза улогата на градот Струга и струшката околија во двата Илиндена и придонесот кон создавањето на македонската држава, вели проф. д-р Лиза Пантековска, членка на организацискиот одбор на „Илинден 2024“

Струшки спортски фестивал „Илинден 2024“

Во рамките на празнувањето на нашиот најголем национален празник, на 2 август во Струга се одржува традиционалниот спортски фестивал „Илинден 2024“. За содржините и формата на овој уникатен спортски фестивал, разговаравме со проф. д-р Лиза Пантековска, членка на организацискиот одбор на манифестацијата.
– Чествувањето на македонската државност се искажува и преку спортот, во рамките на неговата повеќедимензионална улога, преку која се промовираат позитивни вредности и ферплеј, низ спортски дисциплини што го претставуваат идентитетот на Струга. Токму затоа е избрано традиционалниот спортски фестивал „Илинден 2024“ да се одржува во овој град на 2 август – посочи проф. д-р Лиза Пантековска, членка на организацискиот одбор, доловувајќи ја суштината на манифестацијата.
Во рамките на „Илинден 2024“ силите ќе ги одмерат 200 натпреварувачи во повеќе спортски дисциплини, откако утре во 11 часот ќе се отворат вратите на фестивалот.

Развивање социолошко -психолошки карактеристики на одговорност, соработка, конзистентност, вештина на комуникација и разбирање…

– Повеќедимензионалната улога на спортот на ниво на поединец и на ниво на нација се дефинира како алка на општествениот развој, кој не смее да се потценува. Притоа не говорам за најголемата препознатливост на спортот низ врвниот спортски резултат, туку за онаа негова карактеристика што развива мноштво социолошко-психолошки карактеристики на одговорност, соработка, конзистентност, вештина на комуникација и разбирање и брзо решавање задачи во време и простор. Чествувањето на македонската државност низ призмата на еден спортско-рекреативен клуб значи чествување и афирмација на овие вредности кај најголемата субдимензионалност на спортот – рекреативецот. Оттаму, недвосмислен беше изборот на 2 август за ден на востановување спортски фестивал, кој низ своите изданија се трансформира и во компетитивен. Но не сурова компетитивност, туку компетитивност на етика и ферплеј. Дополнително, кон овој датум се надоврза улогата на градот Струга и струшката околија во двата Илиндена и придонесот кон создавањето на македонската држава – објаснува Пантековска.

Во идентитетот на Струга е идентитетот на Македонија и на Македонците

Сите натпреварувања се одвиваат атипично за стандардите на една спортска регулатива, а дисциплините го претставуваат идентитетот на Струга.
– Спортските дисциплини што се надоврзуваат на самиот фестивал се такви што низ спортско-историски континуитет го претставуваат идентитетот на Струга. Водните спортови дале голем број национални рекордери, репрезентативци, па и олимпиец. Се јави обврска тие да добијат поголема видливост, во време кога всушност институционалната поддршка им е можеби најмала, а сепак во форма адаптирана кон пошироката јавност. Сите натпреварувања се одвиваат атипично за стандардите на една спортска регулатива, во смисла на вистински востановени дисциплини. Тоа се делници што се адаптираат на условите каде што се одвива фестивалот – реката Црн Дрим. Пливањето значи да се преплива реката во ширина, ватерполо-турнирот е на игралиште со нестандардна димензија и времетраење, за регатата се користат кајаци со широко дно, а супот дојде како рефлексија на фестивалот кон побарувањата на корисниците и актуелноста на активноста. Причината за такла е повеќе од јасна. Приближувањето на фестивалот кон сите, доведе со неговото трето издание да прерасне во фестивал на сите. Тоа значеше дека свој придонес во рамките на својот делокруг на дејствување најавија струшки уметници и креативци, па се родија комплементарни активности покрај спортските – како базар на рачни ракотворби, детски ликовен конкурс со фестивалска тема, како и настап на струшки диџеи и музички групи – вели Пантековска.

Проф. д-р Лиза Пантековска / Фото: Горан Анастасовски

Струга не е само спортски туку град со неискористен потенцијал за туристичка
активност во доменот на спортскиот туризам како една од најбрзорастечките форми на туризам

Ангажманот на Пантековска во рамките на фестивалот се должи на желбата да му се оддолжи на нејзиниот град, за кој таа смета дека поседува неискористен потенцијал за спортски туризам.
– Мојата соработката со спортско-рекреативниот клуб Соларис, кој се јавува како непосреден организатор на фестивалот, трае подолго од самиот фестивал. Меѓу другото има и длабока лична емотивна вредност. Од друга страна, чувствував силен порив на мојот град да му вратам нешто повеќе од само академска активност. Особено што Струга е не само спортски туку град со неискористен потенцијал за туристичка активност во доменот на спортскиот туризам како една од најбрзорастечките форми на туризам, а мој непосреден предмет на интерес. Вкрстувајќи ги идеите конечно со професионалец, храбро влеговме во оваа приказна и кога ретко кој покажуваше интерес за неа – посочи Пантековска.
Фестивалот веќе е традиционален и бележи раст, претставувајќи ги културниот идентитет на Струга и квалитетите на тамошниот туризам, со што се унапредува и имиџот на градот.
– Фестивалот го трасира патот на традиционален со структурен и програмски раст, што ќе значи надминување на неговата сегашна еднодневна рамка на одржување. Овој фестивал треба да ги продуцира функциите на спортското случување во целост низ варијабли што значат зголемена партиципација во физичка активност, создавање нова спортска администрација подготвена за нови организациско-управувачки активности, проектирање спортски развој на Струга, промена на перцепцијата за спортот и спортското натпреварување, презентација на културен идентитет, унапредување на различноста и квалитетот на туристичката понуда заклучно со унапредување на имиџот на градот – заклучува Пантековска.
Спортско-рекреативниот клуб Соларис, кој се јавува како непосреден организатор на настанот, го востанови фестивалот пред три години, точно на Илинден, како форма на чествување на празникот. Во рамките на годинешното издание ќе се одржат ватерполо-турнир во соработка со Ватерполо-федерацијата на Македонија, пливачки трки, кајак-регата, трки со суп-штици и за крај, на радост на сите македонски граѓани, а и гости, предвидено е натпреварувањето во т.н. такла, односно скокови од мост во реката Дрим. Д.Ст.