Грчкиот слоган „Македонија била, е и ќе биде грчка“ сега се присвојува од Бугарите со менување на придавката „грчка“ во „бугарска“, па за овaa нивна постапка може да се примени бугарската изрека на којашто нѐ потсети Б. Борисов – дека на Бугаринот отпосле му текнува. Ама затоа не им текнува дека Гоце Делчев е роден во егејскиот дел на Македонија, та ако толку сакаат да го слават „Бугаринот“ Гоце, треба да одат во Кукуш или Килкис, кај што е роден Гоце, па таму нека се чаталат ако имаат храброст, да не кажам нешто друго – како во народната изрека. И ако смеат, таму нека кажат на чија земја, т.е. во каква Македонија (бугарска?) е роден Гоце, па нека видат како ќе си поминат. Или можеби Бугарија и Грција ќе ни покажат како се чествуваат историски личности на европски начин! Та, нели и двете се членки на ЕУ! Можеби тоа и ќе го видиме, но на некоја друга галаксија или во некое многу, многу далечно време
По првичното, навидум пријателско однесување на Бугарија кон Македoнија со признавање на нашата самостојност и по мудрото молчење и привидното стоење настрана во негирањето на нашето име и речиси 30-годишното вето од страна на јужниот сосед, Бугарија отворено го покажа своето вистинско и лицемерно лице, коешто за оние што мислат со своја глава одамна беше повеќе од (пред)видливо.
Сегашново однесување на Бугарија беше најавено на крајот од наметнатите преговори со јужниот сосед за името на нашата држава, кога Бугарија се противеше на додавката „северна“ со образложение дека таквото име го опфаќа и пиринскиот дел на Македонија, та, според тоа, имало територијални претензии исто како што за јужниот сосед имало името Македонија!?!
Тоа противење беше краткотрајно зашто Бугарија очигледно беше замолчена од Големиот брат, за веднаш да се огласи со изветвените изјави дека македонскиот јазик бил бугарски дијалект, дека Македонците требало да се освестат и да станат „добри Б’лгари“.
Ова негирање беше, и е, во непосреден сооднос со барањето за менување на името на нашата држава и јасно покажува дека станува збор за усогласен грчко-бугарски сон за укинување на Македонија со нејзино делење: ние, неосвестениве Бугари да се приклучиме на Бугарија, а најзападниот дел на Албанија. Арно ама во својата преголема желба да докаже дека Македонците се Бугари, користејќи го своето членство во ЕУ, Бугарија го уцени и нашиот западен сосед за да признае божемно бугарско малцинство во Албанија и не е јасно како тогаш ќе се откаже од најзападниот дел на „втората бугарска држава“!?! Или, пак, тоа засега го остава за некое друго време кога, или ако, некои албански политичари, исто како нашиве недоветни и неуки политичари, ќе ѝ дадат таква шанса – што за албанските е малку веројатно.
Сервилноста и неспособноста на нашите политичари, кои ги газат и се пазарат со најсветите белези на македонскиот народ и држава, ја користат бугарските политичари, и со негирањето на македонската самобитност и на нивната фашистичка улога во Македонија, се чаталат не само на домашната, туку се осилија и на меѓународната сцена – што е во сооднос со западноевропскиот тренд на „заборавање“ на нивното фашистичко минато со туркање под черга (9 Мај не е повеќе Ден на победата над фашизмот), како и со напоредниот тренд на повампирениот западноевропски фашизам, та ЕУ премолчено ги одобрува ваквите постапки, како и т.н. културни клубови со имиња на фашистички ликови од Бугарија, што Бугарија почна засилено да ги отвора во нашава држава.
А пак, по несоодветното постапување на нашите сервилни и поткупливи политичари буквално зачести бугарското дивеење. Така на настан за одбележување на денот на убиството на тетовската „Бугарка“ Мара Бунева, среде главниот град на Македонија се вееше знаме на туѓа држава со слоган дека „Македонија е бугарска“ и тоа ни помалку ни повеќе туку од еден европратеник и копретседател на политичка партија во Бугарија (ВМРО-БНД) – Ангел Џамбаски, придружен од членови на бугарската фондација „Македонија“, а што беше проследено со скандалозен молк од државните органи и понижувачко однесување од нашите политичари кои го омаловажуваа и потценуваа таквото однесување.
Со такво недржавничко однесување, не водејќи сметка за македонските национални и државни интереси, туку првенствено за личните, нашите политичари всушност го охрабруваат бугарското однесување, та така, за денот на раѓањето на Г. Делчев, од бугарската фондација „Македонија“ се подготвува доаѓање на стотици бугарски граѓани (за одбележување на неговото раѓање) со изјави на истиот бугарски европратеник дека ќе им сечел раце на Македонците, дека Бугарите ќе ја земеле работата во свои раце, ќе се врателе на старите навики на организацијата (очигледно на врховистичката ВМРО), додека пак Македонците од земјава како и од соседните земји се спремаат да го чуваат гробот на Гоце од насилници и дека на европратеникот нема да му дозволат да се доближи до црквата „Св. Спас“, каде што почиваат моштите на Гоце. И како што се вели во народната мудрост – Гоце сигурно се превртува во гробот.
И кога работите стигна до точка на вриење нашите политичари, по свадба тапани, почнаа да даваат остри изјави и се сетија дека за вакви закани секоја здраво уредена држава презема законски мерки одамна воспоставени и вообичаени во целиот свет, на што беа повикувани од македонските граѓани, па дури најавија дека можеби ќе ги преземат!!!
На таквата најава европратеникот возврати со изјава дека „Македонија била, и е, бугарска“, па дури се закани со атентат на претседателот на државата. Е па, „сами си го баравте“ би им рекле, на нашиве политичари, злобниците. И со право, зашто ако некому му дозволиш неказнето да те навредува, тој ќе почне и да те тепа, па можеби и ќе те убие.
Интересно е тоа што грчкиот слоган „Македонија била, е и ќе биде грчка“, сега се присвојува од Бугарите со менување на придавката „грчка“ во „бугарска“, па за овaa нивна постапка може да се примени бугарската изрека на којашто Б. Борисов го потсети нашиот поранешен премиер: дека на Бугаринот отпосле му текнува. Та, така на Бугарите отпосле им текна да го искористат грчкиот слоган за Македонија.
Ама затоа не им текнува дека Гоце Делчев е роден во егејскиот дел на Македонија којшто го приграби Грција, та ако толку сакаат да го слават „Бугаринот“ Гоце, треба да одат во Кукуш или Килкис, кај што е роден Гоце, па таму нека се чаталат ако имаат храброст, да не кажам нешто друго – како во народната изрека. И ако смеат, таму нека кажат на чија земја, т.е. во каква Македонија (бугарска?) е роден Гоце, па нека видат како ќе си поминат. Или можеби Бугарија и Грција ќе ни покажат како се чествуваат историски личности на европски начин! Та, нели и двете се членки на ЕУ!
Можеби тоа некогаш и ќе го видиме, но на некоја друга галаксија и во некое идно време.
Наде Проева
(Авторката е универзитетска професорка – историчарка)